Македонија
Утрово најстудено во Берово, денеска максималната температура до 16 степени

Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -8 степени, -7 било на Попова Шапка, -6 во Маврови Анови и Битола, -4 во Крива Паланка, Скопје-Петровец, Струмица и Тетово, -3 во Прилеп, Штип, Претор, Демир Капија и Гевгелија, -2 во Крушево, Велес, Охрид, Виница и Кавадарци, -1 во Скопје-Зајчев Рид.
Висината на снежната покривка утрово во 7 часот била 25 сантиметри на Попова Шапка.
Времето денеска
Претежно сончево и малку потопло. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево и релативно топло преку денот, со слаб до умерен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 16 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари на локалните оди со посебни советнички листи: Нема враќање назад

Министерот за здравство и лидер на едното крило од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, не отстапува од одлуката на локалните избори да одат со сопствени советнички листи иако на власт дојдоа како дел од коалицијата „Вреди“, која се подготвува да прерасне во една политичка партија.
„Засега имаме сигурна одлука дека одиме со посебни советнички листи и тоа е одлука на партијата и од тоа нема враќање назад. За сето друго, сме подготвени и отворени да разговараме со сите во однос на локалните избори“, рече Таравари денес при посетата на вакиналниот пункт во Поликлиниката „Букурешт“.
И денес тој уверуваше дека владината коалиција е стабилна и има редовна комуникација со премиерот со кого очекува средба откога ќе се врати од службено патување.
Неговите досегашни коалициони партнери од „Вреди“, пак, сметаат дека Таравари самиот се исклучил од коалицијата и треба да си замине и од Владата оти не може и да биде дел од Влада и да преговара со ДУИ.
Македонија
Крмов побара родителите на настраданите од Кочани да присуствуваат на седницата, Гаши не дозволи

Пратеникот на политичката партија Левица, Борислав Крмов, на денешната седница за интерпелација на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, побара да бидат пуштени во законодавниот дом родителите на загинатите деца од дискотеката во Кочани кои протестираа пред Собранието.
„По член 253 граѓаните на Република Македонија можат да ги следат седниците на Собранието и на работните тела од галериите во согласност со прописите на внатрешниот ред на Собранието. Јас барам, ако парламентарното мнозинство се чувствува толку силно, мислат дека сè што направиле е во ред, се осеќаат чесни, го бранат ревносно нивниот Министер за внатрешни работи Панче Тошковски, да ги отворат портите на Собранието за ние да ги пуштиме родителите на загинатите горе во галеријата да ја следат седницата”, повика Крмов.
Гаши рече дека е неприфатливо родителите од Кочани да бидат пуштени во Собранието, бидејќи тоа треба да биде најавено и организирано. Истакна и дека не е добро да се манипулира со чувствата на граѓаните.
Македонија
Тошковски вели дека не е направен пропуст од страна на МВР во случајот со „Пулс“

Во Собранието почна расправата за интерпелација на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на партијата Левица.
Пред пратениците се обрати министерот, кој рече дека не е направен пропуст од страна на МВР во случајот со импровизираната дискотека „Пулс“.
Toшковски вели дека не се плаши од одговорност и жали за секој изгубен живот, а институциите постапуваат по сите случаи во согласност со законот.
„Пред вас не стојам како министер, туку како човек што ги разбира тежината и одговорноста што ја носи функцијата. Ќе зборувам како личност што носи одлуки, но и како министер и родител“, рече Тошковски.
Министерот во однос на точките од интерпелацијата изјави дека лиценцата за „Пулс“ била фалсификувана, а за употребата на пиротехнички средства немало ниту барање ниту дозвола. Во врска со точката од интерплацијата за наукажување помош од страна на полициските службеници, Тошковски вели дека веднаш по дојавата за трагедијата, МВР реагирало со сите капацитети, а службениците регаирале ефикасно со насочување на сите ресуроси.
„Не можам да дозволам да се оцрнува секој полициски службеник и професионалец во рамките на МВР од страна на оние што не ѝ мислат добро на Македонија“, рече Тошковски.
Интерпелацијата ја поднесе партијата Левица поради, како што се наведува, немањето никаква контрола врз дискотеката „Пулс“, нелегалната употреба на пиротехнички средства, неукажувањето помош од страна на полициските службеници, непроцесираните закани против неистомисленици на власта и забраната за употреба на дронови од МВР, што според партијата Левица, беше злоупотребено за да се повреди правото на протест.
Другите пет точки од интерпелацијата, како што беше истакнато, се однесуваат на уапсените граѓани во Гостиварско, кои чистеле црква, на непостапувањето при палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на албанското знаме, кражбата на марихуана, која ја чувала полицијата, за случајот со апсењето и притоворањето на телохранителот на премиерот поради одавање службени тајни и кадровската политика во Министерството.