Македонија
„Разбирлива е недовербата во институциите“ – Toшковски најави построги контроли, но најважно е виновниците да бидат санкционирани

Министерот за внатрешни работи излезе со став во јавноста по смртта на 22-годишната Фросина Кулакова, која беше усмртена на „Партизанска“ од 20-годишниот Васил Јованов, кој бил во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола, а улицата ја поминал на црвено светло. Тој има и проблематично минато со дрога поради што завршил само во поправна установа со одлука на судија, а и претходно предизвикал сообраќајна незгода без возачка за која поминал со платени 18.000 денари.
Министерот Тошковски изрази сочувство до семејство на девојката и констатира дека јавноста во случајот со право прашува како е можно лице со криминално досие, без возачка дозвола, со голем број претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот. Ова не се само дилеми за дискусија, вели министерот, туку реален и сериозен проблем, што бара конкретни и неодложни решенија.
Тој соопшти дека возачот е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази, но тоа не ја враќа Фросина и не го менува фактот дека системот дозволил ваков рецидивизам.
„Ова е точката од која мора да се преиспита дали постојните законски решенија се доволни? Дали воспитните мерки за сторители на сериозни дела носат резултати или само создаваат нови жртви? Дали висината на кривичните санкции за најтешките кривични дела во областа на сообраќајот е соодветна или е премногу блага за да има реален превентивен ефект?“, вели Тошковски.
Најави дека ставањето во функција на системот „Безбеден град“ ќе се овозможи автоматско санкционирање на сообраќајните прекршувања, без селективна правда, без оправдувања, без влијание на човечки фактор. Контролата ќе биде построга, казните неизбежни. Но, ниедно техничко решение нема да биде доволно ако правосудниот систем не гарантира соодветно санкционирање, особено за оние што веќе еднаш покажале дека се опасност за другите, вели Тошковски.
Според него, гневот е разбирлив, а недовербата во институциите е оправдана, но ова не смее да заврши само со пишување гневни статуси на социјалните мрежи и со протести што ќе траат неколку дена. Промените мора да бидат реални. Секој во системот мора да ја понесе својата одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Романец осомничен за тешка кражба во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против романски државјанин, осомничен дека во Скопје извршил кривично дело – Тешка кражба според член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик.
Осомничениот 41-годишник делото го извршил на 21 март, во Ѓорче Петров, кога на дрзок начин и со сила одзел златен ланец со крст од еден оштетен, тргајќи му го од вратот. Потоа почнал да претура по полицата од дневната соба, ја отворил фиоката и одзел 2.500 денари. Така осомничениот се стекнал со вкупна противправна имотна корист во износ од 11.500 денари, по што веднаш се дал во бегство.
Имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин без регулиран престој во државава, јавниот обвинител оцени дека постои опасност од бегство и до Судот достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
Јакимовски: Карпош не е кафана, туку сериозна општина

Карпош е сериозна општина и народот тоа го знае. Народот е со мене, а вистината ќе ги стигне и нив, се вели во соопштението од ГРОМ од актуелниот и кандидат за градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски.
„Кога ВМРО-ДПМНЕ нема аргументи, тогаш пуштаат соопштенија со лаги и навреди. А најиронично од сè е што во Карпош ни го доведоа за кандидат човек кој до вчера седеше по кафани, со купена диплома пред една година, и единствено искуство му е чашката, а не проекти и работа
Граѓаните треба да знаат дека овој нивни „кафанџија-кандидат“ денеска седи во канцеларија и оперира со државниот буџет. Преку фирмата Алкалоид Конс се набавуваат лекови за Онкологија – па нека проверат зошто доцнат терапиите и колку тендери имаат добиено. Таму лежи вистинската приказна.
Докторите од Онкологија имаат многу што да кажат. Јавноста има право да знае дали профитот и договорите им се поважни од здравјето на пациентите.
Затоа, наместо да измислуваат лаги за Карпош, нека одговорат на едно едноставно прашање: Кој профитира од тендерите за лекови и кој го пушти „кафанџијата“ да биде кандидат за Карпош?
Карпош не е кафана, ниту ќе биде експеримент на нивните школски другарчиња. Карпош е сериозна општина и народот тоа го знае. Народот е со мене, а вистината ќе ги стигне и нив“, вели Јакимовски.
Македонија
Петмина добија труење од храна откако јаделе во сендвичарница во Штип

Пет лица пријавиле симптоми на труење со храна по јадење сендвичи со пилешки стек во сендвичарница–киоск во Штип, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Објектот е веднаш затворен до добивање на резултатите од лабораториските тестирања.
Случајот бил пријавен од Центарот за јавно здравје Штип, по што инспекторите на АХВ извршиле вонреден инспекциски надзор кај операторот со храна.
Земени се примероци од инкриминираната храна и брисеви од работните површини. Објектот е времено затворен сè додека не се потврди неговата безбедност со лабораториските резултати – велат од АХВ.
Граѓаните кои се пожалиле на симптоми на труење побарале медицинска помош, а здравствените служби го следат нивното здравствено состојба.
Од Агенцијата нагласуваат дека инспекциските служби ќе продолжат со контроли за да се обезбеди заштита на потрошувачите и превенција на слични случаи.