Македонија
(Видео) Филипче: Владата треба да ги заштити граѓаните од високите цени

Владата е одговорна да се грижи за граѓаните да не доживуваат вакви цени, поради тоа што таа е одговорна за формирањето на цените, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче кој е во дводневна работна посета на Хрватска, на средби со раководството на хрватската Социјалдемократска партија (СДП).
– Еве и тука, во Хрватска, има протест на граѓаните за високите цени на маркетите. Кај нас навистина загрижува ноншалантноста и незаинтересираноста на Владата да преземе некакви мерки. Дури со одреден цинизам би рекол, ги поддржуваат граѓаните да протестираат, а всушност протестот на граѓаните, освен за високите цени и кон маркетите, треба вистински да биде насочен кон Владата, поради тоа што таа е одговорна за формирањето на цените. Владата е одговорна да се грижи граѓаните да не доживуваат вакви цени. Посебно во ситуација кога нема никаков слух за зголемување на нивните плати, еден систем кој што ние го воспоставивме во минатото и сега како опозиција не одговара на нашите повици и предлог закони за зголемивање на минимална плата. Жалосно е што ова го прави со граѓаните, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
АМСМ: Зголемена е фреквенцијата на возила поради летните одмори

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, но на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Термините се следни:
петок од 17:00 – 22:00 часот,
сабота од 09:00 до 18:00 часот и
недела од 09:00 до 22:00 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Милошоски за Коцевски: Најдобро е да си поднесе оставка, бидејќи спонзорството од ДУИ и СДСМ само ќе му го руши угледот

Со денешното гласање во Собранието паднаа маските околу тоа кој е политичкиот покровител на Државниот јавен обвинител Коцевски и неговото раководно друштво во обвинителството, напиша во објавата на социјалните мрежи Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, одговорот е јасен.
„Истите политичари од ДУИ и СДСМ кои во февруари 2024 година го предложија и гласаа „За“ изборот на Коцевски за јавен обвинител, денес не се осмелија да гласаат за негова недоверба. И покрај тоа што државниот обвинител има неколку крупни професионални грешки за кои заслужува разрешување, сепак фактот што токму Коцевски најдобро ги знае индициите за висока корупција направена од високи функционери од СДСМ е оној политички кредит што пратениците на Филипче и Оливер Спасовски мораат сеуште да го отплаќаат со заштита на функцијата на обвинителот“.
Како што оценува Милошоски, дури и пораката од СДСМ до Државниот обвинител дека од него зависело дали ќе бил “со штитот или на него”, повеќе звучи како кодиран сигнал од еден кон друг бизнис клан, отколку како парламентарен принцип поврзан со владеењето на правото.
Сепак, вели тој, добро е што ВМРО-ДПМНЕ остана доследна на своите позиции и тука не треба да се застане.
„Иако денес ги видовме политичките покровители на Државниот обвинител во Собранието, сепак корозијата на репутацијата на ЈО во најголем ја прават десетина актери внатре во самото обвинителство. Заради ваквите околности, како и заради силната порака која денес ја доби од Собранието, најдобро е ЈО Коцевски да си поднесе оставка, бидејќи спонзорството од ДУИ и СДСМ само дополнително ќе му го руши и угледот, и интегритетот на обвинителството во целина“, пишува Милошоски.
Македонија
(Видео) Драчево бара лежечки полицајци на „Јустинијан Први“: Не утре, туку сега, пред да има мртви

„Колку животи треба да се изгубат на улица „Јустинијан Први“ за конечно да се преземе нешто?
Денеска повторно автомобил излета од коловозот и заврши во двор на жител. Само по среќа немаше жртви. Но до кога ќе се потпираме на среќата? Утре тоа може да биде нечиј син, ќерка или родител згмечен на тротоар“, реагираат граѓаните преку социјалните мрежи на ѕидот на општината Кисела Вода по тешка сообраќајка на улицата.
„Години наназад алармираме на оваа улица се вози како на автопат! Нема лежечки полицајци, нема контрола. Се што некогаш беше поставено, одамна е уништено од нашите сонародници, во 3 часот ноќе со копач ги корнат и со камиони кочат на нив да ги одкорнат, а институциите молчат. Нивната незаинтересираност е директна закана за животите на жителите“, стои во објавата.
Доста е, како што вели во напишаното револтиран жител, со празни ветувања и молк.
„Бараме итни мерки, поставување на лежечки полицајци. Не утре, не, кога ќе има средства, туку сега пред да има мртви!
Ако општината и надлежните органи продолжат да си ги затвораат очите, секоја идна несреќа и секоја изгубена жртва ќе биде нивна одговорност нивно злосторство со премолчена дозвола!
Градоначалниче Орце Ѓорѓиевски, те повикуваме да реагираш!
Жителите на оваа улица очекуваат од тебе итно да се постават лежечки полицајци.
Време е безбедноста на граѓаните да биде на прво место пред да дојде до трагедија“, стои во напишаното на социјалните мрежи.