Македонија
Николоски: Работиме да ја нормализираме цената на комерцијални станови на пазарот
Со одлуката за намалување на цената на комерцијални станови во Битола што ги гради државата, започнуваме со намерата да ги нормализираме цените на становите на пазарот. Следен чекор е Охрид и Скопје каде ќе понудиме пониски цени од тие што се нудат на пазарот на недвижности, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кој денеска присуствуваше на доделувањето на социјални станови во општина Кочани.
“Во следниот период ќе работиме на реализација на комерцијални станови. Јавноста е запозната со одлуката на Владата, комерцијалната зграда која што се гради во општина Битола да биде понудена на продажба по цени кои што се би рекол реални, а тоа е 1000 евра за м2 за станбена површина, 500 евра м2 за гаража и деловните простории по 2000 евра за м2, како би можело да се влијае на енормно високите цени на пазарот за недвижности, пред се во неколку големи општини. Следни вакви комерцијални станови ќе се градат во Охрид а ваков повик потоа ќе имаме и во Скопје бидејќи многу млади брачни парови не можат да си дозволат да плаќаат по 2000-2500 евра за станбен квадрат “- потенцираше вицепремиерот Николоски
Денеска во Кочани, вицепремиерот Николоски заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски и директорот на ЈП за станбен и деловен простор Марјан Стефановски, беа присутни на доделување на социјалните станови на семејствата кои ги исполнуваа условите согласно јавниот повик.
“После неколку месечна успешна работа на новиот директор на ЈП како и на неговиот тим веќе ги гледаме првите резултати. Завршена е процедурата во соработка со министерството за транспорт за распределба на социјални станови за ранливи категории на граѓани и во Кочани и во Велес. Се работи за категории на граѓани кои навистина имаат потреба од овие станови и се надевам дека среќа и топол дом во истите. Би сакал на сите кои што денеска ги добиваат, да им посакам поубави моменти во истите во годините што се пред нив”, истакна Николоски,
Тој додаде дека инвестицијата за социјалната зграда изнесува 72 милиони денар и дека се работи на изградба на вакви станови и во Прилеп, Македонска Каменица и Бутел во Скопје
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

