Свет
Зеленски: Можам да ги спасам односите со САД
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува оти може да ги спаси односите со американскиот претседател Доналд Трамп по нивната експлозивна средба во Овалната соба, но дека разговорите мора да продолжат зад затворени врати.
За време на состанокот што се емитуваше во живо во петокот, Трамп го обвини Зеленски дека е неблагодарен за американската помош, покажувајќи непочитување кон неговата земја и ризикувајќи ја Третата светска војна, фрлајќи сомнеж дали Вашингтон ќе продолжи да ја поддржува Украина.
Зеленски, кој разговараше со новинарите по самитот со европските лидери во Лондон во неделата, рече дека не мислел дека Соединетите Држави ќе ја прекинат својата помош за Украина бидејќи, како „лидери на цивилизираниот свет“, тие не би сакале да му помогнат на рускиот претседател Владимир Путин.
Сепак, Зеленски рече дека е подготвен за сите предизвици што може да се појават. „На прашањето за спасувањето на односот, мислам дека нашата врска ќе продолжи“, изјави тој за новинарите по средбата во Лондон.
„Мислам дека не е правилно кога таквите дискусии се целосно јавни. Форматот на она што се случи, мислам дека не донесе ништо позитивно или дополнително за нас како партнери“, додаде тој. Зеленски напомена дека се уште е подготвен да го потпише предложениот договор за минерали со Соединетите држави и дека верува дека и САД ќе бидат подготвени да го сторат тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Сијарто: Брисел сака да ја преплави цела Европа со мигранти
Само патриотска влада може да ја спаси Унгарија од војната во Украина, од нелегалната миграција и родовата идеологија, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Сијарто предупреди дека унгарската опозиција „ќе ја предаде Унгарија на Брисел“, објави агенцијата МТИ.
„Брисел сака ситуацијата да се влоши, војната да трае уште подолго и да ескалира понатаму. Не им е грижа што илјадници, десетици илјади луѓе умираат на фронтот и што милиони се принудени да ги напуштат своите домови. Не им е грижа што малку по малку целата земја е уништена. Не им е грижа што секој нов ден е ризик од избувнување на трета светска војна“, рече Сијарто.
Според него, парите и оружјето на европските даночни обврзници бесрамно се испраќаат во Украина за потребите на „воената мафија која не објаснила каде потрошила милијарди евра“.
– Влезот на Украина во Европската Унија би бил еквивалентен на увоз на војна, украинска мафија и жито со низок квалитет – рече Сијарто и предупреди дека „Брисел сака да ја преплави цела Европа со мигранти“.
Свет
Во Бразил 50.000 луѓе маршираа за климатска правда
Голем протестен марш се одржа во саботата во бразилскиот град Белем, каде што се одржува Конференцијата на ОН за климатски промени (COP30). Организаторите наведуваат дека маршот симболизира не само борба за климата, туку и за начин на живот и културниот идентитет на заедниците погодени од еколошките проблеми.
Десетици илјади демонстранти од автохтони заедници и глобални климатски активисти маршираа низ центарот на Белем.
Организаторите наведуваат дека на протестот се приклучиле околу 50.000 лица.
Со „Марш за климата“, демонстрантите се борат за климатска правда и за заштита на териториите на автохтоните заедници, кои се загрозени од сеча на дрвја и илегално ископување злато. Неколку дипломати и министри од земјите кои преговараат на COP30 се приклучија на протестот.
Бразилската министерка за животна средина, Марина Силва, ја поздрави големата посетеност на протестот и рече дека ваквите протести се добредојдени во Бразил, кој има тешко освоена и консолидирана демократија.
Околу 200 земји на COP30 ќе дискутираат до крајот на следната недела како да се забави глобалното затоплување. Фокусот на преговорите е на планот за постепено напуштање на нафтата, гасот и јагленот. Дополнително, земјите во развој бараат финансиска помош за поефикасно справување со сериозните последици од климатските промени, како што се поројни дождови, суши, топлотни бранови, шумски пожари и бури.
Паралелно со конференцијата на ОН, на Универзитетот во БеLEM се одржува „Народен самит“, на кој учествуваат стотици организации, движења и мрежи од Бразил и странство.
Свет
Нови апсења во Турција по случајот со труење на германско семејство
Турската полиција уапси уште три лица во истрагата за смртта на германска државјанка и нејзините две деца, кои починаа од труење со храна за време на одмор во Истанбул.
Приведени се управителот на хотелот и двајца работници задолжени за дезинфекција. Со нив, бројот на уапсени во случајот се зголеми на седум.
Семејството — мајка, татко и две деца од 3 и 6 години — пристигнало во Истанбул од Германија на 9 ноември. На 12 ноември сите биле хоспитализирани со симптоми на труење. Двете деца починале истиот ден, мајката два дена подоцна, а таткото е во критична состојба.
Обвинителството соопшти дека семејството претходно јадело храна купена на улица, во продавница и во хотелот.
Уличните продавачи негираат одговорност.
Сопственикот на хотелот, кој е меѓу уапсените, има две претходни кривични пријави, потврди полицијата.

