Македонија
Судскиот совет ќе формира комисија за постапките што се воделе против Јованов, кој ја прегази Фросина: „По увидот во сите списи, ќе кажеме дали има пропуст“

Судскиот совет ќе формира комисија, која ќе утврдува дали имало пропусти во претходните постапки што се воделе против 20-годишникот Васил Јованов, кој смртно ја прегази Фросина Кулакова на булеварот Партизански одреди.
„Почнавме, разгледуваме, а утре и формално ќе биде формирана комисија од страна на Судскиот совет. По извршениот увид во сите списи, ќе излеземе со став и ќе кажеме дали имало пропуст или не. Предмет на разгледување е општо сѐ за што имаше забелешки во јавноста, по сето тоа ќе се постапува“, изјави Камбовски.
Тој пред два дена рече дека во моментот не треба да се носат одлуки или да се изведуваат заклучоци, но не ја исклучи можноста повторно да се разгледаат досегашните случаи против Јованов. Во врска со прашањето за тоа какви казни определуваат судовите, Камбовски тогаш изјави дека недостига официјална анализа, која би покажала дали навистина секогаш се оди со поблаги казни оти законот предвидува најблага казна од 4 години, но највисока 20 години затвор. Тој смета дека драконски казни нема да го решат проблемот.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. Јавноста дополнително се вознемири по информациите дека возачот им бил познат на органите од постапка во која лани му се судело за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и прекурсори, но судот му одредил мерка поправен дом третирајќи го како помлад полнолетник. И претходно предизвикал сообраќајна незгода без возачка дозвола, но се спогодиле со оштетената страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце се чека 20-ина минути

Од 9.45 часот сообраќајот на автопатот Тетово – Скопје е нормализиран, инфмормираат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е 20-ина минути, на другите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Одбележана 24-годишнината од загинувањето на десеттемина армиски припадници кај месноста Карпалак

Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска-Ристова и директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, денеска положија венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето на македонските бранителите, кои своите животи ги загубија кај месноста Карпалак во 2001 година.
Десеттемина прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, ги положија своите животи за зачувување на независноста, суверенитетот и на територијалниот интегритет на татковината.
Во спомен на бранителите на спомен-обележјето свежо цвеќе положија и делегации од Владата предводена од заменик-претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, од кабинетот на претседателката и врховен командант на Армијата, претставници од семејствата на загинатите припадници на Армијата, од здруженија на граѓани и од политички партии.
Венци со свежо цвеќе ќе бидат положени и пред спомен-обележјето на македонските херои во центарот на Прилеп.
Македонија
Семејна заштеда и помал притисок за родителите: Дурмиши за поевтинувањето на училишниот прибор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска ја промовираше новата владина мерка „Училишна кошничка“, насочена кон намалување на трошоците за училишен прибор и заштита на семејниот буџет пред почетокот на новата учебна година.
„Веруваме дека образованието треба да биде еднакво достапно за сите – без оглед на семејниот приход. Затоа, заедно со Владата, преземаме мерки што овозможуваат секое дете да започне со училишните обврски под еднакви услови, а родителите да почувствуваат конкретно олеснување,“ изјави министерот Дурмиши.
Согласно членот 29 од Законот за трговија, Владата на Република Северна Македонија вчера усвои Одлука за утврдување на највисоки цени за продажба на училишен прибор во малопродажба и големопродажба, која ќе важи од 15 август до 15 септември 2025 година.
Според одлуката се предвидува намалување на цените на училишен прибор најмалку за 10% во трговијата на големо и 15% во трговијата на мало.
Мерката, според соопштеното, важи за сите видови продавници кои продаваат училишен прибор – од книжарници, преку супермаркети, до спортски продавници.
„Ќе биде опфатен широк спектар на производи: тетратки, ранци, моливи, боици, фломастери, калкулатори, ножици, лепак, папки и други основни материјали.
Секој производ што ќе биде опфатен со оваа мерка ќе биде јасно означен со натписот „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, а во сите продавници ќе биде поставен плакат со информации за мерката, со цел потрошувачите да имаат целосна и транспарентна слика.
Цените ќе се споредуваат со референтната цена од 1 јуни 2025 година или со набавните документи за поново внесени производи. Тоа значи дека намалувањето е реално, проверливо и фер – и за потрошувачите и за трговците,“ појасни министерот.
Оваа мерка, како што потенцираше Дурмиши е дел од поширок системски пристап на Владата да интервенира таму каде што трошоците се највисоки, а потребите најголеми.
„Минатогодишната „Училишна кошничка“ беше исклучително успешна – заштедите по ученик изнесуваа од 750 до 2.000 денари. Секоја семејна заштеда значеше повеќе можности за децата, а помал притисок за родителите,“ изјави Дурмиши.
Министерот подвлече дека целта останува иста, да им се овозможи на сите ученици еднаков и достоинствен почеток на учебната година, без финансиски бариери.
„Продолжуваме со следење на состојбите на терен, анализи и дискусии за нови мерки – секогаш водени од интересот на граѓаните. Образованието треба да почне со насмевка – а ние сме тука да помогнеме тоа навистина да се случи,“ вели Дурмиши.