Македонија
СДСМ: Бојкотот е порака и за власта која не ги спречи енормните поскапувања

Граѓаните самите се организираа и преку бојкот на маркети крена глас против високите цени и енормните поскапувања, велат од СДСМ.
„Бојкотот е порака и за власта на Мицкоски која не ги заштити граѓаните, не презеде навремени и ефикасни мерки и не го спречи растот на цените.
Токму Мицкоски, на 5 декември 2024 година, на прес конференција во Владата ја промовираше „кошничката“ и рече дека над 600 производи ќе поевтинат.
Па потоа тераше евтини ПР кампањи и ги убедувавте граѓаните дека кошничките имаат ефект, дека цените се намалени.
Но, наместо да се намалат цените се зголемија. Затоа што Владата им оставив време на големите трговци да ги покачат цените на производите пред да стапи мерката во сила.
Буквално се поскапе. Зејтинот, јајцата, млечните производи, шеќерот, грашокот, гравот, леќата….Синдикалната кошничка се искачи на 63 илјади денари а платите стагнираат. Дестина милиони евра се испумпани од џебовите на граѓаните.
Сиромаштијата расте а власта нема економски мерки и политики кои ќе одговорат на потребите на граѓаните.
СДСМ предлагаше конкретни мерки и решенија за да се спречи растот на цените, како законот за намалување на ДДВ на храната на 0%, законот за зголемување на минималната плата, предлозите за зголемување на платите по сектори.
Но, арогантната власт тоа го одби.
Затоа, целосно е разбирлив револтот на граѓаните од поскапувањата и начинот на којшто тоа го покажаа“, пишува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Перински: Ветувањето на Владата влегува во завршна фаза и проектите го гледаат светлото на денот

На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, дискутираше министерот за локална самоуправа Златко Перински, се осврна на работата на Владата и нејзината поддршката кон општините со цел да се мотивираат градоначалниците и општинската администрација за креирање на проекти согласно потребите на граѓаните.
-Оваа Влада даваше средства на сите локални самоуправи на база на проекти коишто ги добивме како инпут од самите локални самоуправи, сакавме да ги мотивираме градоначалниците, да ја мотивираме општинската администрација да креира проекти коишто ќе бидат издржани согласно потребите на граѓаните и врз основа на тоа да испорачаме средства од централниот буџет за истите да се реализираат, рече Перински.
Министерот посочи дека во првиот јавен повик има 288 проекти од кои веќе 137 се завршени, а од двата повика се изградени и реконструирани училишта, изградба на патна инфраструктура, како и изградба на градинки, и спортски објекти.
-Во првиот јавен повик имаме 288 проекти којшто се влезени во рамка на финансирање во вториот јавен повик веќе се склучени договори за 828 проекти коишто се ефектуираат на терен, од првиот јавен повик од оние 288 проекти, 137 се завршени, ветувањето на Владата влегува во завршна фаза и проектите го гледаат светлото на денот. Од првиот и од вториот јавен повик се изградија и реконструираа 55 училишта за само една година, имаме преку 702 проекти коишто се насочени кон подобрување или изградба на нова патна инфраструктура, имаме градинки, 9 градинки се реконструирани или се изградени, 36 спортски објекти, кога ќе видете дека од 288, 137 проекти се веќе завршени не може да не очекувате или не може да не бидете мотивиран да продолжите понатаму, нагласи Перински.
Македонија
Пратениците се одморија, од утре почнуваат со редовни активности во Собранието

Пратениците од утре официјално почнуваат со работа по годишниот одмор. Претседателот на Собранието, Африм Гаши за утре закажа неформална средба со собраниските известувачи, на која ќе информира за тековните активности во законодавниот дом, по редовната координација со координаторите на пратеничките групи. До петокот на собраниската веб-страна освен брифингот со новинарите, Собранието немаше закажано други активности за следната недела.
Одморот на пратениците беше прекинат на 16 август кога беше свикана итна седница за Предлог на законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка кој не помина поради немање на Бадентерово мнозинство. Претходно, на 13 август седница одржа и Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која формира Комисија за селекција на кандидатите за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Вообичаено одморот на пратениците започнува по Националниот празник Илинден.
Претседателот на Собранието Гаши на 9 август ги распиша локалните избори за 19 октомври. Се очекува Собранието да одржува пленарни седници и седници на комисиите до пред почетокот на кампањата за локалните избори на 29 септември.
На последниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието потсети дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно пратениците ќе бидат повикани за седници.
Македонија
Османи: Овие избори се референдум за достоинството и еднаквоста на Албанците

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, остро ја критикуваше, како што рече, системската политика на новата влада насочена кон маргинализација и потиснување на Албанците. Во своето обраќање, тој порача дека не станува збор за изолирани случаи, туку за „координиран проект на елиминација“.
„Владата на ВМРО и ЗНАМ, предводена од Христијан Мицкоски, во полн интензитет продолжува да ја спроведува политиката која треба да ги отстрани Албанците од општествените текови, враќајќи ги на нивните периферни позиции од пред Рамковниот договор“, изјави Османи.
Тој го обвини премиерот Мицкоски за „длабока нетолеранција кон Албанците“, која, според него, се манифестира и на лично и на институционално ниво.
„Оваа политика на Мицкоски неретко ја гледаме како израз на неговиот личен карактер: ‘ќе ги вадиме за уши’, ‘ќе им го покажеме местото’, но и во неговата професионална, или службена поставеност на отстранување на Албанците од концентричните кругови на неговото најтесно окружување“, додаде Османи.
Како „особено понижување за Албанците“, тој го наведе и доделувањето на ресорот за Охридскиот рамковен договор на, како што го нарече, „Српскиот свет во земјава“.
„Како поинаку да се толкува доделувањето на клучната Владина позиција за спроведување, негување и унапредување на вредностите и придобивките од Охридскиот Рамковен договор директно во рацете на Српскиот свет во земјава“, рече Османи.
Тој предупреди и на други чекори кои, според него, ја потврдуваат оваа политика – укинувањето на Балансерот, маргинализацијата на Бадентеровиот механизам и исклучувањето на Албанците од политиките на Централната банка и финансиските институции.
„Овие механизми – Бадентер, Балансер, јазична застапеност итн., – претставуваат механизми за заштита од мајоризација, и токму тие се најголемата пречка за спроведувањето на крајната радикална националистичка политика на Мицкоски, ВМРО и ЗНАМ кон Албанците“, нагласи Османи.
Османи ја критикуваше и улогата на институциите, како Уставниот суд, ДИК и Централната банка, за кои рече дека се „прокси играчи“ на премиерот. Според него, особено „бедна“ е позицијата на, како што ги нарече, остатоците од ВЛЕН во Владата.
„Тие и самите се понижени и отстранети од масата кога Македонците носат одлуки, но уште потрагично, потоа мора да ја играат улогата на поданици – да ги спроведуваат, правдаат и да им даваат легитимитет на овие одлуки“, изјави Османи.
Тој порача дека претстојните избори се историски за Албанците.
„Ова не е повеќе обична политичка битка. Ова е историски миг во кој Албанците мора да се изјаснат – дали ќе прифатат повторно да бидат неми набљудувачи додека ги бришат од системот? Дали ќе дозволат повторно да бидат ‘толерирани’ наместо вреднувани?“, праша Османи.
Во своето обраќање, тој нагласи дека Албанците нема да се откажат од европската перспектива на државата.
„Албанците не сакаат да се откажат од европската иднина на оваа земја; не сакаат немо да гледаат како земјава се сели во прегратките на српскиот свет и кинеско – руските прегратки, туку сакаме да ја видиме како современа, прозападна земја, која е полноправна членка на НАТО и ЕУ“, изјави Османи.
Тој заврши со порака дека за сите кои не разбираат зошто овие избори се историски за Албанците – „наскоро ќе им се разјасни“.