Македонија
Мицевски: Поднесовме барање за јавна расправа во Собранието за законски измени и зајакнување на безбедноста во сообраќајот
Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски преку социјалните мрежи информираше дека пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ поднеле барање за одржување јавна расправа со цел анализи и утврдување на потреба од изменување на законските прописи, за да се зголеми безбедноста на граѓаните.
„Денес како пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, поднесовме барање за одржување на јавна расправа со цел анализи и утврдување на потреба од изменување на законските прописи, а со цел зголемување на безбедноста на граѓаните.
Очекуваме поддршка од сите пратеници во Собранието и да ги надминеме системските проблемите со кои се соочуваме изминатите години“, стои во фејсбук објавата на пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерство за одбрана: Го зголемуваме интересот кај младите за воената професија
Во средните училишта во Скопје, Велес, Охрид, Валандово, Тетово и Прилеп започна проектот за Популаризација на воената професија, каде претставници од Министерството за одбрана и Воената Академија, заедно со професионални војници, подофицери и офицери од Армијата ги информираа средношколците за можностите кои ги нуди воената професија.
На информативните предавања младите имаа можност да се запознаат со условите за прием на служба во Армијата, но и со можностите за личен и професионален напредок кои се дел од воената професија.
Целта на проектот е зголемување на интересот на младите за воената професија, а со тоа и зголемување на интересот на огласите за професионални војници и питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, што е од особена важност при селектирање на различни профили на кадри.
Министерството за одбрана наскоро ќе објави оглас за прием на 300 професионални војници на кој ќе можат да се пријават сите млади македонски граѓани. Со овој потег најавен од министерот Мисајловски ќе се зголеми борбената готовност на Армијата, додека истовремено таа ќе се подмлади со млади и мотивирани граѓани чија задача ќе биде безбедноста на татковината, велат оттаму.
Популаризацијата на воената професија низ средните училишта ќе се реализира во период од февруари до април 2025 година и ќе опфати 99 средни училишта низ државата. Денеска овој проект се спроведува во средното училиште „Илинден“ и гимназијата „Никола Карев“ во Скопје, ССОУ „Димитрија Чуповски“ во Велес, СОСУ ,,Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, СУ „Гоце Делчев“ во Валандово, СУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, СОЕПТУ „Кузман Јосифовски Питу“ и СОУ „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Македонија
Нема договор за минималната плата, ќе се дефинира официјална потрошувачка кошница, велат од Организацијата на работодавачите
Нема договор за минималната плата, но ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии. Ова е договорено на денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС) што се одржа во Владата.
Претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска посочи дека телото кое ќе ја дефинира официјална потрошувачка кошница најверојатно ќе се формира на следната седница на ЕСС.
„Нема договор за минималецот. Се дискутираше за минималната синдикална кошничка, но се официјализираше дека ќе има официјална потрошувачка кошница. Сметаме дека ќе биде официјална и институционална, ќе ги дефинира сите точки и ќе ги земе предвид сите потрошувачки елементи релевантни за една кошничка. Се дискутираше на неколку теми, меѓу кои и минималната плата, но имаше само дискусија, без ставови и заклучоци. Сите се стремиме кон ЕУ и она што го истражувавме беше дека ЕК нема директива за потрошувачката кошница. Секоја држава во регионот и ЕУ има и синдикална и кошница што ја формираат институциите и тие се разликуваат драстично, синдикалните се дури двапати поголеми. Тоа се политички одлуки и елементи кои ги користи Синдикатот за свои придобивки и тоа е нивен метод за вршење притисок“, изјави Трајкоска по седницата.
Според неа, не бил прифатен предлогот Владата да субвенционира дел од социјалните придонеси за да се зголемат платите.
Пред седницата на ЕСС работодавачите рекоа дека е можно минималната плата да биде и повисока од 450 евра ако Владата субвенционира дел од придонесите.
Македонија
Тошковски на средба со постојаниот координатор на ООН во Македонија, изразена посветеност за понатамошно интензивирање на соработката
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со постојаниот координатор на ООН во Македонија, Рита Колумбиа.
На средбата беше разгледана досегашната соработка на министерството за внатрешни работи и агенциите на Обединетите нации во земјава, при што заеднички беше констатирано дека таа се одвива на исклучително продуктивно ниво.
Министерот Тошковски ги спомена двата проекти кои беа реализирани со помош на УНДП и се однесуваат на зголемување на капацитетите на полицијата за истрага на местото на настанот и за граничната и криминалистичката полиција и изрази задоволство од иднините проекти и чекори на соработка.
Од страна на постојаниот координатор на ОНН во земјава, Рита Колумбиа беше нотирана високата посветеност на МВР во почитувањето и заштитата на човековите права во повеќе области во делокругот на министерството и конкретните резултати кои го потврдуваат тоа.
Двете страни ги разгледаа следните фази во актуелните проекти за поддршка на министерството во делот на зајакнување на системот за форензика и истрага на местото на настанот, поддршка против злоупотребата и користењето на малото и лесно оружје, зајакнување на интегрираното гранично управување и други тековни проекти.
Финално беше изразена посветеност за понатамошно интензивирање на соработката на поголем број полиња во иднина.