Македонија
Министерство за животна средина: Изет Меџити како министер ги има сите овластувања од граѓаните, Законот и Уставот
„Демократската унија за интеграција не може да се согласи со фактот дека албанскиот народ им ги превзеде овластувањата да владеат со него, по 22 години последователни неуспеси, лошо управување и масовна корупција“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Изет Меџити, како министер за животна средина и просторно планирање, Демократско движење и коалицијата ВЛЕН, ги има сите овластувања од граѓаните, Законот и Уставот да управува со институциите, со полн капацитет и со проекти кои се реализираат за доброто на граѓаните низ целата држава, а не како што тоа го направи ДУИ за збогатувањето на нивната врхушка и нивните семејства, а врз грбот на Албанците.
ДУИ не може да се согласи со тоа што Изет Меџити за 6 месеци во влада реализира проекти кои не ги ни размислувале 22 години.
Демократската унија за интеграција за 22 години не разбра дека владините органи како што се министерствата, не се раководат со архивирани писма, туку од закони и Уставот. Ова не го научија 22 години на власт, но сега во опозиција имаат можност да научат како се води државата.
Мандатот ќе го продолжиме со корекција на погрешните 22-годишни политики на ДУИ, кои оставија лузни на сите институции на локално и централно ниво.
На опозициската ДУИ им останува единствената надлежност луѓето од американската црна листа да продолжат да ги контролираат нивните канали за комуникација со јавноста.
Конечно, во однос на надлежностите кои ги споменува ДУИ, ги потсетуваме дека овластувањата над инспекторатите што им беа одземени пред 10 години, оваа влада ги врати во различните министерства каде што припаѓаат, за кои ДУИ не се осмели тогаш да каже ниту една реченица, поради страв да не ги изгуби придобивките на група луѓе од нивната купола. Овие инспекторати сега се повторно под надлежност на министерствата, со одлука на актуелната влада“, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши-ДИК: во фокусот одржувањето на повторени избори за градоначалници во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Центар Жупа
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари работна средба со претставници на Државната изборна комисија: Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија; Абдуш Демири, потпретседател на Комисијата и Александар Даштевски, член на Комисијата.
Средбата ја организира претседателот на Собранието во функција на членот 132-а од Изборниот законик, согласно кој треба да се одржат повторени избори за градоначалници на Општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша и Центар Жупа. Ова од причина што условот од членот 132 став (2) од Изборниот законик – да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список, не е исполнет во овие Општини.
Средбата помина во конструктивна атмосфера и беше оценета како позитивен пристап на институциите кога станува збор за прашања што се од интерес на државата, во конкретниов случај Собранието и Државната изборна комисија. Повторувањето на изборната постапка во наведените четири општини ќе биде поизвесно по одлучувањето на Државната изборна комисија по поднесените приговори, што може да влијае на објавувањето на конечноста на резултатите од Локалните избори 2025.
На крајот, присутните искажаа заемна благодарност за одржаната средба и продолжување на меѓусебната соработка за прашања што се од важност како за двете институции, така и за државата во целина.
Македонија
Јаневска ќе ја почитува одлуката на Мицкоски доколку реши да ја смени
Министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање, дали доколку има реконструкција на владата таа ќе остане да раководи со ресорот образование или ќе оди во друг ресор, изјави дека ќе ја почитува секоја одлука на премиерот Мицкоски.
Јаневска посочи дека одлуката за сите предлози за членови во Владата ја носи премиерот заедно со партиските органи.
Премиерот, додаде таа, го носи најголемиот товар за промените во државава и има право да одлучува за министрите.
„На ова прашање веќе неколку пати сум одговарала и ќе повторам. Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија. Оттука, полно негово право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“, кажа Јаневска.
Македонија
Јаневска: Новата Стратегија за образование ќе обезбеди континуитет на започнатите ефективни промени во ресорот
Образованието е скапа работа. Но, вредноста на квалитетот е поголема од било која цена и затоа Владата на Македонија останува фокусирана на сите промени што мора да се случат до конечната цел, затоа што друга алтернатива за нас не постои. Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на работилницата што Министерството за образование и наука ја организираше со повеќе други институции и партнерски домашни и меѓународни организации со кои ја изработува новата Стратегија за образование 2026-2032.
Започнавме реформски процеси во сите образовни сегменти, одеднаш и паралелно, бидејќи застојот беше очигледен. Тоа ни го потврдуваат ПИСА и ТИМСС, Шангајската ранг-листа, извештаите на Европската комисија и други релевантни анализи. Но, веќе година и половина, со силен ентузијазам, спроведуваме програмски определби кои ги даваат првите резултати, а за целосна ефективност мора да постои континуитет. Тој континуитет ќе биде обезбеден со новата Стратегија за образование“, рече Јаневска.
Изрази благодарност до сите што учествуваат во изработката на стратешкиот документ и рече дека до крајот на месецот има можност некој аспект да биде надополнет или подобрен со идеја што, како што рече, ќе дојде од некој што досега не бил дел од процесот на изработка.
„Стратегијата треба да ја подигне инклузивноста, дигиталната и медиумската писменост, грижата за менталното и физичкото здравје на младите, да ја засили поддршката за наставниците и да го поттикне развојот на нивните компетенции за современа настава според глобалните образовни стандарди. По усвојувањето следува потешкиот дел – имплементација и мерење на постигнувањата. Затоа, енергијата што досега ја имавме треба да ја задржиме на исто ниво, а Владата ќе се погрижи да ги обезбеди сите потребни ресурси за спроведување на предвидените мерки, проекти и активности“, рече Јаневска.
На денешната работилница за изработка на Стратегијата за образование 2026-2032 учествуваа и претставници на УНИЦЕФ, УНДП; Светската банка, ГИЗ, академската и научна фела, како и претставници на бизнис заедницата.

