Македонија
Герасимовски: Со механизација измиени улиците во населбите Пролет и Маџир Маало, хигиената на прво место

Општина Центар информира дека вчера се спроведе акција за чистење и миење на улиците во населбите Пролет и Маџир маало, како дел од големата кампања „Центар не чека, Центар чисти“.
Градоначалникот Горан Герасимовски, потенцира дека оваа кампања има за цел да ја подобри чистотата на јавните површини во Центар, да ја зголеми еколошката свест и да ги одржува улиците на повисоко ниво на хигиена, откако Град Скопје пред три недели потфрли.
„Одржувањето на хигиената во Центар е од голема важност за општината. Вчера, со механизација ги миевме улиците во населбите Пролет и Маџир Маало, а исто така, спроведовме и акција за чистење и уредување на школскиот двор во училиштето „Коле Неделковски“, којашто ја реализиравме со учениците, наставниците и родителите. Како општина, продолжуваме да се грижиме за нашата околина, чист Центар е наша заедничка одговорност“, истакнува Герасимовски.
Акцијата продолжува и во наредните денови, со чистење на другите делови од општината, со цел обезбедување почист и поуредуван Центар за сите негови жители и посетители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Правичната застапеност на Албанците е уставна категорија, му се допаѓало тоа на Минчев или не

Првиот вицепремиер на Северна Македонија, Изет Меџити, реагираше на изјавите на министерот за јавна администрација од партијата ЗНАМ, Горан Минчев, во врска со вработувањата на Албанците во државните институции.
Во јавна објава, Изет Меџити го обвини Минчев дека користи реторика слична на онаа на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и потенцираше дека правичната застапеност на Албанците е уставна категорија која не може да се доведе во прашање.
„Минчев да не се однесува како копија на Апасиев, затоа што воопшто не личат еден на друг. Горан Минчев треба да ја напушти реториката на Димитар Апасиев и да се однесува како министер на сите граѓани во нашата заедничка држава“, напиша тој.
Изет Меџити исто така ја потенцираше одлуката на Владата за трансформација на работниот однос од договор на дело во трајно вработување за околу 1500 лица во здравството, од кои 750 се Албанци, додавајќи дека за оваа одлука се горди.
На крајот од својата реакција, Изет Меџити упати јасна порака до Минчев и до сите што го оспоруваат правичниот принцип на застапеност на Албанците во институциите:
„Правичната застапеност на Албанците во државните институции е уставна категорија, непроменлива и неповратна, која се почитува и ќе се почитува, му се допаѓало тоа на Минчев или не!“
Македонија
ДОМ: Властите легализираат уништување плодни полиња, ова не е зелена политика, туку кратковидно решавање на енергетската криза

Демократската обнова на Македонија (ДОМ) е категорично против „уништувањето на земјоделското земјиште за профит на бизнис-интереси под превезот на ‘зелена енергија’“. ДОМ отсекогаш се залагал за обновливи извори, но не на сметка на домашното производство на храна и егзистенцијата на земјоделците.
„Оваа одлука е погрешна и штетна! Наместо да се користат веќе деградирани површини, индустриски зони и покриви на објекти, властите легализираат уништување на плодни полиња. Ова не е зелена политика, туку кратковидно решавање на енергетската криза на сметка на иднината на земјоделството“, велат од ДОМ.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со Николоски: Претседателката ја поздрави интензивната инфраструктурна активност

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Претседателката Сиљановска-Давкова ја поздрави интензивната инфраструктурна активност, како одговор на потребата од подобра внатрешна и регионална поврзаност, како и поврзаност со ЕУ.
Во модерната инфраструктура, таа гледа основа за побрз економски развој, како и зголемување на домашните и странските инвестиции.
Министерот Николоски ја запозна претседателката со изградбата на патната и железничката мрежа, како и со активностите за унапредување на јавниот превоз.
Обајцата изразија очекување стратешките проекти во транспортниот сектор да придонесат за подобрување на животниот стандард на граѓаните и овозможување одржлив развој.
На средбата се зборуваше и за последните измени на Законот за урбанистичко планирање. Според министерот, мнозинството од 68 гласа „за“ зборува за висок степен на усогласеност на пратениците.
Со законските измени, во поглед на поставувањето фотоволтаични централи и ветерници, тој не гледа зголемена опасност по плодното земјиште и смета дека постојат правни механизми за нејзино спречување.