Македонија
Меџити: Каналот и детската градинка во Ченто стануваат реалност

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска заедно со претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за социјална работа, демографија и млади Фатмир Лимани и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, беше на посета во скопската населба Ченто каде најави наскоро започнување на два капитални проекти за оваа населба.
„Ветување неисполнето со години од минатите влади сега станува реалност! Хасанбег конечно ќе ги добие атмосферскиот канал и државната детска градинка кои одамна беа ветени, но никогаш реализирани“, изјави Меџити.
„Да не заборавиме: страшните поплави во 2016 година однесоа 23 животи и уништија домови, земјишта и бизниси. Но, тогашната влада не ги презеде неопходните мерки за да спречат слични трагедии во иднина. Недостатокот на соодветна дренажа беше еден од главните фактори за катастрофалните штети. Сега, оваа грешка ќе биде исправена!“, рече Меџити.
Тој најави дека оваа значајна инвестиција, вредна 38 милиони денари, ќе овозможи изградба на канал во должина од 1.350 метри и ширина од 4 до 10 метри, во зависност од близината на куќите.
„Овој проект не е само инфраструктурна интервенција, туку посветеност на безбедноста, животот и достоинството на жителите на Хасанбег“, изјави првиот вицепремиер Меџити.
Проектот ќе се реализира со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со општина Гази Баба, со што ќе се означи важен чекор кон правдата и безбедноста за жителите од овој крај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Со апсење само на поранешни полицајци истрагата за Кочани станува фарса

Последните објавени информации дека се приведени поранешни полициски службеници од кои 5 лица се веќе и пензионирани е уште еден доказ за селективноста на истрагата за Кочани, велат од СДСМ.
„Наместо правда, јавноста сведочи дека под палката на Тошковски, истрагата за најголемата трагедија во Македонија станува срамна и недозволива фарса. Како е можно после 30 дена од трагедијата да се бара вина само кај оние полициски службеници за периодот од 2012 до 2022 година а не за актуелните? Како не се најде ниту еден виновен во актуелните началници и службеници на МВР кои биле директно одговорни за безбедноста на граѓаните кобната ноќ, на 16 март 2024 година“, велат од партијата.
Од СДСМ прашуваат зошто началникот на крим полицијата во Кочани, Томо Донев не е меѓу приведедените, Зошто ниту началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска Маневска не е помеѓу опфатените.
„Како е можно ниту началникот на СВР Штип ниту пак началникот за крим полицијата во Штип исто така да не се опфатени со истрагата? Ова е понижување на правдата и селективна заштита на функционери блиски до Тошковски и ДПМНЕ“, велат од СДСМ.
Партијата бара Тошковски да поднесе оставка за да може истргата да продолжи неселективно. Во спровитно, велат од СДСМ, граѓаните целосно ќе ја загубат довербата дека за огромната трагедија ќе има вистинска правда.
Македонија
ДУИ: Незаконските притвори за трагедијата во Кочани се срам за правосудниот систем

Незаконските притвори за трагедијата во Кочани се срам за правосудниот систем и уште еден доказ за селективната правда која станува алатка на политичка пресметка, велат од ДУИ.
„Станува збор за лица кои, според сите стручни и академски мислења, немаат никаква врска со трагедијата, но сепак се држат во притвор – додека вистинските одговорни, заштитени од владејачката структура, остануваат недопирливи. Со право граѓаните реагираат дека доколку на кое било од незаконски притворените лица им се наруши здравјето или животот поради нехумани услови или продолжен и неоснован притвор – одговорноста ќе ја сносат конкретни обвинители, судии и политички наредбодавачи“, велат од партијата.
Од ДУИ велат дека правдата не смее да се претвори во инструмент за прикривање на виновниците, туку мора да служи на вистината и на граѓанинот.
„Оваа пресметка со невини граѓани е јасен обид да се заштитат блиски лица на власта, да се одвлече вниманието од вистинските причини и да се изгради лажен наратив за “одлучна истрага”. ДУИ апелира до Јавното обвинителство и Судството – вратете се на правото и правдата. Држете ги одговорните, а не невините. Секое одложување на вистинската правда е соучесништво. Ќе дојде денот кога правдата ќе побара име и презиме“, велат од ДУИ.
Македонија
Од 47 повредени во Кочани, кои се лекуваат во државата и во странство, само еден е во критична состојба

Од 47 повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани кои во моментов се на лекување во болниците во Скопје и во странство, само еден е во критична состојба. Министерот за здравство, Арбен Таравари, информира дека од двајцата критични пациенти, кај едниот има мало подобрување.
Тој додаде дека за утре е најавено враќање на уште еден пациент што се лекува во странство.
Министерот информира дека експерти од Велика Британија направиле евалуација за тоа колку време ќе им биде потребно за рехабилитација на повредените. Утврдено е дека на сите повредени ќе им бидат потребни од еден месец до 24 месеци рехабилитација.
Таравари исто така рече дека неколку држави се понудиле за бесплатна долготрајна рехабилитација, но деталите ќе бидат објавени за десетина дена.