Македонија
СДС го партизира судството, во куќа на таткото на судијката Алексовска-Стојановска смести општински штаб, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„СДС го окупираше и го зароби правосудниот систем. Во судството се потребни итни и неодложни реформи. Седум години власт наместо да работи на реформи и професионализација на правосудните органи, СДС во нив ставаше негови послушници, кои место по закон работеа по партиски директиви“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа може да се види и од долгогодишниот прогон на ВМРО-ДПМЕ, каде што послушните судии партиските соопштенија на СДС ги преточуваа во судски одлуки, носејќи драконски казни за политички монтирани случаи.
Таков е и примерот со судијката Даниела Алексовска Стојановска која за монтиран случај против ВМРО-ДПМНЕ пресуди драконски казни, а од затвор спасила лице кај кое било пронајдено значително количество дрога, кој по нецела година одзеде млад живот на скопските улици.
Дека судијката Алексовска Стојановска е кадар на СДС, освен по прогонот и драконските казни за ВМРО-ДПМНЕ, може да се заклучи и од тоа што во нејзина куќа сместиле партиски штаб.
Односно, во куќа во сопственост на таткото на судијката Даниела Алексовска Стојановска е сместен општинскиот штаб на СДС во Ранковце.
Таа е судијка која требала да биде непристрасна и да работи согласно закон, без политички влијанија, но наместо тоа, не само што во нејзиното работење била пристрасна и судела по партиски директиви, туку во нејзиниот дом во Ранковце го сместила општинскиот штаб на СДС.
Од ваквата постапка на отстапување на простор од семејната куќа за партиски штаб е очигледна блискоста и поврзаноста на судијката Алексовска Стојановска со СДС.
И токму поради ваквите судии длабоко поврзани со политиката и партиите, потребна е итна реформа и ресетирање на правосудниот систем“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: За една година инвестиравме 164 милиони денари во Арачиново

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска изврши увид на терен во завршната фаза од изградбата на секундарната фекална канализација во Арачиново – проект составен од 9 краци, со вкупна вредност од околу 20 милиони денари.
Меџити при работната посета изјави дека моментално се работи на последниот крак, во должина од 860 метри, каде што се реализирани 50% од активностите, а проектот се очекува да заврши во текот на наредниот месец.
„Во изминатите 13 месеци, во Арачиново донесовме инвестиции во вредност од над 164 милиони денари – реални, конкретни проекти, а не само празни ветувања. Она што за некои беше недостижно повеќе од три децении – ние го реализиравме. Го изградивме ободниот канал, започнавме со изградба на нови фекални, атмосферски и водоводни мрежи, и овозможивме урбано уредување преку изградба на пешачки патеки и шеталишта, како што е случајот покрај Мојанска Река“, изјави Меџити.
Овие инвестиции, појасни тој, се резултат на соработката на Министерството за животна средина со Владата, при што се инвестирани 164 милиони денари преку Првиот повик, Вториот повик и Програмата за капитални инвестиции – од кои 64 милиони денари се само за изградбата на каналот, а 100 милиони денари за други инфраструктурни проекти.
Меџити најави дека работата нема да застане тука.
„Ќе продолжиме да инвестираме – не по партиска или етничка линија, туку секаде каде што има реална потреба. Веруваме во одговорна политика која носи конкретни резултати, а нашата цел е секој граѓанин да ја почувствува разликата“, заклучи Меџити.
Македонија
Support Kocani со нова донација на компресивна облека за повредените од пожарот во Кочани

Граѓанската иницијатива Support Kocani ја реализира и третата пратка компресивна облека, наменета за преживеаните лица од пожарот во Кочани. Облеката е веќе предадена на Општата болница во Кочани, со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.
Вредноста на оваа набавка изнесува 2.193.047 денари (35.555 евра), а средствата се целосно обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и дијаспората. Со ова, вкупната вредност на досегашните три испораки надминува 3,4 милиони денари.
Со оваа пратка се опфатени втората тура на нарачки од првите две групи корисници на компресивна облека. Во оваа донација вкупно се обезбедени 176 парчиња специјализирана компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за секој од засегнатите лица.
Македонија
Утре променливо облачно време, со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Од среда до петок ќе преовладува претежно стабилно време со пораст на дневните температури.
Во деновите од викендот повторно ќе има услови за повремени локални врнежи од дожд и ретки грмежи, а дневните температури ќе бидат во опаѓање.