Македонија
Денес студено утро, а преку денот сончево и до 11 степени, до среда времето стабилно
Студено утро со услови за слаба магла во котлините, преку денот сончево со мала облачност за денес предвидува Управата за хидрометеорологија. Ќе дува слаб променлив ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до 3, а максималната ќе достигне од 4 до 11 степени.
Во Скопје наутро студено со услови за појава на магла, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 9 степени.
До среда ќе продолжи периодот на стабилно и суво време, во најголемиот дел од земјата со негативни утрински температури. Понекаде во котлините наутро ќе има услови за појава на магла. Од ноќта кон среда од запад ќе започнуваат врнежи од снег и понекаде од дожд. Ќе се создаде снежна покривка особено во западните и северните делови, а постојната значително ќе се зголеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити: Во општина Свети Николе само во водоводна инфраструктура инвестираме над 1.3 милиони евра
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, придружуван од заменик министерката Ане Лашкоска беше во работна посета на општина Свети Николе, каде заедно со градоначалникот Дејан Владев направија обиколка на локацијата на која се гради фекална канализација во с. Мустафино, во должина од 8 километри.
Проектот за изградба на фекалната канализација во с. Мустафино е повеќегодишен и е финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, кое има склучено Договор во вредност од 32.5 милиони денари за изведба и Договор во вредност од 165 илјади денари за вршење на стручен технички надзор.
„Она што сакам да го истакнам е дека проектот се реализира и побрзо од предвидената динамика. Степенот на реализација на градежните работи изнесува 82 проценти од целокупниот проект“ изјави министерот Меџити и информираше дека во оваа општина и преку Европската инвестициска банка ќе се инвестираат средства во водоводната инфраструктура. Инвестициите се во висина од над 738 илјади евра за проектите: изградба на фекална канализација с. Кадрифаково, фекална канализација с. Сопот, водоводна мрежа во место викано “Мало Стопанство” и реконструкција на водоводна мрежа на дел од улиците Кумановска и Ќиќевачка.
Градоначалникот Дејан Владев се заблагодари на огромната помош добиена како од министерството така и од Владата, а информира дека општина Свети Николе на новиот повик од Владата ќе аплицира со проект за водоводна мрежа во м.в. Кнежевски пат, со што ова општина трајно ќе го реши проблемот со водоснабдувањето и ќе обезбеди современи услови за живот на населението.
Тој најваи дека изведбените работи за фекалната канализација во с. Мустафино се очекува да завршат до мај/јуни годинава.
Македонија
Тик-Ток ќе се забрани ако некоја појава од инцидент прерасне во пракса, рече Андоновски
Ќе се пристапи кон забрана на „Тик-ток“ ако некоја појава од инцидент прерасне во пракса. Ова го изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, прашан дали се разгледува забрана на платформата, на која најнов опасен предизвик за децата е оној со „парацетамол“.
„Ние имаме малку поразличен пристап, како што видовте со онлајн игрите на среќа. Кога е забележано дека тоа претставува проблем за поширок круг на граѓани, ние пристапуваме кон законски измени и кон забрана на пристапот на онлајн игрите на среќа коишто се нелегални. Истиот пристап ќе го имаме и кон овие апликации. Доколку забележиме дека тоа од инцидент станува редовна практика, како што стануваат нелегалните онлајн коцкарници, тогаш ќе пристапиме кон забрана. Но, не сакам да излегувам со различна изјава секоја недела и да го менувам ставот во зависност од тоа каков предизвик се појавил и на која социјална мрежа. Кога ќе видиме дека тоа прераснува во пракса, стои на располагање алатката за забрана“, рече Андоновски.
Тој беше дел од обележувањето на Денот на побезбеден интернет, што кај нас се одбележа првпат денеска во ОУ „Димитар Македонски“ во Лисиче. Министерот очекува учениците и нивните родители да го користат упатството што е доставено пред две недели во училиштата, кое треба да ги заштити најмладите од предизвиците на интернетот. Во таа насока рече дека упатството било споделено со сите училиштата и доставено до МОН и Педагошката служба. Тоа има два дела, од кој вториот е наменет за родителите, и е достапно за секој што е заинтересиран на веб-страницата и фејсбук-профилите на министерството.
Македонија
Герасимовски: Комунална хигиена и викендов одмараше, Центар го собра ѓубрето во Дебар Маало кај Круг
Oоштина Центар ја обвини ЈП „Комунална хигиена“ дека и викендов потфрлила и не ја завршила својата работа, оставајќи ја познатата локација кај „Круг“ во Дебар Маало затрупана со отпад.
Контејнерите што се наоѓаат веднаш до детската градинка „13 Ноември”, објект Парк и станбените згради околу беа преплавени со расфрлан смет. Екипите на Општина Центар веднаш интервенираа и го исчистија просторот околу контејнерите, со цел да обезбедат основна хигиена за жителите.
Паралелно, во Буњаковец е во тек расчистување на депонијата зад катната гаража. Со механизација се отстранува шут, стакло и друг отпад, со години складиран во оваа магацин- депонија од страна на несовесни лица.
„Чистотата и хигиената во нашата општина се наш приоритет. Ќе продолжиме со акциите за да обезбедиме поквалитетна и побезбедна средина за сите наши сограѓани,“ изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Се додава дека акцијата за чистење под мотото „Центар не чека, Центар чисти“, е поттикната од непостапувањето на „Комунална хигиена“.