Македонија
Мицкоски: Наместо европеизација на Балканот се случи балканизација на Европа
Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на панел дискусијата Геостратегија и енергетска сигурност во рамки на Минхенската безбедносна конференција .
Премиерот Мицкоски говореше за новите предизвици кои се исправаат пред НАТО, за плановите на Македонија во областа на енергетиката, како и за идните односи во Европа.
Тој посочи дека воопшто не е изненаден од говорите на Минхенската безбедносна конференција и одредени промени на „ветриштата кои дуваат”.
Кога зборуваме за НАТО не заборавајте дека мојата држава за да стане член на НАТО, го промени името. Кога се зборува за откажувања и за двојни стандарди не треба да заборавиме на ова.
Нашата посветеност за НАТО не може да се доведе во прашање, со многу страдање и понижувања станавме членка на НАТО- рече премиерот Мицкоски и дополни дека не е изненаден од последните случувања и најави на американската администрација.
Премиерот Мицкоски посочи дека кога се говори за двојни стандарди во политкиката треба да се има предвид македонското прашање, затоа што две декади кандидатскиот статус не може да се претвори во членство заради вештачките прашања кои се отвораат.
Ги слушнав гласините во Минхен, за мешање во внатрешните прашања, но кога го менувавме нашето знаме, кога ја менувавме валутата или кога го менувавме нашето уставно име, што беше тоа? Не ли беше тоа мешање во внатрешните работи и зошто тогаш никој гласно не говореше. Дури и сега се соочуваме со барање за менување на уставот пак, доколку сакаме да почнеме преговори со ЕУ. Што е тоа? Зарем не е тоа мешање во внатрешните работи?- запраша Мицкоски.
Ние сме дел од Европа и сакаме да ги аплицираме европските вредности. Но она што се случува е нешто што е комплетно различно. Ние сме сведоци на тн “балканизација на Европа“, наместо “европеизација на Балканот“. Некои балкански земји членки ги донесоа балканските спорови и балканските вредности во Брисел, наместо да е обратно.
Вие рековте дека Русија го негира украинскиот идентитет, јазик, црква, ужасна инвазија која беше многу погрешна во 21 век, но во исто време парламентот на една од најмладите членки на ЕУ го негира македонскиот идентитет, македонскиот јазик кој е официјален јазик на ООН од 1945 и е меѓународно кодификуван од 1977, тогаш за што зборуваме? Зошто сите молчат тогаш- потенцираше Мицкоски и посочи дека Македонија мора да добие извесност на својот пат кон ЕУ.
Во врска пак со енергетските планови и Македонија како крстосница додаде:
„ Ова изгледа како визија за иднината на Северна Македонија која има огромен потенцијал. Да се биде копнена земја може да се смета за недостаток, но вашиот пристап- да ја искористите географската положба преку Коридорите 8 и 10 е многу стратешка.
Коридорот 8, кој ги поврзува Црното Море со Јадранското Море, е критичен не само за економијата туку и за НАТО, бидејќи создава силна транспортна оска од Исток кон Запад.
Истовремено, модернизацијата на Коридорот 10 може да го промени начинот на кој суровините и производите патуваат низ Европа, намалувајќи ја зависноста од далечни пристаништа како Ротердам и Хамбург. Ако пристаништето во Солун стане клучна точка за транспорт, Северна Македонија ќе добие значителна економска и геополитичка предност. “
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

