Македонија
Директорката на „Козле“ им се закани на медиумите дека ќе ги тужи ако ѝ се објави името
Директорката на Клиниката за белодрбони и респираторни заболувања кај децата „Козле“ д-р Каролина Симоновска испрати соопштение до медиумите со кое забранува да се споменува нејзиното име и вели дека ќе ги преземе сите законски мерки ако некој ја спомне во новинарски текст. На соопштението за личниот став е ставен печат од Клиниката.
„Јас, д-р Каролина Симоновска, именувана за в.д. директор во ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле-Скопје, под целосна материјална, професионална и морална одговорност, изјавувам дека не се согласувам и во ниеден случај не давам согласност моето име и презиме и професионалност да биде објавувано по медиуми. Особено во ниеден случај моето име и презиме и професионалност да бидат злоупотребувани на начин што неовластено и во контекст на невистинити објави ќе биде употребувано јавно по медиуми. Секоја постапка спротивна на горенаведеното претставува нарушување на мојот професионален, личен и морален интегритет и го задржувам правото да ги преземам сите законски мерки од секој обид на манипулација или неовластена употреба на моето име и презиме“, стои во писмената изјава од д-р Симоновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нови 15 милијарди денари за проекти во општините, забрана за нелегалните игри на среќа и реформи во јавната администрација
Премиерот најави нови 15 милијарди денари за проекти во општините, а со закон ќе се забранат нелегалните игри на среќа, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение, сублимирајќи ги најавите на премиерот и претседател на владејачката партија, Христијан Мицкоски.
„Општините ќе може да аплицираат за средства за капитални проекти од следната недела. Јавната администрација ќе се реформира во светло на ЕУ интеграцијата.Македонија се трансформира!“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
Муртезани на средба со Мати Масикас „Продлабочена соработка со ЕУ во процесот на интеграција“
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска оствари средба и со Мати Масикас, извршен директор за Европа во Европската служба за надворешни работи (EEAS).
На средбата беше истакната важноста на стратешките односи меѓу Северна Македонија и Европската Унија, како и континуираната поддршка на ЕУ за реформскиот процес и интеграцијата на земјата. Двете страни разговараа за актуелните предизвици во регионот и пошироко, зајакнувањето на институционалната соработка и спроведувањето на европската агенда.
Министерот Муртезани ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон реформите и стабилноста во регионот, потенцирајќи дека земјата останува конструктивен партнер во процесот на пристапување. Извршниот директор Масикас ја потврди поддршката на EEAS за Северна Македонија и ја нагласи важноста на продлабочената соработка во клучните области поврзани со европската интеграција.
Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова положи цвеќе по повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска, во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на великанот на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев, по повод 153-годишнината од неговото раѓање.
Во рамките на државниот настан свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положија и делегација на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, делегација на Собранието, претставници на политички партии и граѓански здруженија и претставници на дипломатскиот кор.
По повод 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев панихида служеше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г. г. Стефан.