Македонија
Регионална конференција на ХЕРА: Младите имаат решенија за предизвиците со кои се соочуваат, само треба да се слушнати
„Заедно водиме: Младите се сила на Балканот“ е темата регионалната конференција која денеска ги собра младите од Западен Балкан во Скопје. Целта е младите од регионот да се обединат, да ги идентификуваат заедничките предизвици и да се залагаат за инклузивен дијалог, кој ќе им овозможи активно учество во донесувањето важни одлуки.
Ѓерѓ Мура, извршен директор на Фондот за Западен Балкан, во воведното обраќање изјави дека регионалната соработка е клучот за просперитетна иднина на Западен Балкан.
„Без разлика на секторот, било да се работи за спорт, култура или образование и младинското вклучување, нашиот напредок зависи од единството, разбирањето и заедничките можности. Во овој контекст младите имаат клучна улога“, рече Мура.
Даворин Трпески, декан на Природно-математички факултет, во поздравното обраќање истакна дека е радосен што конференција за млади од ваков ранг се одржува на овој факултет.
„Се обидуваме во нашето опкружување да ја наметнеме премисата дека вложувањето во младите е инвестиција за државата и затоа доколку се поддржуваме во нашите намери, можеме да ги направиме нашите земји поубави и попријатни места за нашите млади да останат тука“, рече Трпески.
Државниотт секретар во Министерството за здравство, Бесим Мемеди, изјави дека младите лекари се главна движечка сила на здравствениот систем. Заложба на Министерството за здравство е да овозможиме што е можно поповолни услови за развој на младите лекари и соодветно вреднување на нивниот труд. Покрај зголемувањето на платите, кои се значаен чекор за мотивација младите доктори да останат во државата, Министерството за здравство веќе активно работи и на процесот на вработување 300 + 300 млади специјализанти.
„Со овие чекори ја јакнеме здравствената заштита и испраќаме силна порака дека младите лекари се наш приоритет и иднината на здравствениот систем“, рече Мемеди.
На првата пленарна сесија беше истакнато дека во време на важни регионални политички и социјални промени младите на Балканот активно учествуваат во процесите на создавање подобра иднина.
Драгана Стојановиќ, извршна директорка на Центарот за граѓански политики и одржлив развој (ЦППОР), истакна дека во Србија се случува историски момент бидејќи студентите ја водат најголемата демонстрација во регионот од 1968 година.
„Младите во Србија, и покрај насилството и репресијата од властите, не подлегнуваат на заплашувања и продолжуваат да се борат за својата иднина. Ова не е само политичко прашање, туку егзистенцијално“, изјави Стојановиќ.
Филип Ивковски, претседател на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), рече дема треба да сме свесни дека голем дел од предизвиците со кои се соочуваат младите, како што се миграциите, младинскиот стандард, вработувањето, образованието и така натаму, се всушност предизвици на кои самите млади може да понудат решенија, само треба да им се даде можност да бидат слушнати.
Савче Ѓошева, студентска правобранителка, рече дека квалитетот во високото образование останува конзистентна приказна на чие подобрување треба да се работи.
„Кој било студент да прашате, ќе ви посочи дека проблемите не се малку на број, но она што е најважно е дека сè уште сме далеку од бесплатно високо образование и модерен пристап кон наставата, став што го делат сите студентски организации. Потребни ни се национален консензус и силна волја од општествените актери за да се случи ваква реформа“, рече Ѓошева.
Стојан Пандов, член на Унијата на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека Владата е посветена на создавање подобри услови за младите преку модернизација на образованието, поттикнување на претприемачкиот дух и создавање нови можности за вработување.
Стефанија Кузмановска, потпретседателка на Социјалдемократската младина на Македонија, рече дека во свет на брзи промени, соочени со дострелите на науката и технолошкиот напредок, идниот интелектуален капацитет треба да се подготвува преку образование што ќе овозможи научна извонредност и вредносна ориентација.
Конференцијата преку пет работилници се фокусира на клучни области, како што се образованието, здравството, вработувањето, културата и климатските промени.
Марија Ѓорѓиевска, програмска асистентка во ХЕРА, рече дека достапно, доверливо и квалитетно здравство е клучно за јакнење на младите. Потребна е посебна превентивна програма за млади. Новите здравствени предизвици не се препознаеини.
Вероника Гијовска, членка на Студентското собрание при Природно-математички факултет, како млад истражувач посочи дека младите се свесни за климатските промени, но не се доволно запознаени со главните предизвикувачи и со политиките што ги регулираат.
На работилницата посветена на културата беше истакнато дека културата е моќен инструмент преку кој младите може да ги изразат своите идеи и да се борат за промени. „Преку уметноста ние им даваме можност на младите да се ангажираат и да бидат активни во создавањето подобро општество“, изјави Даниела Кортоци од Министерството за култура на Албанија.
Евгенија Јанакиевска од Институт „Прогрес“ рече дека младите заслужуваат фер можности, достоинствени плати и работни места што ќе им овозможат да го достигнат својот целосен потенцијал.
На крајот од конференцијата е предвидено усвојување декларација, која ќе служи како важна алатка за креаторите на политики и за лидерите на граѓанското општество да работат заедно со младите.
Конференцијата е дел од регионалниот проект „Зајакнување на младите за демократска и одржлива иднина на Западен Балкан“, поддржан од Фондот за Западен Балкан, а имплементиран од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување – Северна Македонија, Центарот за популациски политики и одржлив развој – IPPF Србија, Организацијата за унапредување на квалитетот на образованието (ОРКА) – Косово и од Граѓанската отпорност – Албанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

