Свет
Зеленски: Ако не можеме да влеземе во НАТО, тогаш дајте ни нуклеарно оружје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски сугерираше дека Соединетите Држави, доколку веќе не се подготвени да го поддржат членството на Украина во НАТО, би можеле да обезбедат алтернативна безбедносна гаранција во форма на нуклеарно оружје.
Зборувајќи со Пирс Морган, Зеленски рече дека патот на Украина кон членство во НАТО може да потрае „години, па дури и децении“, поставувајќи, како што рече, легитимно прашање: „Што ќе не’ заштити од ова зло сето ова време?
„Каков пакет поддршка? Какви проектили? Дали ќе ни дадат нуклеарно оружје? Тогаш нека ни дадат нуклеарно оружје“, додаде тој.
„Да го направиме следново: дајте ни нуклеарно оружје, дајте ни ракетни системи. Партнери, помогнете ни да финансираме милионска армија, преместете ги вашите контингенти во делови од нашата земја каде што сакаме стабилност за луѓето да имаат мир“, рече тој.
Тој потсети и дека рускиот претседател Владимир Путин рече дека руската инвазија била мотивирана од стравот од членството на Украина во НАТО.
„Тој (Путин) изврши инвазија затоа што се плашеше дека ќе станеме членка на НАТО. Во ред, ние не сме членка на НАТО. Излезете од нашата земја“, рече тој.
Претходно, Зеленски изрази уверување дека американскиот претседател Доналд Трамп може да влијае дали Украина ќе се приклучи на НАТО. Во меѓувреме, самиот Трамп потврди дека може да ги разбере чувствата на Русија, истакнувајќи дека претходната американска администрација изразила поддршка за членството на Украина во НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.
– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.
Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Свет
Путин објави велигденско примирје

Рускиот претседател Владимир Путин објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции, соопшти Кремљ.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објавил Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Путин истакнал дека руските војници, сепак, мора да бидат подготвени за можни прекршувања на примирјето од страна на Киев. Мора да бидат подготвени да одбијат секаква провокација на непријателот, секоја негова агресивна акција, нагласил рускиот претседател.
Москва очекува украинската страна да го следи нивниот пример. Киев сè уште официјално не го коментираше прогласеното примирје.
Свет
Се урна станбен блок во Индија

Четири лица загинаа, а уште 10 се водат за исчезнати откако денеска се урна повеќекатен станбен блок во близина на Њу Делхи, јавија индиските медиуми повикувајќи се на полицијата.
Според извештаите, спасени се 14 лица. Блокот се урнал во Мустафабад во североисточниот дел на државата Делхи. Ограничените услови ја попречуваат спасувачката работа, изјави портпаролот на Националните сили за одговор при катастрофи.
Причината за уривањето се уште не е позната. Локалните медиуми јавуваат дека неодамна биле извршени градежни работи во приземјето на зградата.
Главниот министер на Делхи, Река Гупта нареди истрага за инцидентот.