Македонија
СДС и Филипче да кажат дали и колку пар ѝ плаќале на судијката што го ослободи од затвор возачот убиец, бара ВМРО-ДПМНЕ
„Деновите поминуваат, дилемите се редат, а СДС и Филипче глас не пуштаат. Со нивниот молк уште повеќе ја зголемуваат недовербата на граѓаните во правосудните институции и ги зголемуваат, но и потврдуваат, сомнежите дека СДС на власт целосно ги политизираше“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче веќе не треба да се кријат. СДС и Венко Филипче треба да излезат и јавно да кажат дали и колку пари и плаќале на судијката која го ослободила од затвор возачот убиец?
Или пак отстапениот деловен простор од семејната куќа на Даниела Алексовска Стојановска за општински штаб на СДС во Ранковце е донација од страна на судијката за партијата на Филипче?
Согласно македонските закони, СДС можеле да го изнајмат деловниот простор од куќата во Ранковце, сопственост на судијката Алексовска Стојановска, за таму да смести партиски штаб и за тоа да платат кирија.
Исто така, и судијката на СДС можела да и го отстапи деловниот простор од сопствената куќа без надомест, нешто што ќе потпадне под поимот донација.
Затоа СДС и Венко Филипче мора да кажат каков однос имала партијата со судијката која зад затвор, за трговија со дрога, го ослободила убиецот на младата Фросина. Дали СДС и плаќале кирија на судијката, ако да колку и зошто ја избрале токму нејзината куќа?
Или пак станува збор за подарок, односно донација за СДС од страна на судијката Алексовска Стојановска, во форма на отстапување на деловен простор од семејната куќа, без за тоа да бара паричен надомест?
Каква и да е поврзаноста од можните опции меѓу СДС и судијката Даниела Алексовска Стојановска, едно е сигурно, таа врска е многу длабока и целосно ја компромитира судската власт која треба да биде една од трите независни власти.
Исто така, овој случај на партиско судско тесно поврзување, дополнително ја намалува и така нарушената доверба на граѓаните во правосудните органи.
Затоа, имајќи го во предвид сето ова, го повикуваме Судскиот совет да ги земе во предвид сите аргументи и Алексовска Стојановска да ја разреши од позицијата судија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

