Македонија
Мицкоски и Хојзген во Минхен разговараа за безбедносните предизвици
Премиерот Христијан Мицкоски во рамките на работниот престој во Минхен, Сојузна Република Германија денеска оствари средба со претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојзген.
На средбата се разговараше за актуелните безбедносни предизвици во Европа и регионот, како и за можностите за зајакнување на меѓународната соработка во доменот на безбедноста и стабилноста.
Премиерот Мицкоски ја истакна заложбата за унапредување на стратешкото партнерство со сојузниците од НАТО и потребата за напредок на патот кон Европската унија, како и за активната улога на земјата во регионалната безбедносна архитектура.
Тој нагласи дека стабилноста на Западен Балкан е клучна за европската безбедност и ќе продолжи да работи на продлабочување на билатералните и мултилатералните односи во оваа област.
Двете страни се согласија дека соработката е клучна за справување со глобалните предизвици и дека иднината на регионот е во одржлив развој, економски просперитет и сигурност за сите граѓани.
Мицкоски денеска оствари билатерална средба и со премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ. Средбата се одржа во духот на пријателските односи меѓу двете земји, при што беше нагласена важноста на продолжувањето на политичкиот дијалог и економската соработка.
Двајцата премиери разговараа за билатералните односи, евроинтегративниот процес и предизвиците со кои се соочува регионот на Западен Балкан. Премиерот Мицкоски изрази благодарност за континуираната поддршка што Хрватска ја дава на Македонија во процесот на европските интеграции и нагласи дека Владата останува посветена на реформските процеси со цел забрзување на пристапните преговори.
Премиерот Пленковиќ ја потврди поддршката на Хрватска на патот кон Европската унија, истакнувајќи дека стабилноста и развојот на регионот се од заеднички интерес.
Во текот на денот Мицкоски ќе земе учество во дел од активностите на Минхенската безбедносна конференција, каде ќе има свое обраќање на панел дискусијата на Форин Полиси, говерејќи за геополитиката, енергетската сигурност и улогата во промените на глобално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел утре без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
(Видео) Се уриваат дискотеките во Градски парк, ќе се гради нов Луна парк
Старите дискотеки во Градскиот парк во Скопје ќе бидат урнати, а на нивно место ќе се изгради нов Луна парк, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Уривањето на дискотеките и расчистувањето на просторот веќе е започнато, а нема најава кога ќе почне изградбата на новиот Луна Парк.
Ѓорѓиевски објави видео на кое, како што вели, се отстрануваат старите бесправно изградени дискотеки, со што локацијата се подготвува за реализација на проектот – изградба на Луна паркот во Скопје.
„Ред мора да има! Се расчистува просторот за изградба на луна паркот. Старите бесправно изградени дискотеки во Градскиот парк заминуваат во историјата. Како што ветив, најдоброто за Скопје“, напиша тој.
Македонија
АХВ нема да постапува по анонимно поднесени претставки
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги информира физичките и правните лица дека согласно член 62 став 3 од новиот Закон за инспекциски надзор, кој е во сила од 01.01.2026 година, инспекциските служби на АХВ нема да постапуваат по анонимно поднесени иницијативи за спроведување на инспекциски надзор за прашања од делокруг на работењето на институцијата.
Постапувањето по иницијативите кои се уредно поднесени ќе се реализира согласно Процедурата за постапување по иницијативи за инспекциски надзор на АХВ.
Иницијативата може да се поднесе директно до АХВ преку контакт формата Поднесете претставка објавена на интернет страната на Агенцијата, електронски на [email protected], [email protected], како и лично во секоја подрачна единица на АХВ, на соодветен образец за поднесување иницијативи.
„Иницијативата задолжително треба да содржи назив на инспекцијата до која се поднесува, име, презиме и адреса на подносителот, односно, назив и седиште на правното лице, законски застапник или полномошник доколку го има, краток опис на повредата и назначување на субјектот кај кој се бара вршење на инспекциски надзор.
Доколку поднесената иницијатива е нецелосна или нејасна, таа ќе се врати до подносителот кој треба да ја прецизира/дополни во рок кој не подолг од 7 дена. Доколку подносителот не ја дополни иницијативата во определениот рок ќе се смета дека истата е повлечена“, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

