Македонија
Се бара притвор за осомничените: марихуаната во вредност од 707.000 евра била скриена меѓу отпадна хартија

Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против двете лица од Куманово и Тетово за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Тие, по претходен договор и заедно со учество во дејството на извршување, неовластено, заради продажба во Република Турција, пренесувале марихуана од Куманово до граничниот премин Богородица.
„Дрогата, во вкупна количина од 188.363 грама, спакувана во 165 пакувања армирани полиетиленски кеси, ја превезувале во камион во сопственост на скопска фирма, која пренесувала отпадна пресувана хартија. Дрогата била скриена меѓу балите отпадна хартија. Камионот бил натоварен во Приштина и второосомничениот со легално товарање на 8 февруари влегол во државава на граничниот премин Блаце. Таму го пречекал второосомничениот и на паркинг-плац на патот Куманово – Свети Николе била извршена замена на дел од натоварената стока со други бали, во кои во внатрешноста била скриена марихуаната. На 10 февруари првоосомничениот се јавил на Богородица на излез од државава, каде што овластени службени лица го запреле, детаљно ја прегледале целата стока и ја пронашле дрогата“, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, на возраст од 43 и 41 година, бидејќи постојат околности што го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство, ќе ги уништат трагите од кривичното дело, ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците или соучесниците во кривичното дело и дека ќе го повторат кривичното дело.
Претходно, беше соопштено дека осомничените возачи се од Куманово и Тетово, а проценетата вредност на дрогата на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа во која загинаа три лица

Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа што синоќа се случи на патот Кичево – Гостивар во која загинаа три лица, а осум беа повредени.
Државното јавно обвинителство утринава соопшти дека од местото на несреќата подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телата на починатите се дадени на обдукција и дадена е наредба за испитување на евентуално присуство на алхокол или други супстанции кај повредените.
– По насоки на јавниот обвинител продолжуваат да се преземаат и други дејствија, информираат од Јавното обвинителство.
Македонија
Со протестен марш на семејствата, ќе се бара правда за настраданите во пожарот во Кочани

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.
Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица.
Македонија
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.