Македонија
Средба на министерот Тошковски со норвешката амбасадорка, Кристин Мелсом
Министерот за внатрешни работи Пачне Тошковски вчера оствари билатерална средба со амбасадорката на Кралството Норвешка, Кристин Мелсом.
На средбата беше изразено задоволството од соработката помеѓу двете полиции, која се остварува преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка и се одвива на високо професионално ниво.
Министерот Тошковски изрази благодарност за поддршката на владата на Норвешка во реализација на проекти наменети за подигнување на капацитетот на Министерството во борбата со криминалот и корупцијата, како реализираниот проект за зголемување на капацитетот во истрагите на местото на настанот.
Двете страни изразија желба и подготвеност соработката да се интензивира на стратешко и оперативно ниво како партнери посветени на регионалната и глобалната безбедност и борба со сите видови криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе по повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, по повод 153-годишнината од неговото раѓање.
Во рамките на државниот настан свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положија и делегација на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собранието, претставници на политички партии и граѓански здруженија и претставници на дипломатскиот кор.
По повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев панихида служеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. г. Стефан.
Македонија
(Видео) Филипче: Полицаец пред секое училиште и заострување на казните во сообраќајот, СДСМ подготвува законски измени
СДСМ ќе предложи законски решенија за поголема безбедност пред училиштата и во сообраќајот, најави претседателот на оваа партија, Венко Филипче.
„Сметам дека е добро што ќе има јавна расправа во Собранието. Ние како партија во текот на изминатите денови припремавме предлог законски измени и решенија и ќе ги презентираме на таа јавна расправа. Два конкретни предлози имаме како партија прво да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на одвивањето на наставата и тој полицаец би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето гледајќи што се случува со некои инциденти во регионот“.
Вториот предлог како што рече ќе се однесува на заострување на казните во сообраќајот.
„Заострување за казните за најтешките прекршоци во сообраќајот коишто дури ќе вклучуваат и одземање на возилото и тоа е по примерот на некои европски земји“, нагласи Филипче.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Нови 15 милијарди денари капитални инвестиции за општините, историски најголема инвестиција
Денеска, на редовна седница на Владата практично почнавме со постапката за објавување на вториот повик преку Министерството за локална самоуправа, со кој ќе се изрази интерес на единиците на локална самоуправа за финансирање капитални проекти од интерес на граѓаните, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор, како што појасни, за втор јавен повик за искористување средства од оние 15 милијарди денари што Владата, како што дополни, ги стави на располагање на општините.
„До 15 милијарди денари ќе биде вредноста на овој втор повик. Но, тоа не подразбира дека сите овие средства ќе бидат потрошени во тековната фискална година. Ќе повторам, за да нема забуни во јавноста, можно е некои проекти да влезат и во тригодишни буџети, и во 2025, и во 2026, и во 2027. Некои проекти да бидат само во 2025, некои да бидат и во 2025 и во 2026. Но, вкупниот волумен на средства со кои ќе се финансираат проектите од овој втор повик за кој денеска почнавме процедура на редовна владина седница е до 15 милијарди денари“, нагласи Мицкоски.
За таа цел, како што информира, се задолжуваат Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за образование и наука, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за спорт и Министерството за култура и туризам да ги утврдат критериумите со кои ќе се финансираат овие проекти преку капитални дотации.
Владата, според премиерот, го задолжи или ќе го задолжи Министерството за локална самоуправа откако целиот процес ќе биде дефиниран, да го објави јавниот повик за изразување интерес од страна на единиците на локална самоуправа за финансирање на проектите што се дел од овој втор повик.
Ова, според него, се значајни средства, кои се ставаат на располагање на општините за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводи и канализации, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните.
„Се работи за историски најголема инвестиција на централната власт во единиците на локалната самоуправа, општините, преку кои директно се влијае на подобар живот и повисок стандард.
Ова е втор јавен повик, на минатиот повик 78 општини добија 288 проекти, со вкупна вредност од 4,5 милијарди денари или повеќе од 73 милиони евра. И, дополнително, преку Министерството за транспорт приближно 800 милиони денари, тоа се средства кои со посебна програма беа доделени за финансирање проекти во општините“, потсети Мицкоски.
Како што оцени, вака директно им се помага и на граѓаните и на општините.
„И ова се мерки што се однесуваат само за граѓаните. Само вака, со работа и посветеност, го исполнуваме ветеното и Македонија станува повторно на народот“, додаде Мицкоски.