Свет
Продажбата на пиво во Германија продолжува да опаѓа: ниту Европското фудбалско првенство не помогна
Продажбата на пиво во Германија падна минатата година иако земјата беше домаќин на Европското фудбалско првенство. Така, долгорочниот надолен тренд продолжи. Продажбата на пиво падна за повеќе од 10 проценти во изминатата деценија на најниско ниво од почетокот на 1990-тите.
Официјалните бројки објавени вчера покажуваат дека германските пиварници и дистрибутери продале околу 8,3 милијарди литри пиво минатата година, што е пад од 1,4 отсто во споредба со претходната година. Бројката не ги вклучува безалкохолното пиво и пивото увезено надвор од Европската унија.
Минатогодишните бројки биле за 13,7 отсто пониски од 2014 година, објави Федералниот завод за статистика. Инаку, во 2023 година е забележан пад на продажбата од 4,5 отсто. Германските производители на пиво се соочуваат со долгорочен надолен тренд. Продажбата во Германија – која сочинува повеќе од 80 проценти од продажбата – падна за 2 проценти минатата година на 6,8 милијарди литри. Зголемувањето на извозот од 1,6 отсто не може да го компензира ова.
Германија беше домаќин на фудбалското првенство во јуни и јули минатата година, магнет за љубителите на пивото. Сепак, првенството делумно се совпадна со невообичаено влажно летно време што изгледаше како да ги оддалечи луѓето од пабовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж од Флорида осуден за убиство на трудна девојка која одбила да абортира
Судoт во Флорида го прогласи 23-годишниот Донован Фејсон за виновен за убиство на неговата 18-годишна девојка Кајлин Фиенго, која одбила да абортира, пренесе „Унилад“.
Злосторството се случило во ноември 2022 година, кога Фејсон ја намамил Кајлин во парк и ја застрелал во глава. Нејзиното тело било пронајдено во автомобил од полициски службеник за време на рутинска патрола, а покрај неа била најдена и слика од ултразвук.
Истрагата открила пораки во кои Фејсон ја притискал да абортира. Во една од нив ѝ напишал: „Абортирај!!!“, а пред убиството му испратил порака на пријател: „Се колнам во гробот на брат ми, ќе се решам од неа.“
Тужителите навеле дека Фејсон бил лут и под притисок бидејќи живеел со друга жена која дознала за аферата.
Поротата го прогласи за виновен на 27 октомври, а му се заканува смртна казна. Семејството на жртвата изјави дека пресудата „не ја враќа Кајлин, но барем ќе спречи да им наштети на други“.
Свет
Хамас предаде тела, Израел порачува: „Борбата за нашите заложници не запира“
Израел ги презеде телата на двајца заложници кои ги држел Хамас во Газа, пренесе ЦНН. Посмртните останки биле предадени преку Црвениот крст и пренесени на идентификација во израелскиот форензички институт.
Од кабинетот на израелскиот премиер соопштија дека „напорите за враќање на сите заложници продолжуваат и нема да престанат додека не се вратат сите“.
Примопредавањето се случува два дена по израелските воздушни напади во Газа, во кои, според палестинското министерство за здравство, загинале повеќе од 100 лица. И покрај ескалацијата, и Израел и Хамас изјавиле дека остануваат посветени на прекинот на огнот посредуван од САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека „ништо нема да го загрози примирјето“ и се закани дека ќе го „елиминира Хамас“.
Последното примопредавање, според медиумите, поминало без компликации, за разлика од претходните случаи кога Хамас ја повлекуваше одлуката за предавање поради израелски напади.
Свет
Медведев го нарече белгискиот министер „имбецил“, Франкен му возврати со песна на Селена Гомез
Белгискиот министер за одбрана Тео Франкен влезе во вербален судир со поранешниот руски претседател и сегашен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев.
Се започнало кога Франкен изјавил дека, доколку Русија ја нападне Белгија, „НАТО би ја израмнил Москва со земја“. На тоа, Медведев остро реагирал, нарекувајќи го „имбецил“ и потсетувајќи дека оваа недела Русија го тестирала нуклеарното суперторпедо „Посејдон“, кое го опишал како „вистинско оружје на судниот ден“.
Франкен утрово возвратил преку Инстаграм: „Главниот руски насилник не престанува да се заканува и навредува. НАТО не е во војна со Русија, но принципот на одмазда е неприкосновен веќе 76 години. Не повлекувам ниту збор.“
На крајот, министерот ја споделил песната „Calm Down“ од Селена Гомез со порака до Медведев – да се „смири“.

