Македонија
Отворено писмо: стресот и агонијата на медицинските сестри се интензивираат – пораки и барања за неодложно решевање на статусот
Претседателката на Унијата на ЗМСТАС и ЗМСТАС, „За нас“, м-р Гордана Бешлиовска, упати отворено писмо по повод прекинатите договори на дело и стотици медицински сестри, кои во моментот се без работа.
Писмото го пренесуваме во целост:
„По големиот број поплаки и барања на медицинските сестри, кои постојано пристигаат во Унијата на медицинските сестри и техничарите на Македонија, како и во Здружението на медицинските сестри, техничарите, акушерките и стоматолошките сестри, ‘За нас’, остро реагираме и заеднички го подигаме гласот со нашите колешки и колеги, кои денес останаа на улица по еднострано прекинатите договори за работа.
Овие наши колеги, за жал, им се придружуваат на оние чии договори беа прекинати по разни основи и во разни периоди во повеќе здравствени установи во Републиката во последната година.
Законските недоречености и политичките флоскули ја влошуваат состојбата
Фрапантни се фактите кои речиси остават без зборови: станува збор за висококвалитетни и стручно обучени медицински сестри и техничари, кои зад себе имаат и по 6 и 7 години работно искуство во статус договор на дело, а се до денес биле составен дел од здравствените установи, Општите болници во Прилеп, Битола, Кавадарци и Куманово!
Овие колеги, наместо признание и решавање на нивниот статус, остануваат изневерени од здравствените власти, законските недоречености, недомаќинското работење, немањето слух за натрупаните проблеми, како и лицемерните и популистички флоскули и политички додворувања, особено во време на пандемијата со коронавирусот!
Недопустливи поделби во професијата: професионализам и емпатија како единствени критериуми
Унијата на петте здруженија на медицински сестри и техничари на Македонија, со своите повеќе од 5.000 членови од сите нивоа на здравствениот систем, предводена од Здружението на медицинските сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА-НАС“, континуирано реагира и алармира за потребата од итно решавање на статусот на оваа категорија медицински сестри и медицински техничари, кои со години наназад се ангажирани со „Договори на дело“ преку агенциите, други матични институции и трети по основ на проекти!
Реагираме по којзнае кој пат и апелираме да се престане со поразителната поделба на медицинските сестри и техничари според: политичката реторика и опција, поделбите од типот на средни и високи, полова и возрасна поделба, но и тотално неразумната поделба по национална или етничка припадност. Затоа што во нашата професија единствениот фактор кој го определува квалитетот е: професионализмот и емпатијата! Ништо повеќе и ништо помалку!
Ако според сите извештаи, анализи, препораки и параметри, на Македонија ѝ недостасуваат речиси 50% од сегашно ангажираните медицински сестри и техничари, тогаш и денешните и сите досегашни раскинувања на договори во најмала рака изгледаат несериозни, неетички и нехумани. Тие, како такви, треба да бидат поединечно образложени и поткрепени со факти!
Нашата работа и нашата професија се една од најважните алки во комплетниот здравствен систем на земјата и немарното или „намерното“ запоставување на нејзината вредност, неминовно ќе доведе до катастрофални последици во здравствениот систем, лош имиџ на земјата пред светот, но и најважно од се: намалување на вредноста на пациентите и значително поскапување на здравствената нега!
Делување на унијата: борба за правата и достоинството на медицинските сестри
Стресот и одговорноста во нашата професија се постојани, а дополнителните стресови и долгогодишни нерешени и запоставени проблеми, какви што се: законски нерегулираната професија, условите за работа, неприфатените дипломи, слабата финансиска ревалоризација на трудот и така натаму, дополнително ја зголемуваат огорченоста и одливот на овој високо стручен кадар во западноевропските земји!
Затоа, апелираме и предупредуваме дека: конечно е време за неодложно, сериозно и системско решавање на императивните проблеми во професијата медицинска сестра и медицински техничар, во интерес на сите граѓани на земјата!
Нашите барања:
Итно вработување на лицата што имаат повеќегодишни стажови во здравствените установи затоа што тие веќе ја покажале и докажале својата неопходност за болниците и пациентите!
Да не се нарушува достоинството на нашата хумана професија со произволни и непоткрепени изговори и изјави од кого било!
Како Унија со најмногубројно членство на медицински сестри и техничари во земјата, бараме да бидеме вклучени во сите инстанции и на сите нивоа на кои се носат какви било одлуки за медицинските сестри и медицинските техничари!
Оваа професија се избира и се работи затоа што се сакаат животот и добросостојбата на пациентите! Ако нацијата е богатство на државата, тогаш медицинските сестри се богатство на нацијата!
Време е решавањата да бидат системски и систематски во интерес на СИТЕ!“, се вели во писмото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јелиќ и Кајмакоски се разделиле околу два по полноќ пред клубот кадешто настапиле, потоа пејачот бил киднапиран
Пејачот Даниел Кајмакоски синоќа беше киднапиран на улицата Караѓорѓева во Белград, а драмата се случила пред клубот во кој настапувал. Нешто малку пред киднапирањето, со него бил Алекса Јелиќ, кој сега се огласи за „Блиц“.
Како што раскажа, вечерта била вообичаена и тие двајцата се разделиле по настапот.
„Настапувавме, но немам никакви информации, освен она што и вие го имате. Важно е дека човекот е жив, здрав, дека е како што треба. Тоа е најважно, а останатото не можам да го коментирам“ рече Алекса Јелиќ, а на прашањето дали се слушнале, додаде: „Не, се разделивме синоќа меѓу еден и пол и два часот и оттогаш не успеавме да се слушнеме“ наведе тој за „Блиц“.
Претодно со официјален допис се огласи Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски. Таа рече дека утрово разговарала со него по ноќта помината во полициска станица. Потврди дека пејачот бил киднапиран синоќа во близина на „Бетон хала“ во Белград и сега е дома, но потребен му е мир.
Според досегашните информации, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие удриле во банкина, излегле од автомобилот и побегнале. Даниел бил пронајден врзан, а потоа поминал неколку часа во полициска станица, давајќи искази за настанот.
Српските медуими во текот на денот објавија и видео од полициската потера, а разговараа и за мајката на Кајмакоски, која изјави дека е во шок.
Македонија
(Видео) Договорено покачување на платите за околу 11.000 административци до 2028 година
Околу 11.000 вработени во јавната администрација, судовите и обвинителствата ќе добијат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028 година, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор за нов договор меѓу Владата и синдикатите УПОЗ и САДУ, за кој Мицкоски оцени дека претставува историски момент, бидејќи, како што рече, никогаш досега немало толку јасен и временски прецизиран план за усогласување на платите и нивно достоинствено ниво.
„Ова е поширок пакет кој ќе ги опфати вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата – вкупно околу 11.000 луѓе. Договорот има рок до 2028 година и претставува целосна регулација на односите меѓу Владата и вработените во овие институции“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека Владата веќе има постигнато слични договори со вработените во образованието и здравството.
Мицкоски најави дека паралелно ќе се работи и на нов општ колективен договор, во соработка со репрезентативните синдикати ССМ и КСС.
Македонија
Нелегален објект на аеродромот Стенковец, Николоски соопшти дека ќе бара конфискација
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека ќе почне постапка за конфискација на нелегално изграден објект на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје.
„Во координација со повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на аеродромот Стенковец – ќе се започне постапка за конфискација на објектот кој е целосно нелегално изграден на државно земјиште“, објави Николоски на својот фејсбук профил.
Тој информира дека ќе биде побарано од Обвинителството и Судот објектот да се одземе во корист на државата, со намера да се стави во функција на Агенцијата за цивилно воздухопловство – за обука на пилоти и други потреби поврзани со воздухопловниот сектор.
Николоски нагласи дека Министерството за транспорт, како институција надлежна за објекти од прва категорија како аеродроми, болници, универзитети, спортски сали и стадиони, „сериозно пристапува кон решавање на проблемот со нелегално изградени објекти“.
„Ова е јасна порака дека нема да се толерира нелегална градба на места каде што Министерството и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, заклучи вицепремиерот.

