Македонија
(Фото) Сообраќајни контроли: И за викендот предничи пречекорувањето на брзината на движење, без возачка дозвола управувале 247 лица
Полициските службеници од сите осум Сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР и во текот на изминатиов викенд продолжија со засилените сообраќајни контроли на патиштата низ земјава. Притоа, вкупно беа издадени 3.142 платни налози за сторени сообраќајни прекршоци по различни основи согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила, а наплатени се 1.314 платни налози.
Според статистичките показатели прекршоците по основ на пречекорување на брзината на движење убедливо предничат така што евидентирани се вкупно 1.498 прекршоци, во споредба со 535 издадени платни налози по основ на непрописно паркирање. Воедно, што е особено важно за анализа е фактот што за викендот зголемен е бројот на откриени возачи што управувале возило без возачка дозвола – 247, како и возачи кои што управувале возила под дејство на алкохол-111. Покрај ова изречени се и 153 платни налози по основ на некористење сигурносен појас, потоа 56 – по основ на говорење на мобилен телефон при возење, откриени се и 58 нерегистрирани возила кои што учествувале во сообраќајот, соопшти МВР.

Инаку за викендов, поточно вчера пособено внимание, преку соодветен претходно подготвен план за постапување, беше посветено на контролата на правилата за почитување на пропишаната брзина на движење, и следствено резултатите од тие радарски контроли во неделата на територијата на државата беа евидентирани 429 возачи кои ја пречекориле брзината на движење надвор од населено место, и 488 возачи кои што ја пречекориле брзината на движење во населено место. Како епилог на тоа издадени се 870 платни налози и 47 писмени опомени. Исто така во текот на викендов низ патиштата во земјава се случиле една сообраќајна несреќа во која што едно лице го загубило животот, како и други четири сообраќајни несреќи во кои што шест лица се здобиле со тешки телесни повреди (двајца возачи, двајца сопатници, еден мотоциклист и еден пешак), извести МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пазарот на недвижности пораснал за 15 отсто – Аеродром со најмногу продажби, Кисела Вода со најголем скок на цените
Пазарот на недвижности во земјава во првите шест месеци од оваа година бележи зголемена динамика, а гледано на територијата низ целата држава, најголемиот дел од активностите се концентрирани во неколку скопски општини.
Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, Аеродром е општината со најмногу купопродажби – 562 трансакции, веднаш зад неа е Гази Баба со 555, а Карпош со 527 трансакции го заокружува водечкиот трио. Значително помал обем на продажби е регистриран во Бутел (176). Центар ја бележи највисоката вкупна остварена цена од реализирани купопродажби во првото полугодие: 65,8 милиони евра. Следуваат Карпош со 56,7 милиони евра и Аеродром со 47,9 милиони евра, додека најниска вредност има во Штип – 10 милиони евра.
Податоците откриваат и интересни трендови во споредба со истиот период минатата година. Центар има најголем раст на обемот на купопродажби – 32 отсто, додека Гази Баба и Штип растат за 28.
Кај пазарната цена најголем пораст во однос на лани бележи Кисела Вода со дури 59 проценти, следена од Центар со 54 отсто. Висок раст се регистрира и во Чаир (44%), Тетово и Охрид (по 37%), Струга (38%) и Карпош (34%), додека Струмица бележи поскромно зголемување од 17 проценти.

Овие бројки доаѓаат во контекст на општ раст на пазарот. Катастарот регистрира вкупно 15.779 трансакции во првото полугодие, што претставува зголемување во однос на 2024 година. Најактивен месец е мај, со 2.918 продажби и закупи, додека најтивок е јуни со 2.173 трансакции. Во структурата на продажбите доминира земјоделското земјиште (33%), веднаш потоа следуваат становите (32%), градежното земјиште (19%) и куќите (12%), а деловните простори и гаражите учествуваат со 4, односно 3 проценти.
Пазарот на недвижности во целина бележи раст од 15 проценти во споредба со истиот период лани, а умерениот пораст на цените во речиси сите категории укажува на стабилна побарувачка и зголемена активност кај купувачите и инвеститорите. Дополнително, податоците укажуваат на пораст на вкупната финансиска вредност кај речиси сите типови недвижности.
Македонија
Минчев: Рационална, професионална и европска администрација, со поддршка на СИГМА се усогласуваат клучните реформски приоритети
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и државен менаџер за Република Македонија во рамки на СИГМА – заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија.
Фокусот на средбата беше насочен кон рационализирање, координирање и унапредување на јавната администрација која ќе може да одговори на потребите на граѓаните и бизнис секторот, со посебен акцент на носењето на Законот за висока раководна служба, кој ќе воспостави јасни, транспарентни и мерливи критериуми за избор и управување со раководните кадри – модел што ќе ја спречи партизацијата и ќе го гарантира принципот „најдобрите на најодговорните позиции“.
Дополнително, се разгледуваа и измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), реформата на системот за плати и подобрувањето на регулативата која треба да ја направи администрацијата попрегледна, покохерентна и пофункционална, со јасни надлежности и подобра меѓуинституционална координација.
Преку овие реформи, заложбата на Министерството за јавна администрација е создавање административна машинерија која ќе работи поефикасно и поодговорно како темел на модерна и европска државна служба кон која се стремиме.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Родово одговорното буџетирање е клуч за подобри јавни политики
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека родово одговорното буџетирање претставува системско решение за општествените потреби и трансформативен инструмент за креирање правични политики. Таа се обрати на отворањето на меѓународниот форум „Одиме Глокално 2.0: Одржлива родово одговорна иднина“, што денес и утре се одржува во Скопје.
„При секое планирање на државниот буџет мора да се има предвид родовата димензија, ако сакаме да бидеме просперитетни“, рече претседателката, нагласувајќи дека родово одговорното буџетирање не е техничка постапка, туку алатка за транспарентност, отчетност и поправедна распределба на јавните средства.
Сиљановска-Давкова истакна дека родовата еднаквост и климатската отпорност се темелни за идните политики, а граѓанските организации, локалните власти и руралните заедници имаат значајна улога во адаптацијата кон климатските промени.
Таа посочи дека Република Северна Македонија веќе направила чекори кон системско интегрирање на родовата перспектива во буџетскиот процес, но имплементацијата е во тек и бара понатамошна институционална поддршка.
На форумот се обратија и амбасадорот на Австрија Мартин Памер, заменик-амбасадорката на Шведска Елизабет Далберг Фриск, Андреј Лепавцов од Министерството за надворешни работи и Марија Ристеска од Мрежата за родово одговорно буџетирање.

