Свет
Северна Кореја: Ако Америка е загрижена за своето копно, треба да престане да се заканува

Северна Кореја соопшти дека САД треба да се откажат од воените закани доколку се загрижени за безбедноста на своето копно, објави државниот медиум „КЦНА“, цитирајќи претставник на севернокорејското Министерство за одбрана.
Во извештајот се цитира шефот на Северната команда на САД кој неодамна ја коментирал способноста на севернокорејските интерконтинентални балистички ракети (ИЦБМ) да стигнат до копното на САД.
Во извештајот се наведува дека Соединетите Држави се впуштаат во конфронтирачко однесување како што е планирањето воени игри со Јужна Кореја и испраќањето нуклеарна подморница на Корејскиот полуостров.
Суверено право на Северна Кореја е да ги подобри своите капацитети за самоодбрана, се додава во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Политико: Фридрих Мерц предизвик за Урсула фон дер Лајен и нејзината позиција во ЕУ

Лидерот на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, за кого се предвидува победа на претстојните избори, јасно најави дека ќе биде многу поактивен во европските прашања од неговиот претходник Олаф Шолц, што бриселски „Политико“ го оцени како најголем предизвик за Урсула фон дер Лајен како претседател на Европската комисија.
Подигнувањето на Мерц доаѓа во време кога американскиот претседател Доналд Трамп сигнализира дека Европа мора да преземе поголем дел од одговорноста за воената и економската помош за Украина, пишува бриселскиот портал, пренесува Танјуг.
Иако поголемата улога на Германија во ЕУ може да биде од корист за Фон дер Лајен, конфликтите меѓу Мерц и неа стануваат се поочигледни, пишува Политико.
Додека Фон дер Лајен се залага за зелени реформи, родова еднаквост и отворени внатрешни граници на ЕУ, Мерц поддржува дерегулација, ограничување на миграцијата и зајакнување на националните држави во однос на Брисел.
Нивните односи дополнително се оптоварени со долгогодишниот конфликт во ЦДУ, каде што Фон дер Лајен беше близок соработник и доверлив човек на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, додека Мерц беше нејзин противник со години.
Според Политико, се очекува дека нивниот однос ќе ги обликува идните политички трендови во ЕУ, особено во прашањата за фискалната политика, односите со Кина и миграцијата.
Свет
На суд ќе се појави девојката од Полска која тврдеше дека е Медлин, ги демнела родителите на исчезнатото девојче

Девојката од Полска која тврдеше дека е Британката Медлин Мек Кен, утрово треба да се појави на суд, откако беше обвинета за следење, пишува Дејли Мејл.
Џулија Вандел (23) е обвинета по четири точки за следење откако завчера беше уапсена на аеродромот во Бристол.
Се верува дека таа ги демнела Кејт и Гери Мек Кен, родителите на исчезнатата Медлин, иако полицијата во Лестершир официјално не го потврдила тоа. Вандел е во притвор и денеска треба да се појави пред судии во Лестер.
Медлин Мек Кен од англискиот град Ротли исчезна на 3 мај 2007 година во португалското одморалиште Праја да Луз, каде што беше на одмор со своите родители. Тие ги оставиле тригодишната Медлин и нејзините помали браќа близнаци да спијат во станот, додека отишле на вечера со пријателите во близина.
Полицијата во Лестершир објави дека две од обвиненијата против неа се однесуваат на следење помеѓу 2 мај 2024 година и 15 февруари 2025 година. Третото обвинение опфаќа инциденти помеѓу 3 јануари 2024 година и 21 април 2024 година, додека четвртото се однесува на дела извршени помеѓу 27 ноември 2024 и 2 декември 2024 година.
Полицијата потврди и дека 60-годишната жена од Велс, која беше уапсена со Вандел на аеродромот во Бристол, е пуштена на слобода со полициска кауција. Двете жени беа уапсени под сомнение дека ги следеле Кејт и Гери Мек Кен, кои живеат во Лестершир.
Вандел беше уапсена откако пристигна во Бристол со лет на Рајанер од нејзиниот роден град Вроцлав во југозападна Полска. Двете жени биле однесени во притворската единица во Лестер на сослушување по нивното апсење. Се верува дека жените автоматски биле подложени на ДНК тест по апсењето, што е стандардна процедура во ОК за евидентирани злосторства.
Бидејќи следењето во ОК е евидентирано, нивните генетски податоци ќе бидат зачувани во националната полициска база на податоци за ДНК. Ова ќе и овозможи на полицијата конечно да ја потврди вистинитоста на тврдењата на Вандел дека таа би можела да биде Медлин, споредувајќи го нејзиниот примерок со примероци од исчезнатата Медлин или од нејзиното потесно семејство.
Исчезнувањето на Медлин Мек Кен е една од најголемите истраги за исчезнати лица во историјата, а нејзината судбина сè уште останува непозната. Британското Министерство за внатрешни работи минатата година потврди дека одобрило дополнителни 192.000 фунти (околу 224.000 евра) за истрагата на Скотланд Јард за исчезнувањето на Медлин.
Свет
Европол во Полска спречи криминална група која фалсификувала 12.000 документи

Во Полска се спречени активностите на криминалната група која фалсификувала повеќе од 12.000 официјални документи, престој и возачки дозволи, пасоши, визи и лични карти.
Седуммина осомничени членови на групата се уапсени, соопшти денеска Европол.
Во соопштението се наведува дека операцијата била спроведена на 3 и 4 декември 2024 година во Полска и дека биле запленети електронски уреди, документи и кредитни картички.
Се нагласува дека криминалната група на платформите на социјалните мрежи се огласувала дека пружала правна помош, а всушност продавала фалсификувани документи за до 1.500 евра по документ.