Македонија
Сиљановска-Давкова го посети Јагелонскиот универзитет во Краков и оствари средба со македонистите од Полска

За време на престојот во Република Полска, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова посети една од најстарите високо-образовни институции – Јагелонскиот универзитет во Краков, како и Лекторатот по македонски јазик при овој Универзитет, каде оствари средба со полски слависти и македонисти.
Во разговорот, претседателката беше запознаена со историјата на Универзитетот и Лекторатот по македонски јазик, работата и научните достигнувања на полските слависти и македонисти, со интересот на полските студенти за изучување на македонскиот јазик, како и со нивните активности, проекти и заложби за промоција на македонскиот јазик во Полска.
Македонистите вклучени во Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, говореа за културната и образовната размена меѓу двете земји, како и за македонско-полското пријателство. Воедно, тие укажаа на потребата од поголема државна поддршка во финансирањето на преводи и научни трудови од македонски на полски јазик и обратно.
Претседателката Сиљановска-Давкова го поздрави нивниот долгогодишен образовен ангажман во негувањето и промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура и изрази благодарност за посветеноста на полските македонисти во афирмацијата на македонската реч и мисла во меѓународната академска средина. Таа вети дека ќе се заложи за интензивирање на научната соработка, со што се релативизира далечината меѓу двете земји.
Соговорниците изразија особено задоволство што, покрај на Јагелонскиот универзитет каде Лекторатот по македонски јазик е отворен уште во академската 1974/75 година, македонскиот јазик се изучува и во други образовни институции во Полска. Имено, Лекторат по македонски јазик активно функционира и на Факултетот за хуманистика во Сосновјец при Шлезискиот универзитет во Катовице, центар на кој македонистиката се изучува на сите циклуси на студии – од додипломски до докторски. Македонскиот јазик како главен предмет се изучува и на Катедрата за словенска филологија при Универзитетот „Адам Мицкјевич“ во Познањ, а како втор предмет е воведен и на Универзитетот во Ополе.
Воедно, претседателката го посети и музејот на Јагелонскиот универзитет „Collegium Maius“ – најстарата зграда на Универзитетот, која датира од 14 век и континуирано се користи повеќе од 600 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ем шуто, ем боде“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на најавата на СДСМ

„ВМРО-ДПМНЕ има одговор до СДС за овие нивни обиди за спас на нарачателите и организаторите на следењето на опозицијата, и за дефокус на јавното мислење од нивните злодела, недемократско и забегано однесување на власт“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на најавата на СДСМ.
„Тоа е власт која додека крадела и пљачкала, правела предавства и ги уништувала институциите како што правеа тие и ДУИ, ја држела опозицијата тогашна ВМРО-ДПМНЕ под присмотра и ја следеле базирано на фабрикувани основи.
Одговорот е, ем шуто ем боде. Македонија нема да ви прости! Македонија памети и нема да ви заборави“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Најголеми виновници за Вардариште и загушеното Скопје се Мицкоски и неговите градоначалници“, велат од СДСМ

„Скопје денеска буквално се гуши поради неспособноста на власта и градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Најголем симбол на таа неспособност е дивата депонија Вардариште, извор на загадување и закана по здравјето на над 150 илјади граѓани од Аеродром и Гази Баба“, велат од СДСМ.
„Виновни за оваа катастрофална состојба и загушеното Скопје се Мицкоски и неговите градоначалници. Четири години двајца градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, не ги исполнија ветувањата и не најдоа решение за една дива депонија. Четири години ветувања кои се покажаа како големи лаги, а резултатот е чад и опасност за здравјето за скопјани.
Орце Ѓорѓиевски, наместо решенија ги манипулира скопјани.
Доста беше лаги и неспособност. Време е за вистински решенија кои ги има СДСМ и Каја Шукова, време е Вардариште да стане безбедна локација а не еко-бомба под прозорите на скопјани“, соопшти СДСМ.
Македонија
Нема активни пожари низ државата, под контрола е еден

Во последното деноноќие, до 07:00 часот утрово на територијата на Македонија имало вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни нема, под контрола е еден пожар, а изгаснати се седум пожари, извести Центарот за управување со кризи.
Како што извести ЦУК, под контрола е пожарот во општина Гевгелија – планина Кожуф (приземен пожар).