Економија
Работна средба со Групацијата на финансиските друштва во Стопанската комора
Групацијата на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија ги обединува и застапува интересите на најголемите 20 финансиски друштва од вкупно 27 во Република Македонија, или 74% од пазарот.
Приоритет на Групацијата секогаш бил и останува етичко и одговорно кредитирање без презадолжување на клиентите, како и финансиска едукација на граѓаните во однос на внимателно планирање на личните финансии и семејниот буџет.
Финансиските друштва работат по законска регулатива исто како и сите останати компании (банки, осигурителни друштва, лизинг компании, итн.) присутни во финансискиот систем на Македонија.
Македонија денес ја има една од најстрогите регулативи во Европа, која успешно ги комбинира технолошките иновации со заштитата на корисниците. Во изминативе години Министерството за финансии, кој е регулатор на финансиските друштва, засилено работеше на дорегулирање на финтек индустријата. Во јули 2023 година беа направени дополнителни измени во Законот за финансиски друштва, со цел поголема заштита на потрошувачите, зајакнати процедури во работењето и поголема транспарентност во јавноста. Со измените во доменот на заштита на потрошувачите беше утврден максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот, а се укина и можноста за рефинансирање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво. Дополнително со измените се зајакна и корпоративното управување на друштвата со зголемување на минималниот основен влог на 500.000 евра, наместо дотогашните 100.000 евра, како и задолжителното вработување на економист и правник во финансиските друштва.
Врз основа на Законот, во април 2024 година Министерството за финансии донесе и Правилник за кредитен ризик, со кој потрошувачите се заштитуваат од презадолжување, односно учеството на месечните обврски во месечниот приход не смее да надмине 70%. Нивото на задолжување на секој поединечен клиент, утврдено во Правилникот за кредитен ризик, ќе помогне не само на населението, туку и на финансиските друштва во остварување на здрав и квалитетен раст. Намалениот степен на ризик и намалените трошоци за исправка на вредност на ризичните пласмани ќе резултираат во постабилен развој и подобар статус на финансиските друштва. Додека ограничувањата на вкупните трошоци, воведени од страна на регулаторот пред повеќе од една година, ќе го намалуваат профитот на друштвата, се очекува намалениот трошок за ризични пласмани да ги намали расходите на друштвото и да ги одржи во здрава финансиска кондиција на пазарот.
Досегашни ефекти од примената на измените на законската регулатива:
- Со стапувањето на сила на измените од јули 2023 година, бројот на финансиски друштва се намали на 27, за разлика од 2022 година кога беа активни 35 друштва, што значи дека новите регулативи овозможиле “опстанок”, само на оние кои имале капацитет да се придржуваат кон новите регулативи. За оние друштва кај кои интерните процедури и системи беа прилагодени уште пред новиот Правилник, и работеа целосно етички и транспарентно, сево ова не само што не предизвика никакви потреси, туку им овозможи фер, унифицирана и стандардизирана законска средина за работење.
- Динамиката на кредитирањето во финтек индустријата е значително намалена, земајќи ги во предвид новите регулаторни мерки кои предвидуваат минимален капитал, максимална стапка на вкупни трошоци – СВТ, како и коефициент на задолженост изразен преку односот на вкупните месечни кредитни обврски на физичкото лице и месечниот приход, со цел дополнителна заштита и контрола во служба на граѓаните, корисници на услугите на финансиските друштва.
- Со Правилникот за заштита на граѓаните од подигање кредити од финансиско друштво на нивно име од трети лица, се воспостави ред и измамите се сведени на минимум. Изминативе години имаше бројни пријави до МВР за измами со личните податоци, по стапувањето во сила на новиот Закон и тоа скоро да го нема.
- Динамиката на кредитирањето во финтек индустријата во текот на 2024 година е значително намалена споредено со претходните години, како резултат на новите регулаторни измени. Кредитниот раст во небанкарските финансиски друштва со третиот квартал за 2024 година изнесува 7%, што е скоро изедначен со кредитниот раст од 6% во банкарскиот сектор во земјата, додека во вкупната актива на финансискиот систем во земјава, финансиските друштва учествуваат со само 1.1%.
- Во меѓувреме, со инвестиции во технологија се овозможи и автоматска верификација на документите, преку воведување на регистрирани шеми за електронска идентификација на клиентите, со цел спречување на можни измами.
- Корисниците се повеќе преферираат финтек услуги, не затоа што не се погодни да користат услуги од банка, туку заради едноставноста, достапноста, брзината, транспарентноста, односно заради подобреното корисничко искуство во финтек компаниите.
- Финансиските друштва плаќаат повеќе данок од банките бидејќи исправката на вредност им е непризнаен трошок.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

