РЕ-Наши фаци
Македонецот Ервин Цого останува селектор на швајцарската 3х3 репрезентација до 2028: „Целта е да одиме на Олимпијада“
Македонскиот баскетџија, Ервин Цого, го продолжи договорот со Швајцарскста кошаркарска федерација и ќе остане селектор на машката 3х3 репрезентација до 2028-ма година.
Цого, кој го презеде кормилото на 3х3 репрезентацијата на почетокот на 2024, во првата година како селектор успеа да ги освои квалификациите за Европското првенство, и на шампионатот да го освои 4. место со швајцарската репрезентација.
За новите предизвици, Цого вели: „Договорот е до 2028-ма, а 2028-ма е година на Олимпијадата, па се надевам на квалификација на најголемото спортско натпреварување, бидејќи 3х3 е веќе олимписки спорт. Летово ќе играме квалификации за Европското првенство во Букурешт на 7 и 8 јуни, а после тоа одиме на Светското првенство во Монголија, кое ќе се игра на 22 и 23 јуни. Обезбедивме учество на Светско, откако лани завршивме четври на Европското првенство и добивме директен тикет за на Светско. Играчите во тимот и годинава се исти – шест играчи се во конкуренција, од нив 4 ќе бидат избрани за натпреварување. Се познаваме сите добро, имаме добра хемија во тимот. Со добра хемија и желба за успех, може да изненадиме секого и да дојдеме до големи успеси“.
За потсетување, Ервин Цого беше член на македонската 3х3 репрезентација – тој во летото 2023 ја заврши својата репрезентативна кариера по настапот со националниот тим на турнир во Братислава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Голем двоен меѓународен успех на познатата штипска оперска пејачка Виолета Арсовска
Оперската пејачка професор м-р. Виолета Арсовска неодамна оствари двоен меѓународен успех на престижни натпревари во САД и Русија. На International Youth Music Competitions во Атланта, САД, во конкуренција со пејачи од 23 држави од целиот свет, таа освои прва награда и беше прогласена за „апсолутен победник“ за изведбата на „Марика мома убава“ од Томислав Зографски во пијано придружба од Трајче Роглев. Во оценката за нејзиниот настап стручното жири меѓу другото напиша:
„Настапот беше обележан со лесен, добро поддржан тон и стабилна вокална техника. Звукот е постојано слободен и резонантен, а пеењето се одликува со природна леснотија што ѝ овозможува на музичката линија да тече без напор. Целокупниот впечаток е израз на самодоверба и вокална сигурност. Изразната посветеност на музиката е јасно видлива, а карактерот на делото е многу ефективно пренесен. Визуелниот контакт со публиката ја зајакнува комуникацијата и ја зголемува непосредноста на изведбата, особено кај дела со ваква изразна природа. Севкупно, ова е многу силна и изразна изведба, полна со достоинство, музикалност и техничка стабилност. Награда: Прва награда и апсолутен победник во категоријата.“
Претходно, Арсовска учествуваше и на 13. International Moscow Music Competition, каде во исклучително силна конкуренција, оценувана од строго и еминентно интернационално жири, го освои второто место со тоа што првото место не беше воопшто доделено.
Таа беше единствен претставник од Македонија во возрасната категорија 36–45 години каде настапи со внимателно избран вокален репертоар од нејзината изведба на македнските композиции „Со маки сум се родила“, „Шарпланинска приспивна“ од Тодор Скаловски и познатата руска композиција „Подмосковние вечери“.
Забава
Светскиот вокален феномен Емели Санде на 7 ноември во Скопје
Скопје станува дел од светската музичка мапа со концертот на единствената Емели Санде, најмоќниот женски вокал на новата светска соул ера. На 7 ноември, во арена „Борис Трајковски“, македонската публика ќе има привилегија да ја доживее во живо артистката која ја редефинираше емоцијата во музиката и со својата автентичност го освои светот.
Со повеќе од 20 милиони продадени изданија, милиони стримови и бројни меѓународни признанија, Емели Санде е уметник со несомнен светски статус. Низ годините, нејзините песни како “Next to Me”, “Read All About It”, “Clown”, “Beneath Your Beautiful” и “My Kind of Love” станаа химни на милиони луѓе. Таа е позната по способноста секоја нота да ја претвори во приказна, а секој настап во незаборавен момент. Нејзиниот вокал, опишан како еден од најпрепознатливите на современата сцена, носи сила, длабочина и искреност што ретко кој артист денес ја поседува.
Концертот на 7 ноември, ќе биде дел од нејзината европска турнеја, на која Емели Санде се претставува во модерно, свежо и драматично продукциско пакување. Настапот во Скопје ќе понуди врвна жива изведба со бенд, моќна продукција, визуелни елементи и сценографија, сет листа што ги опфаќа најголемите хитови и нови песни, интимни моменти во кои Емели ја открива својата уметничка душа пред публиката.
Дополнително, концертот на Емели Санде во Скопје се реализира во рамките на Scream Festival – фестивал кој обединува врвни светски и регионални уметници и носи силна културна и продукциска вредност на домашната сцена. Покрај настапот на Емели Санде, фестивалската програма ќе вклучи и други внимателно одбрани изведувачи, создавајќи неколкучасовно музичко доживување.
Картите се веќе пуштени во продажба и истите може да ги купите преку продажната мрежа на: www.kupikarta.com, Розе Веро 2, ЈК травел во Бисер и Јк Травел Дајмонд.
Забава
Концерт на „Некст Тајм“ на 27 ноември во Скопје
По 18 години присуство на македонската музичка сцена, исполнети со песни што го надминаа времето, а и трендовите, Некст Тајм на 27 ноември ќе одржат голем концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Ова е концерт за сите „некогаш“ и сите „сега“. За сите што пораснаа со нивната музика, но и за оние што допрва ја откриваат. Вечер во која македнската музика добива простор, глас и сцена каква што заслужува.
На 27 ноември, арената „Борис Трајковски“, ќе стане простор каде што ќе се пеат песни што одамна ги знаеме наизуст, но и ќе се почувствува силата на едно музичко име кое опстојува со квалитет, доследност и свој препознатлив израз. Со продукција достојна за ваков момент и внимателно осмислен репертоар, концертот ветува доживување кое го надминува форматот на обична музичка вечер.
Некст Тајм со години успешно го спојуваат современиот звук со македонското музичко наследство. Обработките на традиционалните песни како „Ја излези Ѓурѓо“, „Зајди, зајди“, „Налеј, налеј“ и други македонски народни теми, добија нов живот преку нивниот препознатлив израз, со почит кон оригиналот, но со современа емоционална сила што им овозможи на овие песни да допрат и до помладата публика.
Токму оваа способност, да се зачува коренот, а да се пренесе емоцијата во ново време, лежи еден од најсилните адути на Некст Тајм.
Некст Тајм во Скопје. За љубовта кон музиката. И за љубовта кон македонската песна.
Картите за овој концерт се веќе пуштени во продажба и истите може да се купат преку: www.kupikarta.com, Розе Веро 2, Јк травел Бисер и Јк травел Дајмонд.
Линк за карти: https://kupikarta.com/event-details.nspx?eventid=5732

