Култура
Соло концерт на пијанистката Анастасија Кочева

На 31 јануари, петок, во Културно информативниот центар – Салон 19’19, концерт ќе одржи пијанистката Анастасија Кочева. На програмата се дела од Франц Шуберт и Морис Равел.
Детална програма:
Франц Шуберт – Три композици за пијано (Franz Schubert – Drei Klavierstücke D 946)
Mорис Равел – Огледала (Maurice Ravel – Miroirs)
Анастасија Кочева (1997) е дел од новата генерација активни и надоаѓачки пијанисти на домашната сцена. Своето формално музичко образование го започнува на 7 годишна возраст а го заокружува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на д-р Ана Гацева, каде дипломира и магистрира. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари.
Освен на класичната, таа е активна и на алтернативната и независна музичка сцена, создавајќи авторска електронска музика како и со учество во различни импровизациски формации. Минатата година го објави нејзиниот деби албум насловен „Тар“, во издание на „Стотројка“ – издавачка куќа зад која стои независното радио „Канал 103“.
Моментално работи како наставник по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Скопско лето: В понеделник џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан

Дирекцијата за култура и уметност на Скопје в понеделник повикува на џез концерт на Ѓорги Шаревски трио во Сули ан со почеток во 20.30 часот. Покрај Шаревски, ќе учествуваат и Акира Накамура од Окинава, Јапонија на тапани и Оливер Јосифовски на контрабас.
„Извонредна интеркултурна соработка, каде што триото на Георги Шаревски се обединува со еминентниот јапонски тапанар Акира Накамура за динамичен настап што умешно ја обединува источната прецизност со европската џез естетика.Предводено од македонскиот гитарист и композитор Георги Шаревски, фокусот на ова посебно трио се автентични авторски композиции, прецизна меѓусебна комуникација и соврмени хармонски структури. Со приклучувањето на Накамура и неговиот изразен ритмички јазик и смела импровизациска визија, овој исклучителен настап претставува возбудливо музичко патување исполнето со спонтаност, експлозивна енергија и бесконечен грув“, велат од Дирекцијата за култура и уметност.
Публиката ќе има можност да слушне внимателно избрана програма составена од авторски композиции, кои ги прошируваат хоризонтите на современиот џез израз.
Култура
Џез концерт на 30 јуни – Георги Шарески Трио во Сули ан

Во рамки на програмата на Скопско лето на 30 јуни (понеделник) во 20:30 часот во Сули ан (Стара Чаршија) ќе се одржи концерт на Георги Шарески Трио.
Организаторите велат дека овој концерт претставува извонредна интеркултурна музичка соработка, каде што триото на македонскиот гитарист и композитор Георги Шарески се обединува со врвниот јапонски тапанар Акира Накамура, како и со истакнатиот контрабасист Оливер Јосифовски. Настапот нуди динамична комбинација на автентични авторски композиции, ритмичка прецизност, импровизација и бесконечен џез грув.
Програмата опфаќа внимателно избрани композиции кои ја истражуваат границата помеѓу современиот џез и традиционалната музика, исполнета со енергија, спонтаност и иновативност. Ова е прво гостување на Акира Накамура во Македонија – музичар со светска кариера, кој има соработувано со имиња како Хироми Уехара, David Fiuczynski и BIGYUKI.
Билетите се продаваат по цена од 400 денари, и можат да се набават на влезот од Сули ан, на денот на настанот и онлајн преку платформата Купи карти: https://www.karti.com.mk/skopsko-leto.nspx.
Култура
Почна седмото издание на филмската ревија „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм

Во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, вчера вечер се одржа свеченото отворање на седмото издание на филмската ревија „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, кое оваа година се одржува во знакот на 75 години постоење на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
Настанот на едно место обедини филмски уметници, претставници на институции и љубители на македонскиот филм, а воедно претставуваше и можност за одбележување на творештвото и работа на генерации творци. На свеченоста беа доделени и почесните награди „Златна Рамка“ на Јордан Симонов како истакнат филмски актер, на Роберт Јанкуловски за истакнат филмски автор и Алисија Ферро за истакнат филмски работник.
Во знак на длабока почит, ДФРМ постхумно додели плакети на седум истакнати филмски дејци кои дале неизмерен придонес во македонската кинематографија:
· Јован Бошковски – Прв претседател на ДФРМ, писател, филмски критичар, сценарист. Неговите дела како „Растрел“, „Бегалци“ и „Солунските атентатори“ се клучни за македонската литература и филм. Автор на сценаријата за „Солунските атентатори“ и „Под исто небо“, соработник на „Мементо“ и „Републиката во пламен“. Неговиот придонес е незаменлив во развојот на македонскиот филм.
· Кирил Билбиловски – Пионер на македонската кинематографија, еден од првите уметнички фотографи и филмски сниматели во Македонија. Неговото име стои и на првиот македонски игран филм „Фросина“, а во неговиот опус се вбројани преку 100 документарни и десетина играни филмови. Добитник на бројни награди за режија и камера, Кирил има оставено траен белег во историјата на македонскиот филм.
· Никола Лазаревски – Никица – Еден од најпознатите сценографи на македонската кинематографија, со над 50 филмски проекти. Познат по филмовите „Les cavaliers de l’orage“, „ Среќна Нова’49“ и „Пред дождот“. Уметник кој создаваше атмосфера и визуелен идентитет на македонскиот филм.
· Јордан Јаневски – Тон-снимател и тонски монтажер, дел од „Вардар филм“ од 1950 до 1991 година. Автор на звукот на преку 120 филмови, добитник на Златен медал Белград за најдобра тонска обработка за „Огнена бригада“. Професионалец со огромна посветеност и еден од клучните творци на македонската кинематографија.
· Делчо Михајлов – Македонски карикатурист, режисер и аниматор и директор на Фестивалот „Браќа Манаки“. Од рана возраст со карикатури и бројни изложби во
светот, автор на повеќе анимирани филмови, меѓу кои „Хомо Екраникус“. Неговиот придонес во визуелната уметност и филмот е непроценлив.
· Ѓорѓи Ѓорѓиевски – Џокер – Организатор, водач на снимање и незаменлив мајстор на „магијата на сетот“. Со речиси 60 години искуство, работел на голем број македонски и странски филмови.
· Милосав Крстевски – Ага – Светло-мајстор зад голем број култни филмови, меѓу кои и „Тетовирање“, „Среќна Нова ’49“ и „Тумба Маџари“. Неговиот труд создаде незаборавни атмосфери што ги красат македонските филмски остварувања.
Дополнително, ДФРМ се заблагодари и на три клучни партнери кои со својата поддршка оставиле траен белег врз развојот на македонската филмска уметност: Кинотека на Македонија – за долгогодишната посветеност на филмската култура и поддршка на ДФРМ во афирмирањето на македонскиот филм; Општина Битола – за негувањето на традицијата на Фестивалот „Браќа Манаки“ и придонесот кон филмот и препознатливиот културен идентитет на градот; и Агенцијата за филм на Северна Македонија – за континуираната поддршка во реализацијата на домашни филмски продукции и нови креативни проекти.
Настанот беше одбележан со емотивни моменти, аплаузи и пораки за континуитет, почит и заедничка мисија – да се чува, развива и споделува македонскиот филм со светот