Култура
Cuban Fire – Националниот џез-оркестар свири афрокубанска музика
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Cuban-Fire_Event_Nebojsa-Nask-1.jpg)
Уште едно неверојатно музичко доживување од Националниот џез оркестар, кое овој пат се фокусира на афро-кубанската музика и ги спојува биг-бенд музиката со кубанските ритми и мелодии! Оваа автентична „латино свита“ ќе ја води диригентот Зиги Фајгл кој со години го држи пиедесталот на најдобар биг-бенд диригент во Европа и пошироко.
„Cuban Fire“ е насловот на концертот кој е закажан за 20 февруари во Филхармонија, со почеток од 20 часот, именуван по истоимениот албум на исклучителниот американски џез-бенд лидер, пијанист, композитор и аранжер, Стен Кентон. Репертоарот вбројува дел од најзначајните композиции на Кентон, вклучувајќи го и албумот Cuban Fire, вистинско биг-бенд ремек-дело кое критиката го опишува како „возбудлива и кинематографска фузија на кубанската и биг-бенд музиката.“
На концертот, оркестарот ќе настапи со појачана дувачка и ритам секција, сето тоа за поголема автентичност при доловувањето на афро-кубанските ритми и мелодии кои доминираат во избраниот репертор.
Стен Кентон е влијателен американски џез-бенд, пијанист, композитор и аранжер чијашто музика се карактеризира со сложени аранжмани и необична инструментација. Тој водел иновативен џез оркестар речиси четири децении, од 1940-тите до 1970-тите. Познат е по неговиот прогресивен џез стил, кој комбинира елементи на класичната музика со биг-бенд џез.
Диригентот Зиги Фајгл е добро познат на нашата публика, меѓу другото и по неколкуте досегашни настапи со нашиот оркестар. Фајгл е светски познат диригент на биг бенд, првенствено познат по неговиот придонес за австриската џез сцена. Водел различни биг-бендови и ансамбли, меѓу кои биг бендот во Грац, ХГМ биг бендот, биг бендот Суд, преку својата работа покажувајќи го својот талент за аранжирање и диригирање на големи музички состави.
Работата на Фајгл во музиката за биг бенд често опфаќа широк спектар на стилови, од традиционалните свинг и џез стандарди до посовремени и експериментални композиции. Има соработувано со многу реномирани музичари и уметници, како во Австрија, така и на меѓународно ниво, меѓу кои Бил Холман, Тутс Тилеманс, Арт Фармер, Марк Марфи, Боб Брукмаер, Артуро Сандовал и други, и се стекнал со репутација за неговото вешто лидерство и иновативни аранжмани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Култура
Конститутивна седница на координативното тело за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Kons.-sednica-2.jpg)
Денеска, во Порта „Македонија“ се одржа конститутивен состанок на координативното тело за изготвување на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик.
На првата конститутивна седница министерот Љутков се заблагодари за присуството и за посветеноста да бидат дел од оваа значајна и одговорна работа, со која се означи почетокот на подготовките за одбележување на еден многу важен и значаен јубилеј за нашата земја и за нашиот народ.
„Конституирањето на ова координативно тело е многу важен чекор за организирање на сите активности што ќе го одбележат овој значаен јубилеј. Со вашата експертиза, посветеност и соработка сигурен сум дека ќе создадеме програма што ќе ја истакне важноста на македонскиот литературен јазик, ќе го прослави неговото наследство и ќе ја промовира неговата современа употреба“, рече Љутков.
Наша задача е, како што рече, да организираме настани, изложби, конференции, издавање публикации и други културни активности што ќе го истакнат значењето на македонскиот јазик како носител на културната и националната меморија, но и како живо средство за комуникација, за образование и креативност во денешно време.
„Како министер за култура, сметам дека овој јубилеј не е само повод за славење на минатото, туку и важен момент за размена на идеи за иднината на македонскиот литературен јазик. Во текот на овие 80 години нашиот јазик се развива и осовременува, а ние, како носители на културната политика, имаме одговорност да го негуваме, да го штитиме и да го пренесуваме на идните генерации“, рече Љутков.
Тој порача овој јубилеј да биде поттик за нови размислувања за иднината на македонскиот литературен јазик, за неговото место во глобалниот контекст, но и за неговото место и развој во сите сфери на животот.
Култура
Оскаровска Гала вечер – музичко филмска бајка во МНТ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Ана-Петановска-и-Христијан-Тоневски.jpg)
Вистинска филмска магија ќе се случува на 22. февруари, сабота во Македонскиот Народен Театар во Скопје кога ќе се одржи втората Оскаровска Гала вечер. На концертот ќе бидат изведени песни кои влегле во филмската историја и биле номинирани и наградени со Оскар.
Ќе ги исполнат врвни македонски пејачи, Наде Талевска, Ана Петановска, Светлана Јовановска (South Park), Горан Наумовски, Денис Димоски, Дејан Бобиќ Дексо, Марија Димитријевиќ, Јасна Димитровска заедно со Битолскиот Камерен Оркестар IWConnect под дригентската палка на Владимир Димовски и Полифонија.
Миланка Рашиќ, коментатор на Оскаровското шоу и автор на емисијата за филм „Во кадар“ на МТВ, ќе ја води публиката низ Оскаровските приказни.
Филмската магија на сцената ќе ја создадат и настапите на балетските уметници Саша Ефтимова и Ендрју Кук, како и танчерите од танц клубот Dancers United.
„Музичкиот избор од оскаровските песни е извонреден. Сигурна сум дека публиката ќе ужива во маестралните изведби на големите хитови и во нашиот музичко филмски времеплов“ – вели Миланка Рашиќ.
„Ова е еден од ретките настани во нашата земја на кој се изведува музика со врвен квалитет. Преку овој концерт се чувствуваме како дел од Оскаровската магија“– вели Горан Наумовски.
Пристигнувањето на посетителите на Црвениот тепих е од 19.30., а концертот Оскаровска Гала вечер ќе започне во 20 часот.
Настанот ќе се одржи точно една недела пред 97-та Оскаровска церемонија во Лос Анџелес.
Култура
Свечено доделување на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2024 година
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/dodeluvanje-dpm.jpg)
Утре напладне во ДПМ ќе се одржи свеченото доделување на традиционалните годишни награди на Друштвото на писателите на Македонија за 2024 година.
Добитници на наградите се:
– Жарко Кујунџиски, за збирката раскази „Приказничар“, во издание на „Антолог“ (награда „Стале Попов“, членови на жири-комисија: Лилјана Пандева, Петар Андоновски, Блаже Миневски)
– Иван Џепароски, за збирката песни „Посвети и пофалби“, во издание на „Дијалог“ (награда „Ацо Шопов“, членови на жири-комисија: Катица Ќулавкова, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Влада Урошевиќ)
– Иван Антоновски, за книгата за деца „Бакнежи на небото“ во издание на „Едиција Светулка“ (награда „Ванчо Николески“, членови на жири-комисија: Билјана С. Црвенковска, Мито Спасевски, Александра Велинова),
– Наташа Аврамовска, за збирката есеи „Книжевни паметници“ во издание на Институтот за македонска литература (награда „Димитар Митрев“, членови на жири-комисија: Лидија Капушевска-Дракулевска, Дејан Трајкоски, Санде Стојчевски)
– Гордана Јовиќ-Стојковска, за романот „Била једном једна кућа“ во издание на „Слово љубве“ (награда „Мост“, членови на жири-комисија: Сеида Бегановиќ, Тихомир Јанчовски, Лејла Шериф-Емин).
Овој настан, со кој Друштвото на писателите ќе одбележи 78 години од своето основање, ќе биде збогатен и со настапот на Добрила и Дориан Дуо.