Македонија
Проданоски: Мерките на СДСМ се неприменливи и целосно промашени
СДСМ продолжува со креирањето дневна политика во недостаток од реални идеи. Како што ја водеа Владата, така ја практикуваат опозицијата. Несериозно, со мерки кои што се неприменливи и тотално промашени. Ова го истакна Дејан Проданоски, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Според него, политиката на промашеното прогресивно оданочување и Солидарниот данок, СДСМ сега ја пресликуваат со несериозни предлози за кои мислат дека ќе им донесе некој политички поен.
„Истите ликови кои ја втурнаа Македонија во сиромаштија и убедливо закована на дното сега се преставуваат како економски иноватори. Прочитани се. Од кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт покачени се платите на сите образовани работници, од основното до високото образование. Покачени се платите на вработените во здравството, ќе се вработат 600 приватни специјализанти, а решение ќе земат над 1.000 здравствени работници кои се сега со договор на дело. Повисоки плати ќе земат и вработените во МВР и во јавната администрација. Ќе има и повисока минимална плата согласно законот, а доколку на ЕСС се договорат синдикатите и работодавачите, владата ќе ја прифати таа минимална плата“, изјави Проданоски.
Додека СДСМ критикува, рече тој, во моментот се исплати првата транша на евтини кредити кон стопанството, а општините веќе аплицираат за вториот повик.
До опозицијта порача, наместо да глумат дека се загрижени, во текот на утрешниот ден да гласаат за Законот за технолошките индустриски зони, каде што се отвора пат за нова инвестиција од повеќе стотини милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР алармира: Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“, и да не споделуваат лични податоци
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници и пораки на социјалните мрежи.
Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.
„Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка“, велат од МВР.
СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач “MVR-SC”. Во текстот задолжително треба да содржи регистарска ознака од возилото кое направило прекршок, и линк од следниот формат “https://safecountry.mvr.gov.mk…”
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.
Македонија
И електронските цигари влегуваат во новиот закон за заштита од пушењето
Новиот предлог-закон за заштита од пушењето предвидува регулирање на сите никотински производи, вклучувајќи цигари, електронски цигари (со и без никотин), загреани тутунски производи, бездимни никотински производи, како и производи што го имитираат пушењето.
Од Министерството за здравство велат дека целта е да се регулира употребата и на новите никотински производи, имајќи предвид дека тие создаваат чад или аеросол со штетни материи, а според последните истражувања овие производи често полесно создаваат зависност.
Исто така, предвидена е забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со: овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови, за кои се смета дека ја олеснуваат првата употреба и ја забрзуваат зависноста.
„Примарна цел на овој сегмент од законот е заштита на здравјето на младото население, за кое најновите истражувања покажуваат дека меѓу учениците на возраст од 13 до 15 години вкупно 9,0% моментално користат електронски цигари, додека 4,9% од учениците моментално користат тутунски производи кои се загреваат, а 10,6% пријавиле дека некогаш ги користеле“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Воедно, предлог-законот за заштита од пушење е усогласен со глобалните јавно-здравствени политики и со насоките на Светската здравствена организација преку рамковната конвенција за контрола на тутунот. Тој воспоставува сеопфатен систем што ги следи клучните принципи на конвенцијата: заштита од изложеност на чад, ограничување на маркетинг, промоција, спречување индустриско влијание преку спонзорства, контрола на достапноста и мерки за превенција и поддршка за откажување.
фото/Depositphotos
Македонија
Јаневска: Колку повеќе децата се во училиште, толку е поголем нивниот резултат
Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, вели министерката за образование, Весна Јаневска.
Во интервју за МРТ1, Јаневска истакна дека сите можни истражувања, и во светот и кај нас, кажуваат дека колку повеќе децата се во училишните клупи толку е поголем нивниот резултат, односно стекнуваат толку повеќе знаење, вештини, компетенции.
„Македонските ученици до 15-годишна возраст поминуваат дури 900 часови помалку во училишните клупи во споредба со нивните врсници од Европската Унија, стандарди кои сакаме да ги достигнеме и во кој клуб сакаме да се приклучиме“, рече Јаневска и додаде дека е потребен ред во образованието и кај повозрасните, нагласувајќи дека повеќе време во училиште директно значи подобри вештини и знаења.
„Нашите деца не се помалку способни од нивните европски врсници за да бидат на дното на табелите од меѓународните тестирања. Затоа ќе го продолжиме времето што го минуваат во училиште, и тоа ќе се искористи за развивање на знаења и вештини споредливи со оние што ги имаат учениците во Европа. За да ги подготвиме наставниците да преминат од предавачи на факти во водичи и партнери во учењето, ќе посетуваат потребни обуки, меѓу кои и за читање со разбирање“, рече Јаневска на Свечената академија по повод 30-годишниот јубилеј на Педагошкиот факултет.

