Македонија
Во Кисела Вода утре почнува тримесечна акција за бесплатно собирање кабаст и електронски отпад
Општина Кисела Вода од утре, сабота, 15-ти февруари, почнува голема акција за бесплатно собирање на кабаст и електронски отпад, која ќе трае три месеци, заклучно со 20 април. Истата се реализира во соработка со Министерството за животна средина, како дел од акцискиот план на Владата за почист воздух.
Акцијата ќе се одвива во текот на месеците февруари, март и април, во периодот од 15-ти до 20-ти во секој од овие месеци. За граѓаните ќе бидат обезбедени по две локации во секоја населба и населено место, каде што ќе можат да го изложат својот кабаст отпад, шут и електронски отпад.
Жителите на општината можат да се ослободат од стариот мебел, апарати, градежен шут, неисправни електронски уреди како фрижидери, телевизори, компјутери, клими, замрзнувачи и други отпадни предмети. Електронскиот отпад ќе биде соодветно третиран од страна на социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа, кое е лиценцирано за управување со неопасен отпад, што ќе овозможи негова еколошки одговорна обработка и спречување на штетни последици по животната средина. Собраниот електронски отпад безбедно ќе биде транспортиран во Екоцентар97 на третман и понатаму на рециклирање.
-Ги повикувам сите граѓани да ја искористат оваа можност и бесплатно да го одложат својот кабаст и електронски отпад на соодветните локации и во предвидените денови. Со оваа акција спречуваме создавање на диви депонии и го заштитуваме здравјето на жителите, бидејќи со неа обезбедуваме и безбедно складирање и транспортирање на отпадот, без ризик за животната средина и здравјето на луѓето. Истовремено, инспекциските служби ќе вршат редовни контроли и ќе санкционираат секој што нема да го почитува предвидениот начин на одложување отпад. Дополнително, покрај оваа акција која ќе ја спроведеме заедно со Министерството за животна средина, како дел од акцискиот план на Владата за почист воздух, ние како локална самоуправа интензивно работиме на генерално чистење од комунален отпад на сите 15 населби и населени места во општината. Досега се собрани 25 тони отпад, а акцијата ќе продолжи се додека не бидат опфатени сите месни и урбани заедници-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Локациите каде што ќе се изложува кабастиот отпад од 15-20 февруари се следните:
УЗ Пржино – ул. Милан Мијалковиќ (зад УЗ Пржино) и ул. Мариовска (покрај стовариштето на Треска)
УЗ Црниче – Ул. Наум Охридски (пред УЗ Црниче) и ул. Ениџе Вардарска (наспроти кладилница Копачка)
УЗ 11-ти Октомври згради – Ул. Пушкинова бр. 4 и ул. Михаил Чаков спроти УЗ 11 Окт. – згради
УЗ 11-ти Октомври бараки – Зад Космофон во делот покрај детско игралиште и Ул. Лазар Димитров кон Трим Патека на вториот влез
УЗ Кисела Вода – ул. Христо Татарчев бр.72 (кај амбулантата) и ул. 14 Декември (кај подземните контејнери)
УЗ Расадник – ул. 1511 (наспроти Кватро Кафе) и пред сала Расадник зад паркот за миленици
УЗ Цветан Димов – ул. Емил Зола бр. 7 и ул. Георги Димитров зад економското училиште
УЗ Бирарија – Ул. Томе Арсовски наспроти парк Бирарија и ул. Фредерик Шопен зад училиштето Кузман Ј. Питу
МЗ Пинтија – ул. Јабланица (на местото Славија веднаш до МЗ Пинтија) и ул. 1513 под делот на детска градинка
МЗ Усје – Паркингот пред МЗ Усје и на влез во УСЈЕ (десно до оградата на Цементара-Усје)
МЗ Припор – Ул. Христо Татарчев крак 14/159 и Под објектот на МЗ Припор
МЗ Подстаница – Ул. Сердарот бр.115 (кај фудбалско игралиште) и Ул. Сердарот бб (пред МЗ Подстаница)
МЗ село Драчево – ул. Китка (слободниот простор покрај гимназијата) и ул. Драчевска бр. 92 (пред стара пошта)
УЗ Бобан Трпков – нас. Драчево – ул. Бранко Заревски (зад УЗ Населба Драчево) и ул. Бранко Заревски бр. 17 (стакларска зграда)
МЗ Стаклара – ул. 1519 (делот кај трансформаторот спроти продавницата) и ул. 1520 (кај ширината пред почетокот на куќите)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

