Македонија
Се проширува истрагата во „Адитив“- осомничени осум нови лица, а тројца претходно осомничени се товарат и за перење пари

Од досега спроведената истражна постапка за предметот познат во јавноста како „Адитив“, во насока на проширување на постапката, под раководство на предметните обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кои постапуваат во предметот, денеска се приведени осум лица од Битола, Кичево и од Велес и извршен е претрес на една локација во Велес.
Како резултат на обезбедениот доказен материјал донесена е уште една наредба за спроведување истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомнение дека три лица опфатени со претходната истрага сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело. За ова дело се осомничени и уште пет други лица, од кои првоосомничената се товари и за кривично дело злосторничко здружување. На три лица опфатени со истражната постапка им се става на товар дека ги злоупотребиле службената положба и овластувањето. Воедно, во предметот, покрај досегашните четири кривично одговорни правни лица, опфатено е уште едно правно лице, чиј сопственик и управител е првоосомничената.
Ценејќи дека се исполнети условите, Обвинителството до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе предложи мерка притвор против првоосомничената и мерки на претпазливост за другите осум осомничени, а за тројцата осомничени за кои веќе се води истражна постапка остануваат претходно изречените мерки за обезбедување присуство.
Во меѓувреме, дополнително, на предлог на Обвинителството, замрзнати се 22.399.953,00 денари и едно патничко моторно возило во вредност од 4.735.000,00 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јаневска: Со буџет од 34 милиони евра, Владата ќе ја поддржи инфраструктурната модернизација на Универзитетот „Мајка Тереза“

Универзитетот „Мајка Тереза“ е нашиот најмлад државен универзитет. Владата е посветена кон обезбедување на ресурси потребни тој и натаму да се развива. Со буџет од 34 милиони евра кои ќе се обезбедуваат етапно, почнувајќи од оваа и во текот на следните пет години, ќе го поддржи градењето на модерен кампус кој ќе биде центар за академска извонредност, за наука и технологија. Студентите и наставниот кадар ќе добијат современи услови за работа и напредување.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната церемонија организирана по повод примопредавањето на должноста ректор на оваа високообразовна установа.
Посакувајќи му добредојде на новата функција на проф. д-р Беким Фетаји, министерката Јаневска изрази очекување дека тој ќе продолжи со визијата за уште поголем раст на квалитетот на студиските програми и со својата стручност ќе придонесе универзитетот да се развива како модерна образовна и научна институција, достојна за поддршката што ја добива.
„Очекувам да внесе нова енергија и да ги мотивира универзитетските професори и истражувачи професионално да напредуваат и да ги инспирираат студентите да тежнеат не само за добивање на диплома, туку да станат вистински академски образувани граѓани, подготвени за меѓународно одмерување на знаењата“, рече Јаневска.
Министерката се заблагодари на досегашниот ректор проф. д-р Изет Зеќири, посочувајќи дека како прв човек на универзитетот и како професор, тој дал важен придонес во градењето на академски генерации кои се веќе интегрирани во општествените процеси и функционирањето на државата.
Македонија
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ одбележува 33 години постоење

Првата детска амбасада во светот – Меѓаши годинава ја одбележува 33-годишната посветеност на заштитата на детските права, постојаната и активната улога во градењето мир и меѓусебно разбирање.
По тој повод, Меѓаши најави промоција на повеќе значајни активности и материјали и тоа нова веб-страница (https://www.childrensembassy.org.mk/pocetna.nspx) и документарен филм: ,,30 години Меѓаши” – Документирано сведоштво за развојот, достигнувањата и влијанието на Меѓаши низ годините“.
Исто така, достапни се уште два кратки видео-прилози поврзани со историјата и работата на организацијата „Како започна приказната на Меѓаши“ и „Како Меѓаши влијаеше на општеството“.
Објавена е и монографија „30 години Меѓаши” – Публикација која ја отсликува историјата на организацијата, активностите и резултатите во изминатите три децении.
„Преку овие промотивни материјали, Детската амбасада Меѓаши не само што го документира своето повеќедецениско активно дејствување, туку и ја засилува својата мисија за поттикнување на одговорноста, едукација и активирање на пошироката јавност во поддршката на децата, воедно потсетувајќи на важноста од мировното образование и градење култура на мирот од најмала возраст“, соопштија од таму.
Македонија
Утре сончево време, следува период на потопло време

Времето утре ќе биде поведро и посвежо, преку денот сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 8, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност и со умерен северен ветер. Утре и во среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните ќе бидат во постепен пораст.