Македонија
Јанев: Мапирани се црните точки низ државата, нѝ требаат системски решенија за безбедноста во сообраќајот

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, изјави дека се направени детални анализи на сообраќајната ситуација во државата, при што биле мапирани критичните точки со најголем ризик за сообраќајни несреќи.
„Проблемот со сообраќајот е согледан и анализиран. Мапирани се критичните точки низ целата држава, не само во Скопје. Започнуваме со системски пристап за зголемување на безбедноста, во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и сите релевантни чинители“, истакна Јанев.
Тој кажа дека прекршувањето на сообраќајните правила може да има фатални последици и повика на поголема свест кај граѓаните.
„Не може ако знакот е 60, некој да вози 100. Ако е 100, да вози 200. Работиме на законски измени, со кои мерките ќе бидат порестриктивни, а казните повисоки. Но најважно е да ја промениме свеста – доколку не го почитуваме ограничувањето и возиме со несоодветна брзина, ние стануваме потенцијални убијци на патот“, предупреди Јанев.
Дополнително, директорот изрази загриженост за учеството на малолетници во сообраќајот и апелираше до родителите да не дозволуваат нивните деца да управуваат возила без соодветни дозволи.
„Како родител и како предводник на институција, сметам дека мора да ја подигнеме нашата лична свест. Не треба да им овозможуваме на малолетници пристап до моторцикли и други возила без возачка дозвола. Тоа претставува огромен ризик за нивниот живот и за безбедноста во сообраќајот“, додаде Јанев и најави дека ќе следуваат системски мерки за подобрување на безбедноста, со фокус на технологијата и елиминација на човечкиот фактор во одредени сегменти, со цел поголема ефикасност во контрола на сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Контрабасот доби нов дом: MINT Fintech Group со донација за Jazz Factory Festival во Битола

Jazz Factory Festival оваа година започнува со еден исклучително значаен подарок. Нов контрабас, дониран од MINT Fintech Group.
„Контрабасот не е само инструмент – тој е срцето на секој џез ансамбл. А за нас, оваа донација е симбол на ритамот што го делиме со градот и сцената која ја поддржуваме,“ велат од MINT.
Со оваа донација, решен е проблем кој со години ја отежнуваше организацијата на фестивалот. Странски музичари честопати беа спречени да настапат во Битола поради логистичките компликации за транспорт на сопствен контрабас, а организаторите често мораа да изнајмуваат инструмент за да обезбедат квалитетен настап.
„Ова не е само донација – ова е решение за еден сериозен предизвик. Контрабасот што го добиваме значи отворена врата за уште поголеми имиња и повисоко квалитетни настапи. Му благодариме на MINT што го препозна значењето и ни помогна да изградиме посилна инфраструктура за фестивалот,“ изјави Сашо Поповски, директор на Jazz Factory Festival.
Под мотото „MINT plays the bassline“, компанијата се вклучува не само како спонзор, туку и како активен учесник во поддршката на културната вредност и иднината на младите музичари.
Фестивалот официјално започнува денес, а звукот на контрабасот, засилен со поддршка од MINT, ќе одекнува на новото издание на JFF.
ПР
Македонија
Обвинителството бара построга казна за возачот кој ја усмрти Теодора: вложена жалба на пресудата

Основното јавно обвинителство Тетово изјави жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 07.04.2025 година со која обвинетиот М.П. беше осуден – за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик и му беше изречена казна затвор во траење од две години, соопшти обвинителството.
Жалбата, како што е појаснето, е вложена поради висината на кривичната санкција, која според обвинителот е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот.
Меѓу околностите поради кои обвинителството бара построга казна се особено тешките подледици од сообраќајната несреќа, во која пешакот Теодора Ристовска се здоби со тешки телесни повреди од кои потоа почина.
„ОЈО Тетово го имаше предвид мислењето на Судскиот совет изнесено во однос на овој предмет пред тој да биде правосилно завршен.
Меѓутоа, со оглед на тоа што Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент не се согласило со двегодишна затворска казна, надлежниот јавен обвинител смета дека сепак има простор за корекција на санкцијата.
Освен тоа, општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока.
Дополнително, и семејството на жртвата кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено со обрати до обвинителството за да побара да ја обжали пресудата“, се истакнува во соопштението.
Македонија
Паркирањето во општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата

Паркирањето во општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. На 18.04. (петок), 20.04. (недела) и 21.04.2025 година (понеделник) граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар. Од ова исклучок се затворените паркиралишта Дилајла и Трготекстил.
Согласно програмата за неработни денови за 2025 година, 19.04.2025 година (сабота) е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе работат со вообичаено работно време.
Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи на 22.04.2025 година (вторник) со вообичаено работно време.