Македонија
Претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски, ја поздрави одлуката на Мицкоски: 15 милијарди денари – историски најголема инвестиција од централната власт во општините досега
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, ја поздрави одлуката на премиерот Христијан Мицкоски за реализирање на историски најголемата инвестиција од централната власт во општините во вредност од 15 милијарди денари. Тој истакна дека ова претставува значаен чекор напред во поддршката на локалната самоуправа, што директно ќе влијае на подобрувањето на животниот стандард на граѓаните. Средствата ќе бидат наменети за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводни и канализациски мрежи, со што ќе се решаваат долгогодишни проблеми во општините низ државата.
Следната недела ќе биде објавен вториот јавен повик, што ќе им овозможи на општините да аплицираат за нови проекти, надоврзувајќи се на првиот повик, при кој беа одобрени 288 проекти за 78 општини во вредност од над 73 милиони евра.
„Ова е вистински начин да им се помага на граѓаните. Вака се помага и се сака татковината“, истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека за првпат во историјата на државата, Владата е вистински партнер на локалната самоуправа, без селективност и поделби.
„15 милијарди денари – историски најголема инвестиција од централната власт во општините досега! Како претседател на ЗЕЛС, во име на сите колеги градоначалници од Македонија, ја поздравувам одлуката на премиерот Христијан Мицкоски за објавување на вториот повик за финансирање на капитални инвестиции кои ќе бидат во интерес на граѓаните.
Благодарение на премиерот и Владата на Република Македонија, со овие 15 милијарди денари средства кои ќе бидат на располагање на општините, директно ќе се влијае врз подобрување на животот на граѓаните и обезбедување на повисок стандард.
Средствата ќе се искористат за изградба на капитални проекти како што се: училишта, градинки, паркови, водоводна и канализациона мрежа итн, со што ќе се решаваат децениски проблеми на нашиот народ ширум државава.
Ова е втор повик, додека на минатиот, првиот, 288 проекти беа одобрени на 78 општини со вкупна вредност од повеќе од 73 милиони евра. Дополнително и преку Министерството за транспорт, отприлика околу 800 милиони денари коишто се средства кои со посебна програма беа доделени за финансирање на проекти во општините.
Ова е вистински начин да се помага на граѓаните. Вака се помага и се сака татковината.
Горд сум што конечно имаме влада која е партнер на граѓаните, на единиците на локалната самоуправа, неселективно и без никакви поделби. Првпат во историјата на државата имаме Влада и премиер од народот, кој го дава својот последен атом да помогне токму нему – на народот. Граѓаните го препознаваат тоа, продолжуваме силно напред“, изјави претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

