Македонија
Маркетите ќе мораат да ги објавуваат на интернет цените на производите
Маркетите отсега ќе мораат да ги објавуваат на интернет цените на производите, со најновите измени на Законот за заштита на потрошувачите коишто беа усвоени денеска во Собранието.
Законот беше поднесен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, со цел, како што беше потенцирано, подобра информираност на потрошувачот и олеснување на споредливоста на цените.
Со тоа, големите, средните и малите трговци, кои вршат дејност на трговија на мало, со шифра 47, во согласност со националната класификација на дејности, се должни на својата веб-страница да ја објават одделно за секој свој продажен објект тековната продажна, односно единечната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба.
Усогласување на цените ќе се врши на дневна основа, а при објавувањето на цените, ќе се применуваат одредбите од овој закон за означување на цените.
Со објавувањето на цените на интернет се очекува зголемување на транспарентноста, потрошувачите да имаат лесен пристап до информациите за цените, како и фер конкуренција. Трговците ќе бидат еднакво обврзани да ги почитуваат овие одредби, а потрошувачите да бидат заштитени од нефер практики, како што се скриените трошоци или нејасните цени.
Деновиве беше објавено дека законот е имплементиран во Израел, Италија, Франција и во Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подобра заштита за деца и преживеани од родово базирано насилство: во Битола обезбеден простор
Денеска во Секторот за внатрешни работи Битола беше отворена целосно опремена соба за интервју за деца и жртви на родово базирано насилство, на тој начин се обезбедува безбеден и приватен простор, во кој се води грижа за траума, за спроведување чувствителни интервјуа со жртви и сведоци, вклучително и деца.
Развиена во согласност со меѓународните стандарди и најдобри практики, новата соба ќе ги поддржува полициските службеници и професионалците од кривично-правниот систем во применувањето пристап по мерка на жртвата и прикладена за децата во случаи на семејно насилство, насилство врз жени и девојки, трговија со луѓе и малолетничка правда.
На церемонијата на отворањето присуствуваа амбасадорот на Шведска во Северна Македонија, Ола Солстром, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени и началникот на СВР Битола, Сашо Мирчески.
Во своето обраќање на отворањето, амбасадорот Килиан Вал истакна дека „на жртвите им е потребна посебна заштита и безбеден простор со кој ќе се спречи ревиктимизација и нанесување нова траума“.
Амбасадорот Ола Солстром ја повтори посветеноста на Шведска за поддржување отчетни полициски практики по мерка на луѓето, истакнувајќи дека новиот простор ја одразува посветеноста на Министерството за правен систем чиј приоритет се достоинството и безбедноста на секое дете.
Заменик-министерот Астрит Исени ги реафирмираше сопствеништвото и посветеноста на Министерството за водењето сметка да пристапот по мерка на жртвата да стане стандард во сите делови на полиција низ земјата.
„Оваа иницијатива е дел од проектот „Шведска поддршка на полициската реформа во Северна Македонија“, кој има за цел да ја зајакне институционалната способност на полицијата да ги следи меѓународните најдобри практики и стандардите за човекови права во областите на малолетничката правда и полициско работење. Иницијативата го одразува силното партнерство меѓу Министерството, Шведските полициски власти и Мисијата на ОБСЕ, придонесувајќи кон националните реформски приоритети, напорите на земјата за интеграција во ЕУ, како и заедничкиот фокус на родова еднаквост, човекови права, развој на полицијата и напори за спречување и реагирање на насилство врз жени и девојки.
Отворањето на просторијата за интервјуа ориентирана кон жртвите се случува во пресрет на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, која започнува следната недела. Ова покажува како координираните партнерства може да испорачаат опипливи подобрувања за жртвите и преживеаните од цела Северна Македонија“.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 40 l/m² за 24 часа) со услови за појава на невреме со грмежи и силен ветер. Преку денот ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во недела ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во понеделник и вторник утринските температури значително ќе опаднат. Нови локални врнежи од дожд се очекуваат кон средината на следната седмица.
Македонија
Севдаил Демири и Ресул Шабани добитници на наградата „22 ноември“
Утре во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, во 11:00 часот, Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ ќе ја додели државната награда за признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во Република Северна Македонија, кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во Република Северна Македонија.
Добитници на наградата „22 Ноември“ за 2025 година се проф. д-р Севдаил Демири, истражувач, публицист и поет, и Ресул Шабани, писател.

