Македонија
„Корисниците на привремена инвалидска пензија оставени на милост и немилост на Комисијата за оценка на работната способност“, велат од партијата Левица
„Лицата кои што се корисници на времена инвалидска пензија поради правни празнини може да станат социјални случаи. Актуелните законски решенија не предвидуваат мирување на работниот однос на работници на кои поради професионално или друг вид на заболување им е доделена времена пензија. Односно, ваквиот тип на пензија може да се користи најмногу 2 години, а за тоа време на работникот му престанува работниот однос“, велат од партијата Левица.
„Во случај кога Комисија за оценка на работната способност оцени дека работникот е способен за работа, правото на времена пензија на работникот му се укинува, поради неможноста да се врати на своето работно место, тој станува финансиски необезбеден или потенцијален социјален случај. Голем број на работници, се жалат дека оваа комисија многупати донесува одлука за укинување на правото на времена пензија и покрај тоа што работникот не е оспособен да се врати на работното место и ги извршува работните задачи.
Законот за работни односи предвидува мирување на работниот однос за лица кои се избрани на државни или јавни функции или при упатување на работа во странство, но не содржи одредби за мирување на работниот однос во случај на професионално или друг вид на заболување. Како социјална држава, Република Македонија има уставна обврска да се грижи за обезбедување на услови за живот за сите граѓани подеднакви, особено за лица кои се во социјален ризик.
Владеењето на елитистичките касти од ДПМНЕ и СДС, повеќе од триесет години покажа постојано ускратување на работничките права и зголемување функционерски привилегии. Во насока на заштита на егзистенционалните права на работниците, Левица најавува дека покрај измените во ЗРО со кои се бара враќање на патните трошоци на работниците, ќе интервенира и во други членови од овој закон со цел заштита на работничките права, вклучително и регулација на овие правни празнини, кои дозволуваат егзистенцијата и преживувањето на работникот да зависи од волјата на една комисија“, соопштуваат од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.
Македонија
„Супорт Кочани“ ја реализира четвртата пратка компресивна облека, вредна 452.537 денари, за засегнатите од пожарот
Граѓанската иницијатива Support Kocani продолжува со поддршката за засегнатите лица од пожарот во Кочани и ја финализираше четвртата испорака на специјализирана компресивна облека. Новата пратка, која веќе е доставена до Општата болница во Кочани, претставува значаен чекор во обезбедувањето континуирана терапија и квалитетна рехабилитација.
Овој циклус на донации опфаќа 44 парчиња компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за 14 пациенти, со вкупна вредност од 452.537 денари. Средствата се обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и странство, што уште еднаш ја потврдува силната солидарност кон повредените.
„Поддршката што ја добиваме од заедницата ни овозможува континуирано да им помагаме на засегнатите и да обезбедиме навремена медицинска опрема. Особено им благодариме на компаниите Julius Zorn GmbH и Health 2000 за нивната соработка и професионална услуга,“ истакнуваат од Support Kocani.
Иницијативата и понатаму останува посветена на транспарентност и грижа за сите погодени од трагедијата, со цел да им се обезбеди постојана поддршка во процесот на заздравување.
Македонија
Свечено менување на државното знаме: децата прашуваа за работата на првата жена-претседателка
Во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се одржа церемонија на свечено менување на државното знаме на којашто присуствуваа деца од градинките „Весели цветови“ и „Срничка“ од Скопје, ученици од скопските основни училишта „Кузман Шапкарев“ и „Кузман Јосифовски Питу“ и деца и претставници на Здружението за образование и истражување „Несил“.
По завршувањето на свечениот чин, околу 230 деца во придружба на двасетина наставници и претставници, ги разгледаа просториите на Кабинетот. Младите посетители покажаа интерес за работата на претседателката. Ја прашаа: Какво е чувството да се биде првата жена – претседателка на државава? Дали е потешко да се биде претседателка или професорка? Како тече еден нејзин работен ден? Љубопитните гости пројавија желба да ги дознаат нејзините лични афинитети, како и интересните спомени од младоста.



Сиљановска-Давкова им предочи дека вршењето на политичката функција бара знаење, посветеност и култура на дијалог. Ги советуваше да учат, да размислуваат критички и да другаруваат.
Децата ѝ подарија цвеќе, албум на цртежи и благодарница на турски јазик.
Церемонијата на свечено менување на знамето се одржува секој втор петок во месецот, со учество на Баталјонот за почести при македонската армија и ја симболизира почитта кон знамето и државата.

