Македонија
ДУИ: Систематското исклучување на Албанците од безбедносните структури е директна закана за стабилноста и меѓуетничката кохезија

„Со длабока загриженост и целосна одговорност за стабилноста на државата и регионалната безбедност, јавно го осудуваме невиденото етничко исклучување што се случува во безбедносните и разузнавачките структури во Северна Македонија. За првпат од 2001 година, ниту една раководна позиција — директор, заменик-директор или помошник-директор — во трите клучни безбедносни агенции во државата, вклучително Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност и Военото разузнавање, не е во рацете на Албанците“, велат од ДУИ.
„Ова масовно исклучување не е само чин на дискриминација против заедница што претставува столб на внатрешната и евроатлантската стабилност на државата.
Напротив, ова е намерно, добро осмислено исклучување, чија цел не е само маргинализацијата, туку оживување на опасна менталност која со децении ја перцепираше албанската популација како „внатрешен непријател“.
Веродостојните информации што зборуваат за масовно вработување на десетици, ако не и стотици, неалбанци на клучни позиции во тајните служби се доказ дека ова не е обичен административен процес, туку стратегија за претворање на безбедносните агенции во инструменти за политичка и етничка контрола, со што темелно се поткопуваат принципите на еднаквост и правична застапеност.
Упатуваме итен повик до НАТО, Европската Унија и сите меѓународни фактори кои ги познаваат безбедносните динамики на Балканот, да интервенираат веднаш и да не дозволат ова чистење да помине во тишина.
Систематското исклучување на Албанците од безбедносните структури не е само удар врз една одредена заедница — тоа е директна закана за стабилноста, меѓуетничката кохезија и евроатлантската ориентација на Северна Македонија.
Последиците од овој неодговорен пристап може да бидат драматични и постепено да го вратат длабокото недоверие меѓу Албанците и државата, а особено кон безбедносните структури.
Ова е предупредување што не може да се игнорира.
Време е за мудра и брза акција, за да се спречи враќањето на практиките од минатото кои произведоа само поделби, несигурност и дестабилизација“, се наведува во соопштението на ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на третата Конференција на ОН за океанот во Ница

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3).
За време на конференцијата Сиљановска-Давкова ќе присуствува на приемот во чест на високите гости организиран од претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.
Таа ќе биде дел од церемонијата на отворање на Декадата за криосферски науки, во присуство на генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле, како и на презентацијата на препораките од специјалните настани на UNOC3 (Конгрес за океанска наука, Форум за сина економија и финансии, Самит за пораст на нивото на морето и крајбрежна отпорност) пред шефовите на држави и влади во „Агора Нептун“ во присуство на претседателот на Француската Република.
Претседателката ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.
На посебна церемонија, Сиљановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.
Македонија
(Видео) Аврамовски: Наместо пари за питијади и ајваријади, општините да инвестираат во повеќе јавни паркинзи, зеленило и подобри услови во градинките и училиштата

Либерално-демократската партија (ЛДП) упатува јавен повик до општините ширум државата: да престанат со расфрлање на јавните средства за еднодневни настани и манифестации како што се питијади, ајваријади, скара фестови и слични пригоди.
„Наместо тоа, ги повикуваме општинските власти да ги насочат парите кон проекти кои навистина значат подобар живот за граѓаните: повеќе јавни паркинг места, повеќе зеленило и паркови, подобри услови во градинките и училиштата. Јавните финансии мора да се трошат одговорно и домаќински“, вели во изјава за медиумите портпаролот на ЛДП, Љубен Аврамовски.
На граѓаните не им требаат свечености еднаш годишно, посочува Аврамовски, туку чист воздух, безбедни улици, функционални училишта и паркинг решенија секој ден.
„ЛДП стои на ставот дека локалната самоуправа треба да покаже зрелост и визија. Затоа ги повикуваме сите градоначалници и советници: наместо да се натпреваруваат кој ќе донесе поголема музичка ѕвезда или ќе организира поголема питијада – да се натпреваруваат кој ќе реализира повеќе конкретни, видливи и одржливи проекти за своите сограѓани“, заклучува Аврамовски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Аудито Q8 на Филипче кое го возеше и во предизборната кампања е купено од фирмата која продавала 3 пати поскап јаглен на ЕСМ

Додека Заеви заработувале милиони, Филипче имал лично профит од 3 пати поскапата препродажба на јаглен од Грција на ЕСМ од 2022 до 2024 година, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Аудито Q8 на Филипче кое го возеше и во предизборната кампања е купено од фирмата која продавала 3 пати поскап јаглен на ЕСМ.
Во енергетска криза, кланот Заеви и Филипче преку шема на фирми препродавале јаглен на ЕСМ три пати поскапо и профитирале а граѓаните плаќале повисоки сметки за струја.
Најскап договор за јаглен, кој го склучила ЕСМ, а е по цена од 82.5 евра за еден тон со вкалкулиран ДДВ, е со компанијата „Зобек мининг груп“. Зобек мининг груп е компанија која води директно до Венко Филипче.
Газдата на Зобек мининг груп за новинарите потврдил дека тој го купил аудито на Венко Филипче, преку фирмата која препродавала три пати поскап јаглен на ЕСМ и дека сега возилото е на Филипче.
Договорот со „Зобек мининг“ бил склучен во септември 2023 година, првично за испорака на 200 илјади тони јаглен за РЕК „Битола“ во рок од една година. Со два анекса количината на испорака била зголемена, прво за 40 илјади тони, па за уште 48 илјади тони, до вкупно 288 илјади тони.
Според официјално соопштение од „Лигниторихиа Ахладас“, рудникот во Грција каде се копал јагленот, пратено до грчкото Министерство за енергетика, а до кое дошле истражувачките новинари од Македонија, од овој рудник во 2023 година во Македонија биле продадени 768 827 тони лигнит, по цена меѓу 28-30 евра по тон.
Тоа е три пати помалку од тоа што Зобек мининг груп продава.
Заеви и Филипче се богателе и луксузирале врз грбот на народот кој плаќал поскапи сметки за струја за Филипче да ќари Ауди Q8“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.