Македонија
Луксузни чанти, пасоши за миленичиња – царината заплени повеќе предмети

Спречени се обиди за криумчарење на луксузни чанти, цигари, масло како и пасоши за миленичиња
– Две пријателки кои патувале со лет од Париз во договор со македонски моден креатор кој престојува во Франција се обиделе во државава да криумчарат 16 луксузни чанти од брендот Loewe со вкупна вредност од 3,1 милион денари. Кога слетале на Меѓународен Аеродром Скопје патничките се упатиле на зелен канал со намера нелегално да пренесат чанти од луксузни брендови и да избегнат плаќање давачки кон државата во висина од 924 илјади денари. Истиот момент царинските службеници ги застанале за детална контрола при што во куферите на една од патничките, инаку македонски државјанки, ги пронајдоа луксузните ташни. Против неа е поднесена кривична пријава до Основно Јавно Обвинителство Скопје заради сомнение дека сторила кривично дело криумчарење.
– Во јавен царински склад помеѓу стока со потекло од Кина наменета за увозник во Скопје, мобилен тим пронајде 132 бормашини, кои не биле опфатени со царински документи.
– Службата за мобилни скенери при контрола на товарно моторно возило на излез од државата на граничен премин Табановце откри 40 штеки цигари сокриени во горниот дел од кабината на влекачот.
– Брачен пар се обидел преку граничен премин Блаце во државата да криумчари 72 пара патики со вкупна вредност од околу 100 илјади денари. Во намерата се спречени од мобилен тим кој при контрола на возилото помеѓу седиштата и во багажникот ги откри непријавените производи.
– Мобилен тим на излез од државата на граничен премин Деве Баир при контрола на автобус во еден ранец и патничка торба откри 58 пасоши за домашни миленици со турски сериски броеви. Сопственик на пасошите бил турски државјанин, водич на автобусот кој сообраќал на релација Косово-Турција.
– На влез во државата на граничен премин Богородица царинските службеници при контрола на камион со бугарски регистарски таблички во просторот за палети открија 85 литри ладно цедено маслиново масло.
– 56 женски чанти се пронајдени во багажниот простор и резервната гума на автомобил со косовски регистарски таблички, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничен премин Богородица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.