Македонија
СДСМ повика на оставки: Со донации на лекови не се менаџира кризата на Онкологија

Десет дена нема лекови на Онкологија и проблемот се уште не е решен, луѓе умираат секој ден поради неспособноста на власта да обезбеди соодветна терапија, велат утрово од СДСМ.
Опозициската партија критикува дека власта наместо да формира кризен штаб, да направи регистар и план за набавка на лекови, ќе го решава проблемот со донации, што е несериозно и нема да обезбеди системско решавање на недостатокот на лекови.
СДСМ ги повика директорот на Клиниката за Онкологија, Игор Стојковски, Директорот на Фондот, Сашо Клековски и министерот за здравство, Таравари, веднаш да поднесат оставки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шукова: „Во следните 15 месеци – 15 нови паркови и 10.000 садници низ Скопје“

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, денеска истакна дека во рамки на својата програма предвидува зелен развој и обновување на јавните површини низ сите скопски општини.
„Локациите се веќе мапирани – дел ќе бидат нови зелени површини, а дел реконструкции на паркови што се во лоша состојба” -рече Шукова.
Таа посочи дека покрај парковите, ќе бидат засадени и 10.000 нови дрвја, меѓу кои и овошни садници, како дел од заложбата за поубав и поздрав град.
,,Покрај зимзелени и листопадни дрвја, ќе засадиме и овошни дрвја нешто што Скопје го имаше пред 20–30 години. Време е да ја вратиме таа традиција и да го направиме градот поубав, зелен и животен,“ рече Шукова.
Македонија
Центарот за мајка и бебе – 1 година работа, 167 среќни семејства

Центарот за мајка и бебе во Клиника Жан Митрев одбележува една година успешна работа исполнета со радост, посветеност и стотици среќни моменти. Во текот на првата година од функционирањето, овој современ центар за породилна и неонатолошка грижа помогна да се родат 167 бебиња и создаде 167 нови семејства.
Во изминатите дванаесет месеци низ Центарот поминаа бројни емотивни приказни – од најмалото бебе родено со тежина од само 1270 грама, до најголемото бебе спонтано родено со 4630 грама. Секоја од нив е доказ дека знаењето, искуството и технологијата кога ќе се обединат, го создаваат најубавото нешто – нов живот.
„Создадовме породилен центар каде мајката и бебето се во фокусот – со безбедност, удобност и топлина што секое семејство ја заслужува. Нашата визија е секое породување да биде убаво искуство, ослободено од страв и неизвесност, а исполнето со доверба, професионализам и грижа. Во оваа една година докажавме дека и во Македонија може да се развива акушерство според највисоките светски стандарди – со врвна медицинска технологија, тим од искусни специјалисти и пристап кој ги спојува науката и хуманоста“, изјави медицинскиот директор д-р Емил Стоицовски.
Центарот за мајка и бебе е изграден на површина од над 800 метри квадратни и опремен со најсовремена медицинска технологија. Располага со две родилни сали, операциона сала, соби за будење, неонатолошка и гинеколошка ординација, како и комфорни апартмански соби кои овозможуваат приватност и удобност во постпородилниот период. Областите во кои делува Центарот ги опфаќаат сите три тримесечја од бременоста, спроведување на дијагностички испитувања, ХСГ лабораторија, генетски испитувања како амниоцинтеза, хорионбиопсија, ултразвучни и неинвазивни пренатални тестови.Тимот кој се состои од гинеколози акушери, неонатолози, анестезиолози, акушерки и медицински сестри, овозможува целосна грижа пред, за време и по породувањето, достапна 24 часа дневно.
Одделот за неонатална интензивна нега (NICU), кој работи во склоп на Центарот обезбедува третман и згрижување на предвремено родени и ризични новороденчиња. Еден од најзначајните моменти во изминатата година беше породувањето на тројка бебиња, родени во 31-та гестациска недела. Овој редок природен случај ја потврди високата стручност и подготвеност на медицинскиот тим, но и ја симболизира хуманоста и посветеноста кон секое новороденче.
Центарот нуди целосен спектар на услуги за мајката и бебето – следење на бременоста, дијагностички и генетски испитувања, неинвазивни пренатални тестови, постпартална нега и советување. Особено внимание се посветува на индивидуалниот пристап, при што гинекологот кој ја водел бременоста е присутен и при самото породување, овозможувајќи доверба и континуитет во најважниот момент.
Со само една година работа, Центарот за мајка и бебе се позиционира како водечки породилен и неонатолошки центар во земјата, кој секојдневно докажува дека успехот се мери во најубавата мерна единица – нов живот.
ПР
Македонија
„Дрисла“ со години е извор на загадување и здравствени проблеми за граѓаните: Меџити го најави почетокот на изградбата на заштитната ограда околу депонијата

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ја посети депонијата „Дрисла“, каде што го најави почетокот на работите за изградба на заштитна ограда околу депонијата, проект со кој се реализира барањето на жителите на селото Батинце за заштита од кучињата скитници и расфрланите отпадоци.
Меџити, во придружба на претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, изјави пред медиумите дека уште од првиот ден од преземањето на функцијата министер за животна средина се соочил со еден од најголемите предизвици на главниот град, лошото и неорганизирано управување со депонијата „Дрисла“ но нагласи дека со овој проект започнува нова фаза на нејзино уредување и контрола.
„Оваа депонија со години претставува извор на загадување и здравствени проблеми за граѓаните и била предмет на бројни реакции од жителите на околните населби, особено од Батинце. По неколкуте средби што ги имав со нив, ветив дека ќе преземеме конкретни мерки, и денес работите веќе започнаа“, рече Меџити.
Министерот потенцираше дека со овој проект се зајакнува физичката заштита на просторот и се преземаат одржливи мерки за заштита на јавното здравје и животната средина.
Со средства обезбедени од Министерството за животна средина, во вредност од 9 милиони денари, ќе се изгради ограда долга 4.800 метри и висока 1,5 метри, поставена на 1.500 метални столбови, со двојна бодликава жица и бетонски темели, со што ќе се оневозможи неовластен влез и ќе се намали загадувањето, според најавите.
„Депонијата ‘Дрисла’ има стратешко значење за целиот регион на Скопје. Во соработка со Град Скопје и надлежните институции, ќе продолжиме да инвестираме во нејзина модернизација и трансформација во современ центар за рециклирање на отпадот,“ изјави Меџити.