Црна хроника
Тошковски: Затворите не се во надлежност на МВР, СДСМ избраа да водат некрофилска кампања
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, реагираше откако СДСМ го повика на одговорност затоа што притворениот Васил Јованов кој смртно ја прегази Фросина Кулакова, беше фотографиран со мобилен телефон во притворското одделение во затворот „Шутка“.
„Во однос на прашањата на СДСМ упатени до мене за тоа како притвореник во затворот „Шутка“ добил пристап до мобилен телефон, сакам да истакнам дека во секоја правна и демократска држава, најмалку што може да се очекува од политичари кои седум години управувале со институциите е барем основно познавање на нивната поставеност, односно да знаат дека затворите не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, туку на Управата за извршување санкции која е орган во состав на Министерството за правда.
Но, суштината не е во “незнаењето“, туку во нешто многу полошо, а тоа е намерна злоупотреба на една трагедија за собирање на евтини политички поени. Наместо да покажат минимум човечност и емпатија, тие избраа да водат некрофилска кампања, со која на најмизерен начин се обидуваат политички да профитираат од туѓа несреќа.
Јавноста бара правда, а не политички театар и навистина е срамно тоа што СДСМ и во оваа трагедија не успеа да покаже барем малку достоинство“, напиша Тошковски на Фејсбук.
22-годишната девојка пред три дена беше прегазена од дваесет годишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Маж нападнал девојче со нож, полицијата пукала за да го спречи, но тој избегал

Велешката полиција вчера попладне испукала неколку предупредувачки куршуми во воздух во обид да го спречи нападот од 23-годишно лице кое држело остри предмети и се заканувало на граѓани и на полициски службеници. Осомничениот успеал да побегне, но неговиот идентитет е познат и по него се трага.
Инцидентот се случил на 13 јуни 2025 година, околу 18 часот, кога во СВР Велес бил пријавен физички напад врз малолетно девојче на улицата „Хаџи Косте“ во Велес. Нападот го пријавил нејзиниот татко, 25-годишниот Е.Х. од Велес, кој информирал дека неговата ќерка била нападната од С.У. (23) од Велес, кој користел и метален предмет при нападот. Дополнително, откако на местото пристигнала и мајката на девојчето, 27-годишната сопруга на пријавителот, С.У. и кон неа упатил закани.
На местото на настанот интервенирале полициски службеници кои го затекнале С.У. со остри предмети во рацете. Му дале наредба да ги фрли предметите, но тој не се придржувал, продолжил да им се заканува и се движел кон нив со намера да ги нападне.
Во тој момент, полицијата испукала еден предупредувачки куршум во воздух и повторно му наредила да ги остави предметите. И покрај тоа, С.У. продолжил со заканувачко однесување, по што бил испукан и втор предупредувачки куршум. Дури тогаш, напаѓачот го фрлил еден од предметите и почнал да бега.
Полицајците испукале уште два предупредувачки куршуми додека го следеле бегалецот, кој во меѓувреме го фрлил и вториот остар предмет. Двата предмети се пронајдени и одземени од страна на полицијата.
За случајот се известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес, а по С.У. интензивно се трага.
Црна хроника
Му измериле 2,88 промили алкохол откако излетал од патот и се превртел со возилото

Полициски службеници од ОВР Кочани денеска, нешто по полноќ во 00:06 часот, го лишиле од слобода 42-годишниот Д.Д. од Виница, откако кај него биле измерени 2,88 промили алкохол во крвта. Тој бил затекнат во сообраќајна несреќа што сам ја предизвикал, управувајќи патничко возило „Фолксваген голф“ без регистарски ознаки.
Несреќата се случила на излезот од село Зрновци во правец кон село Лески, во кочанскиот регион, каде што возачот изгубил контрола врз возилото и се превртел на коловозот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, лицето е веднаш исклучено од сообраќај, а случајот е пријавен кај надлежен јавен обвинител.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава по член 297-а од Кривичниот законик – за „безобѕирно управување со моторно возило“.
Топ
Го следеле од менувачница, го нападнале и му ги зеле парите

Основното јавно обвинителство Куманово поведе истражна постапка против две лица осомничени за кривично дело – Разбојништво по член 237 став 1 од Кривичниот законик, откако пред четири дена физички нападнале маж и му одзеле поголема сума пари.
Според информациите од обвинителството, осомничените го забележале оштетениот додека разменувал девизи и почнале да го следат со намера да му ги одземат средствата. Откако тој се приближил до неговата семејна куќа, двајцата го нападнале, нанесувајќи му удар со тупаница во пределот на главата. Жртвата паднала на земја и изгубила свест, по што му биле одземени 172.000 денари и 37.460 српски динари.
Со цел обезбедување на истрагата и спречување на можноста за бегство, судија на претходна постапка им определи мерка притвор во траење од 30 дена на двајцата осомничени.
Обвинителството продолжува со прибирање на докази за целосно расветлување на случајот.