Македонија
Едукативен проект на рудникот „Саса“ за запознавање на најмладите со природните вредности и нивната заштита
Рудникот Саса, со група независни автори, издаде книга за најмладите членови на заедницата наменета за нивно запознавање со природните убавини. Целта на книгата „Јасмина низ Осоговските Планини – приказна за запознавање на природните вредности и како да ги заштитиме“ е да се збогати литературата за деца на македонски јазик посветена на проучување на природата, како и да се даде придонес кон градењето на свесноста за потребата од зачувување на животна средина.
Книгата, која првенствено е наменета за деца и ученици до петто одделение, претставува едукативно еколошко четиво, кое преку автентичен стил на раскажување и градење на приказната го води читателот низ природните карактеристики на околината на рудникот Саса и Осоговските планини, нивните природни убавини и биолошка разновидност.
Книгата содржи и насоки за безбедно движење и правилно однесување во природа, а во неа, на соодветен начин, е опишана и симбиозата помеѓу рударството и природата, која со векови постоела во овој регион, како и активностите што ги презема рудникот Саса за одржување на ваквата рамнотежа.
Автор на текстот на книгата е биологот и едукатор Кирил Арсовски-Пржо, а цртежите се на младата наградувана илустраторка Софија Ситновска.
Упатувајќи благодарност до целиот тим кој работеше на реализацијата на овој едукативен проект, раководителот на службата за заштита на животната средина во Рудник Саса, Марија Стојановска изјави: „Идејата за реализацијата на овој проект произлезе од фактот дека свесноста и љубовта кон природните убавини започнува да се создава уште од најмала возраст. Затоа ние во рудникот Саса со посебно внимание и посветеност се ангажиравме во изработката на оваа прекрасно илустрирана книга која веруваме дека децата ќе ја засакаат и ќе придонесе за збогатување на нивите познавања за природата во која живеат и ги опкружува и која ќе биде еден вид патоказ за тоа како треба да се однесуваат кон неа“.
Најголем дел од тиражот на книгата рудникот Саса ќе им го отстапи на општинското основно училиште, детската градинка и општинските и градски библиотеки низ источниот регион, како и во други делови од земјата, а примероци од книгата ќе бидат доставени и во дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица.
Ова едукативно издание е уште една од низата општествено одговорни активности што ја спроведува Рудник Саса, во рамки на својата долгорочна стратегија за одржлив развој и просперитет на заедницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

