Македонија
(Видео) Мицкоски: По три децении започна реконструкцијата на Домот на култура „11 Октомври“ во Ченто
„На мое задоволство денеска сум дел од еден вака убав настан којшто ќе реши еден проблем што трае, еве, само што добив информација, речиси три децении. Место коешто ќе добие нов лик, место коешто ќе го користат жителите на општина Гази Баба, зошто да не и од цело Скопје. Овој културен дом ќе претставува навистина убаво место, каде што ќе можат да се случуваат културни настани“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
„Јас би сакал да ја искористам оваа прилика да честитам и на градоначалникот и на министрите и на сите оние коишто беа вклучени во овој процес, да отпочнеме со реализацијата на овој проект, бидејќи ценам дека на општина Гази Баба ѝ е потребно едно вакво место.
Продолжуваме и понатаму да финансираме како Влада, проекти за општините, капитални инвестиции. Веќе новиот повик е објавен, според она што го имам како информација, а тоа најдобро го кажа и градоначалникот. Веќе аплицираше општината Гази Баба со новите проекти, така што очекуваме, би рекол, динамична пролет и реализација не само на оние од првиот повик, туку и отпочнување на реализацијата на проектите од вториот повик.
Така што, уште еднаш дозволете ми да му честитам на градоначалникот, на пратениците, на советниците, на администрацијата во општина Гази Баба, на министрите, на сите оние кои беа вклучени во реализацијата и во подготовката практично на овој проект, кој по речиси три децении ќе добие нов лик, којшто ќе може жителите на општина Гази Баба да го користат и културно да се воздигнуваат“, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Студено утро со измерени -5 степени во Берово
Најстудено изутринава е во Берово, каде се измерени – 5 степени, по што следуваат Битола и Струмица, -4, Скопје-Петровец и Штип, – 3, Демир Капија, Велес и Куманово, – 2. Во Тетово, Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Гевгелија, Прилеп, Mаврови Анови и Претор температура од – 1, Крива Паланка, Попова Шапка, 0, Охрид, 1, Виница и Kрушево 2, информира Управата за хидрометоролошки работи (УХМР).
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла. Максималната температура ќе достигне до 7 степени.
УХМР најави дека до вторник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Ќе се менува проводник на далновод во Прилеп, градот неколку часа ќе биде без струја
Прилеп и приградските населби утре претпладне, од 6:30 до 11 часот, ќе останат без напојување со електрична енергија.
Како што информираат од АД МЕПСО, исклучувањето се врши поради планирани активности на електропреносната мрежа, кои опфаќаат демонтажа на старо проводно јаже од 110 киловлти за далноводот ТС Битола 1- ТС Прилеп 1 и монтажа на нов проводник. На замената ќе работат стручните екипи на АД МЕПСО.
Согласно со планираната динамика, работите ќе траат најмногу четири и пол часа, по што напојувањето со електрична енергија во Прилеп ќе биде повторно воспоставено.
Од АД „МЕПСО“ до корисниците апелираат за разбирање, имајќи предвид дека станува збор за планирани зафати од значење за сигурно и стабилно функционирање на електропреносниот систем.
Македонија
Дедо Мраз од Лапонија ќе дојде со волшебен воз на Железничка во Скопје
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ ќе се одржува од денеска 30 декември на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт.
Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија, со неговиот волшебен воз во центарот на Скопје, преку приказна која се раскажува на различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета не волшебниот воз и подарок од Дедо Мраз за секој посетител во вагонот.
– Како куриозитет годинава во соработка со МЖ Транспорт, го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија и со која посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликови од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица во Скопје и неговото доаѓање е неизвесно, па му треба помош од неговите Елени, Џуџиња, Снешко, но најмногу од неговите обожаватели, децата, се вели во соопштението од „Од игра до претстава“, ЈП Македонски Железници – Инфраструктура Македонски Железници АД Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, а текстот и режијата на Игор Ивковиќ. Реставратор и автор на музејската изложба користена во проектот е дело на авторот Ванчо Милошевски.
Во претставата играат актерите: Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова, Александар Спироски. Вклучени се и 40-тина учениците од училиштето за театар „Од игра до претстава“.
Визуелното обликување на проектот е доверено на Бранкица Јордановска, во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски.
За потребите на претставата, ќе бидат користени: локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон што е изработен во 50-те години на 20 век и бил во употреба до крајот на 70-те години, а сега реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и од неодамна реставрираниот воз „шпанец“ серија 712/714.

Билети може да се купат на билетарницата на Железничка станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервација на [email protected] и на телефонскиот број 075 295 905.

