Свет
Макрон ги извести членките на ЕУ за разговорот со Трамп

Фрнцускиот претседател Емануел Макрон ги информира другите лидери на земјите членки на ЕУ за неговата посета на Вашингтон како дел од подготовките за вонредниот самит следната недела.
„Многу успешна подготовка за вонредниот самит на 6 март, на кој ќе одлучиме за поддршка на Украина и зајакнување на европската одбрана“, најави претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, по видеоконференцијата на која присуствуваа лидерите на сите 27 земји членки и претседателот на Европската комисија.
Коста свика вонреден самит за следната недела, кој ќе биде посветен на Украина и европската безбедност.
Францускиот претседател Емануел Макрон три часа разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот во Вашингтон.
По средбата, тој изјави дека постигнувањето мир во Украина не смее да значи предавање на Киев и инсистира на потребата од безбедносни гаранции за да се избегне Русија да продолжи со нападот.
И покрај големите разлики во мислењата со домаќинот на американскиот претседател Доналд Трамп, Макрон рече дека е убеден оти постои пат да се стави крај на војната во Украина.
Британскиот премиер Кир Стармер в четврток во Вашингтон ќе се сретне и со американскиот претседател Доналд Трамп.
Потоа Стармер ќе ги собере лидерите на неколку земји членки на ЕУ во Лондон и ќе ги извести за разговорот со Трамп.
Европската Унија и Обединетото Кралство, кое ја напушти ЕУ пред пет години, работат на заеднички план за одбрана на континентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Силен земјотрес ја погоди Сицилија

Земјотрес со јачина од 4,5 степени според Рихтеровата скала е регистриран денеска во 19 часот и 11 минути на подрачјето на Сицилија (Италија).
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот бил лоциран во област со географски координати на географска ширина 38,6927 и географска должина 15,3717.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 126 километри под површината на земјата.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.
Свет
Маск: САД ќе банкротираат без намалување на буџетските трошоци

Соединетите Американски Држави мора брзо да дејствуваат за да постигнат намалување на дефицитот на земјата од илјада милијарди, изјави денеска шефот на Одделот за владина ефикасност (DOGE) Илон Маск на првиот состанок на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Маск предупреди дека земјата ќе банкротира без намалување на трошоците, пренесува Ројтерс.
Трамп го започна првиот состанок на владата во вториот мандат, а на состанокот присуствува и технолошкиот милијардер Илон Маск, кој формално не е член на кабинетот, пренесува Танјуг.
Белата куќа претходно денеска објави дека Маск присуствува како советник на претседателот Доналд Трамп и дека ќе добива совети и инструкции за Одделот за владина ефикасност (DOGE), со кој тој раководи, објави Си-Ен-Ен.
Регион
Москва: Обвинението против Додик ќе има катастрофални последици за целиот Балкан

Министерството за надворешни работи на Русија денеска оцени дека осудата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, ќе има катастрофални последици за Босна и Херцеговина, но и за целиот Балкан.
Министерството истакна дека обвиненијата против Додик се засноваат на „одредбите на псевдозаконот што самоволно и беше наметнат на суверена Босна и Херцеговина од самопрогласениот „висок претставник Кристијан Шмит“ и тие се надвор од законската рамка.
„Година и пол долгото „судење“ од самиот почеток не беше ништо друго освен пародија на судството и отворено исмејување на основите на владеењето на правото. Прогонот на Милорад Додик има чисто политички карактер, тој беше инспириран од Западот, кој со рацете на своите марионети во правосудните органи на Босна и Херцеговина се надеваат на елиминација на политичките сили на Република Српска од политичката сцена, оние кои даваат отпор на евроатлантскиот неоколонијализам“, се наведува во соопштението, пренесува Спутник.
Министерството за надворешни работи на Русија повика да не се предизвикува зголемување на тензиите во Босна и Херцеговина, што би било удар за стабилноста на Балканот.
„Одговорноста за ваквиот развој на настаните ќе ја сносат оние кои фабрикуваа неуставен и антидејтонски случај против Република Српска и, спротивно на сета правна логика и здрав разум, го поддржуваа до денес, доведувајќи го процесот на меѓународно помирување во ќорсокак. Москва очекува дека сите гореспоменатите околности ќе бидат земени предвид, се наведува во соопштението за медиумите на руското министерство, пренесува Танјуг.