Свет
Путин телефонски го информирал кинескиот претседател за преговорите со САД

Кинескиот претседател Шји Џјинпинг денеска телефонски разговарал со својот руски колега Владимир Путин, јави кинеската државна телевизија CCTV.
Како што се наведува, разговорот бил воден на иницијатива на руската страна.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно најави дека рускиот претседател денеска ќе оствари меѓународен телефонски разговор во контекст на информирање на руските партнери за преговорите со САД во Ријад.
„Минатата недела претседателот зборуваше за својата намера да информира голем број земји партнери за контактите со Американците. Според тоа, овој процес почна денеска“, изјави Песков за новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија: Подготвени сме да го почнеме мировниот процес, без никакви услови, Украина не одговара

Кремљ соопшти дека Украина не одговорила на понудите на рускиот претседател Владимир Путин да почне директни мировни преговори и дека не е јасно дали ќе го почитува тридневниот прекин на огнот во мај.
„Претседателот Путин беше тој што во неколку наврати рече дека Русија е подготвена, без никакви услови, да го почне мировниот процес“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Досега не добивме одговор од режимот во Киев“, додаде.
Во понеделникот Путин прогласи тридневен прекин на огнот во Украина од 8 мај кога Русија планира голема прослава на 80-годишнината од победата над нацистичка Германија во Втората светска војна.
Украина, од друга страна, се сомнева зошто Москва не сака да се согласи на нејзиниот повик за итен прекин на огнот од најмалку 30 дена.
„Ние ги цениме човечките животи, а не парадите“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Песков рече дека е многу тешко да се знае дали Украина има намера да го почитува прекинот на огнот.
Свет
Трамп: Јас ја водам Америка, но и светот

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека неговите претседателски мандати значително се разликуваат истакнувајќи дека овој пат тој ја води земјата, но и светот.
„Првиот пат имав две задачи, да ја водам земјата и да преживеам; морав да се справам со разни измамници“, рече Трамп во интервјуто објавено вчера. „И вторпат ја водам земјата, но и светот“, додаде тој.
По враќањето на функцијата во јануари, Трамп издаде серија опсежни извршни наредби во разни области, при што неговите мерки за имиграција и трговија привлекоа најголемо внимание и жестоки правни предизвици и критики од светските лидери.
Во делот на трговијата Трамп предизвика глобални реакции со најавата за воведување царини за повеќето земји, вклучувајќи ги и најголемите американски трговски партнери, иако одложи некои конкретни мерки до јули. Ваквите потези донесоа неизвесност на светските пазари и ја зголемија економската загриженост.
Односите со долгогодишните американски сојузници дополнително се влошија со реториката на Трамп за можна анексија на Гренланд и на канадски територии.
Во исто време, тој посвети голем дел од првите месеци од својот нов мандат на обидите да посредува за договор за прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Говорејќи за Атлантикот, Трамп се осврна и на прашањето за потенцијално трето кандидирање за Белата куќа, идеја за која зборуваше и претходно, но за која републиканските пратеници во голема мера ја гледаат како шега.
„Тоа не е нешто што планирам да го направам. И мислам дека би било многу тешко да се направи“, рече Трамп во интервјуто.
Трамп денеска отпатува за Мичиген, каде што ќе одржи митинг по повод првите 100 дена на власт.
„Претседателот Трамп со нетрпение очекува да се врати во големата држава Мичиген следниот вторник, каде што ќе одржи митинг во округот Макомб за да ги прослави своите први 100 дена!“, напиша на платформата X минатата недела портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Свет
Осудениот италијански кардинал се повлече од изборот за нов папа

Италијанскиот кардинал осуден за проневера и измама денеска изјави дека нема да учествува на конклавата за избор на нов папа.
Италијанскиот кардинал Анџело Бечиу, највисокиот функционер на Католичката црква што некогаш бил суден пред кривичниот суд на Ватикан, во изјавата рече дека нема да влезе во конклавата.
Бечиу беше осуден на 5 и пол години затвор од судот во Ватикан во декември 2023 година. Тој негира сè и е на слобода до крајот на жалбената постапка.
„Имајќи јс предвид благосостојбата на Црквата… решив да ја послушам, како и секогаш, волјата на папата Франциско и да не влегувам во конклавата, сепак останувајќи убеден во мојата невиност“, рече кардиналот.
Франциско, кој почина на 21 април, го отпушти Бечиу од највисокото место во Ватикан во 2020 година и го обвини за проневера.
Папата му дозволи на Бечиу да ги задржи својата црковна титула и станот во Ватикан, но му ги одзеде, како што тогаш Ватикан ги нарече, „правата поврзани со кардиналот“.
Формулацијата на таа изјава остави отворени прашања за тоа дали Бечиу сè уште може да влезе во конклавата за да го избере наследникот на Франциско.
Претходно беше познато дека католичките кардинали во светот, кои се состануваат оваа недела за да разговараат за општите прашања со кои се соочува глобалната црква пред да гласаат за нов папа, дебатираа што да прават во врска со случајот на Бечиу.