Свет
Кремљ молчи за американско-украинскиот договор, вели дека нема планови за разговорите меѓу Путин и Трамп

Кремљ денеска потврди дека се во тек подготовки за преговори меѓу експертски тимови меѓу САД и Русија, но додаде дека во моментов нема планови за телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на дневниот брифинг изјави дека Москва нема да коментира за важниот американско-украински договор за експлоатација на ретки минерали додека не бидат објавени официјални информации. Да потсетиме дека, според неофицијални извори, договорот е постигнат синоќа, а се очекува украинскиот претседател Зеленски да го потпише со Трамп во петок во Белата куќа.
Путин неодамна понуди да продава руски ретки минерали на американски компании, вклучително и оние од окупираните територии на Украина. Песков рече и дека немало разговори со Кина за можноста кинеските сили да бидат распоредени во мировна мисија во Украина во случај да се постигне договор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Осумгодишно девојче починало, родителите не и давале инсулин: биле припадници на секта во Австралија

Родителите на осумгодишно девојче со дијабетес во Австралија, кое починало откако речиси една недела не и бил даван инсулин, се осудени на 14 години затвор за убиство од небрежност. На Елизабет Струхс ѝ бил дијагностициран дијабетес тип 1 во 2019 година, а семејството било информирано дека на девојчето ќе и требаат дневни инсулински инјекции, пишува Би-Би-Си.
Родителите припаѓале на религиозна секта позната како „Светци“, која се противи на медицинската нега. Девојчето починало од дијабетична кетоацидоза, која предизвикува опасно таложење на кетонски киселини и нагло зголемување на шеќерот во крвта. Таа почина во нејзиниот дом во Тувумба, западно од Бризбејн, пишува медиумот.
Џејсон Струхс и Елизабет Струхс беа осудени за убиство од небрежност заедно со уште дванаесет други. Водачот на култот Брендан Стивенс е осуден на 13 години затвор во Врховниот суд во Квинсленд. На судењето тој беше опишан како опасна и високо манипулативна личност. Единаесет други членови на сектата добија затворски казни од шест до девет години. Сите тие се изјаснија дека не се виновни.
При изрекувањето на својата пресуда од речиси 500 страници минатиот месец, судијата Мартин Барнс рече дека иако е јасно дека родителите го сакаат девојчето, нивните постапки довеле до нејзина смрт. „Поради нивното верување во божествената моќ на исцелување, таа беше лишена од едното нешто што сигурно ќе ја одржеше во живот“, рече тој.
„Елизабет беше принудена да повраќа и да претрпи екстремна поспаност и губење на свеста затоа што ѝ беше одбиена медицинска помош“, рече обвинителката Каролина Марко за време на повеќемесечното судење.
Обвинителите повикале 60 сведоци кои потврдиле дека девојчето ужасно страдало во последните денови од животот. За тоа време групата се молела и пеела за неа додека лежела на душекот и состојбата и се влошила. Верувајќи дека таа може да биде вратена во живот, членовите на сектата не повикале лекар и властите не биле известени дури 36 часа по нејзината смрт, беше кажано на судот.
„Елизабет само спие и ќе ја видам пак“, изјавил нејзиниот татко. Водачот на сектата ги бранеше постапките на групата на судењето и го опиша судењето како чин на верски прогон. Тој рече дека сектата има целосно право да верува во словото божјо.
Сестрата на Елизабет, Џејд Струхс, претходно изјави дека ја напуштила сектата и побегнала од семејната куќа на 16 години, откако признала дека е геј. Таа е отуѓена од семејството. Таа и другите сведоци ја опишаа заедницата како многу строга и потврдија дека забрануваат потпирање на модерната медицина.
Uncategorized
Лавров: Европа го поткопува решението на конфликтот во Украина

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека само Западот и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ги попречуваат мировните преговори.
За време на посетата на Доха, тој рече дека претседателот на Русија, Владимир Путин, многупати одговарал на лажните обвинувања за преговорите и дека најдобрата помош за оние кои искрено сакаат да го решат овој конфликт е да разберат зошто настанал овој конфликт.
„Европа отворено се обидува да го поткопа решението на конфликтот во Украина. Ова е менталитетот „или-или“ што владее во Европа во последно време“, рече Лавров, пренесува „Раша тудеј“.
Според него, Русија смета дека е невозможно да се согласи на договори кои би вклучиле и повторно вооружување на Украина.
„Она што остана од Украина мора да се ослободи од расистичките закони“, рече Лавров и додаде дека Европа со своите постапки покажала дека не сака никаков мир, бидејќи „нејзиниот штитеник не ги исполнил сите задачи што му ги дала“.
На прашањето дали е вистина дека Москва се согласила да користи 300 милијарди долари замрзнати средства за обнова на Украина, под услов некои од нив да бидат наменети за потребите на новите руски региони, Лавров посочи дека не се зборува за „имот украден од Европејците“ и дека е сигурен дека ова прашање ќе биде решено наскоро, како што истакна и шефот на американскиот Стејт департмент, Рубио.
Тој додаде дека средба на руски и американски претставници на која ќе се разговара за работата на амбасадите ќе се одржи на 27 февруари во Истанбул.
Истовремено, тој отфрли секакви опции за распоредување европски мировни сили во Украина, наведувајќи дека Русија воопшто не го разгледува тоа, пренесува РИА Новости.
Лавров на прес-конференцијата во Катар посочи дека оваа идеја, која, како што рече, ја наметнуваат Европејците, „односно Франција и Велика Британија“, има за цел натамошна ескалација на конфликтот и сузбивање на обидите за прекин на конфликтот.
„Макрон во Вашингтон зборуваше за потребата од итен прекин на огнот, за воведување на овие мировни сили, а потоа, наводно, ќе зборуваме за териториите, за судбините на луѓето, за другите принципи на решавање. Ова е измама. Не можете да одите до договор чија цел е да се постигне една единствена цел, да се напумпа Украина со оружје“, рече Лавров.
„Облогот на Западот за воено решение е безнадежен“, рече тој.
Зборувајќи за потенцијалното искористување на руските замрзнати средства, тој рече дека Москва ќе има одговор на тоа.
„Прашањето за рускиот имот на Запад нема да исчезне од агендата на преговорите во Украина“, рече Лавров, нагласувајќи дека имотот првенствено е украден од Европејците.
Лавров пристигна во Доха на средба со катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани, пренесува Танјуг.
Свет
Зеленски му порача на Трамп: Нема да вратиме ниту 10 центи

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека се надева оти првичниот договор за минерали со Соединетите Американски Држави ќе доведе до нови договори, но потврди дека сè уште не се постигнати безбедносни гаранции, пренесуваат медиумите во регионот.
Договорот го окарактеризира само како „рамковен договор“.
Зеленски спомна заеднички фонд во кој ќе се инвестираат 50 отсто од приходите од природните ресурси на Украина, но додаде дека „се уште е рано да се зборува за пари“.
„Сакав договорот да содржи клаузула за безбедносни гаранции за Украина и ми е важно таа да е таму“, рече Зеленски.
Претседателот на Украина ги коментираше и претходните барања на Доналд Трамп, Украина да врати воена помош од милијарди долари, велејќи: „Нема да вратиме ниту 10 центи“.
На прашањето на Би-Би-Си дали Украина ќе се повлече од договорот ако не добие безбедносни гаранции, Зеленски одговори: „Сакам да најдам пат во НАТО или нешто слично. Ако не добиеме гаранции, нема да имаме примирје, ништо нема да успее, ништо“.