Свет
Објавата на Трамп за разговорот со Путин менува сè, Европа во шок
Американскиот претседател Доналд Трамп најави итен почеток на мировните преговори меѓу Русија и Украина по, како што рече, долгиот и многу продуктивен разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Веста за разговорот предизвика бурни реакции во меѓународната заедница, а најмногу ги шокира европските сојузници на Украина.
Трамп во објавата на својата социјална мрежа Truth Social истакна дека за време на разговорот, кој траел еден и пол час, тој и Путин разговарале за Украина, Блискиот Исток и за соработката во областа на вештачката интелигенција. Клучната точка на разговорите беше постигнувањето мировен договор за ставање крај на конфликтот во Украина, кој, според Трамп, веќе однесе милиони животи.
„Сакаме мир и крај на страдањата“
„Се договоривме веднаш да ги почнеме преговорите. Нашите тимови ќе почнат со работа, а првиот чекор ќе биде да го повикаме украинскиот претседател Володимир Зеленски за да го информираме за разговорот“, рече Трамп. Тој додаде дека задолжил тим предводен од државниот секретар Марко Рубио, директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, и советникот за национална безбедност, Мајкл Волц, да ги водат преговорите.
Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, потврди дека разговорот траел еден и пол час и дека двајцата лидери се согласиле дека решението на конфликтот е можно само преку мировни преговори. Тој исто така истакна дека Путин го поканил Трамп во Москва да ги продолжи разговорите во живо.
И Зеленски разговараше со Трамп
По разговорот на Трамп со Путин, тој имаше телефонски разговор и со украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Украинскиот лидер го опиша разговорот како долг и значаен нагласувајќи ја подготвеноста на Украина да соработува.
„Украина сака мир повеќе од кој било. Ние дефинираме заеднички чекори со Америка за да ја запреме руската агресија и да обезбедиме траен, сигурен мир“, рече Зеленски. И покрај тоа што одржува дипломатски тон, тој јасно стави до знаење дека Украина нема да се откаже од своите клучни цели, вклучувајќи го и враќањето на териториите изгубени од 2014 година.
Американскиот пресврт на настаните ја шокире Европа
Одлуката на Вашингтон веднаш да почне преговори со Русија и да ја намали поддршката за Украина предизвика вознемиреност кај европските сојузници. Според „Политико“, американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, ги информирал своите колеги во Брисел дека Украина нема шанси да ги врати Крим и источните делови на земјата.
„Илузорно е да се верува дека Украина може да се врати на границите од 2014 година. Продолжувањето на војната само ќе донесе повеќе страдања“, рече Хегсет. Тој додаде дека САД имаат намера да ја намалат својата улога во европската безбедност оставајќи ги европските земји со поголема одговорност за одбраната на континентот.
Неговата изјава предизвика негодување кај европските дипломати. Шефот на германската дипломатија, Аналена Баербок, истакна дека „Украина не може да се реши без Украина“, а францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, истакна дека мирот мора да биде придружен со безбедносни гаранции за Украина. Тој повика и на директно учество на Европа во преговорите нагласувајќи дека „нема да има праведен и траен мир во Украина, без учество на Европејците“.
Полска и балтичките земји бараат посилна воена поддршка за Украина
Полска и балтичките земји реагираа особено силно предупредувајќи дека какви било мировни преговори, без претходно зајакнување на воените капацитети на Украина, може да бидат опасни. Полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, истакна дека е клучно да се обезбеди дополнителна воена помош за Украина пред да почнат разговорите со Русија.
„Полска цврсто ќе застане со Украина. Зголемувањето на нејзините воени капацитети е клучно за обезбедување траен мир“, рече Сикорски.
Нова безбедносна архитектура за Европа
Се чини дека одлуката на Трамп да не го вклучи НАТО во мировниот процес на преговори дополнително ја комплицира ситуацијата. „Гардијан“ напиша дека пристапот на Трамп, кој го исклучува НАТО од преговорите, може да го поткопа кредибилитетот на алијансата и да ги ослаби одбранбените капацитети на Европа на долг рок. Едноставно, најавата на Трамп може да значи маргинализирање на Европа во целиот преговарачки процес, кој, како што најави американскиот претседател, ќе почне многу бргу.
Треба да се спомене и дека француските дипломати силно инсистираа на продолжување на патот на Украина кон членство во НАТО и покрај американското противење. „Европската безбедност е загрозена. Не можеме да се вратиме на ситуацијата пред инвазијата“, изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро. Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, изјави дека Обединетото Кралство ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Украина, и воена и политичка.
Ова е огромен пресврт за САД, но е и она што Трамп го најавуваше. Освен ЕУ, шокиран е и Киев
Мировниот план на Трамп претставува тектонска промена во американската политика кон Украина, што би можело да ја редефинира глобалната безбедносна архитектура. Од друга страна, тоа е потег што е во согласност со она што Трамп го најави пред неговата инаугурација – дека ќе работи на завршување на војната во Украина.
Додека поддржувачите го гледаат потегот како прагматичен чекор кон завршување на конфликтот, многу европски лидери и аналитичари изразуваат загриженост за можните предвремени отстапки за Русија. „Гардијан“ пишува дека, покрај европските сојузници, подготвеноста на Трамп да се вклучи во брзи преговори и потенцијални територијални отстапки исто така предизвика тревога во Киев, при што се појавија стравувања дека таквиот пристап може да ги поттикне натамошните руски барања.
Бидејќи светот внимателно ги следи информациите за претстојните, долгоочекувани преговори, јасно е дека влогот е голем. Исходот ќе ја одреди не само иднината на Украина туку и долгорочните односи меѓу Западот и Русија, како и новото поглавје во политиката на глобалната моќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Словенечкиот премиер најави построги безбедносни мерки по убиството
Словенечкиот премиер Роберт Голоб најави засилување на безбедносните мерки и измени во казнената политика по смртта на 48-годишен маж во Ново Место, кој почина по напад, пренесе „Индекс“.
Во телевизиско обраќање, Голоб рече дека државата ќе направи сè за да ја заштити безбедноста на граѓаните, но предупреди дека „репресивните мерки нема да бидат популарни“.
Тој најави двојно зголемено полициско присуство во југоисточниот дел на земјата и рече дека сите институции – полицијата, обвинителството и судството – ќе добијат поголеми овластувања.
„Овој сторител не стана таков преку ноќ. Тој е производ на систем што не функционирал. За да го смениме тоа, ќе биде потребна цела генерација“, изјави Голоб.
Премиерот ги повика сите политички лидери да покажат одговорност и да не ја користат трагедијата за собирање политички поени.
Регион
Курти не успеа да формира влада
Лидерот на Движењето „Самоопределување“, Албин Курти, соопшти дека актуелната влада ќе продолжи да функционира до одржување на нови парламентарни избори, откако денеска во косовското Собрание не доби доволен број гласови за формирање нов кабинет, пренесе „Фонет“.
„Им благодарам на сите пратеници кои го поддржаа предлогот за новата влада и на граѓаните за поддршката. Бидејќи 56 гласа беа за, 52 против, а четворица воздржани, новиот мандат не може да започне. Во меѓувреме, како актуелна влада продолжуваме кон новите парламентарни избори“, напиша Курти на „Фејсбук“, пренесе „Косев“.
По гласањето, претседателот на Собранието, Димал Баџа, изјави дека одговорноста сега преминува на претседателката Вјоса Османи, која најави консултации со сите партии. Доколку не биде формирана влада, Османи ќе распише нови избори во рок од 40 дена.
Опозициските партии веќе порачаа дека нема да се обидат да формираат влада, бидејќи немаат мнозинство.
Свет
Гувернерот на Калифорнија сака да биде претседател на САД
Гувернерот на Калифорнија, демократот Гавин Њусом, изјави во интервју за „Си-Би-Ес“ дека сериозно размислува за кандидатура за претседател на САД во 2028 година, пренесе „Хина“.
Тој нагласи дека конечната одлука ќе ја донесе по изборите за Претставничкиот дом и Сенатот во 2026 година. „Да, би лажел кога би рекол поинаку“, рече Њусом на прашањето дали планира да се кандидира.
Како што потсетува агенцијата, Њусом оваа година ја зацврсти својата позиција во Демократската партија, особено поради честите судири со актуелниот претседател Доналд Трамп.
Инаку, според Уставот на САД, Трамп нема право на трет претседателски мандат.
Изборите за американскиот Конгрес ќе се одржат во ноември 2026 година.
California Gov. Gavin Newsom says he’s open to a presidential run.
The Democrat and frequent Trump critic said he’ll give serious thought to a White House bid after next year’s midterms. “I’d be lying otherwise,” Newsom said, adding that “fate will determine” his decision and a… pic.twitter.com/uD8OqNrnHE
— CBS Sunday Morning 🌞 (@CBSSunday) October 26, 2025

