Свет
Трамп оди во Саудиска Арабија, сака договор од трилиони долари

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека најверојатно ќе го направи своето прво странско патување во Саудиска Арабија за да склучи договор со Ријад за инвестирање повеќе од 1 трилион долари во американската економија, вклучително и купување на воена опрема.
Говорејќи пред новинарите во Овалната соба, Трамп рече дека најверојатно ќе отпатува таму во текот на следниот месец и половина. Тој истакна дека првото патување во странство од неговиот прв мандат беше во Ријад во 2017 година за да ги објави саудиските инвестиции проценети на 350 милијарди долари во тоа време.
„Овој пат тие станаа побогати, сите ние остаревме“, рече Трамп.
Тој рече дека, под негови инструкции, Саудијците биле подготвени да инвестираат трилион долари во текот на четири години во американски компании, вклучително и купување на американска воена опрема.
„И тие се согласија да го направат тоа, па јас ќе одам таму и имам одличен однос со нив, а тие беа многу љубезни“, рече Трамп.
Саудиска Арабија презема сè позначајна улога во американската надворешна политика. Специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, им изјави на новинарите дека Саудијците ќе бидат домаќини на американско-украинскиот состанок следната недела на кој ќе се разговара за прекин на огнот во украинската војна.
Во февруари, Трамп се состана со претставници од PGA Tour и LIV Golf во саудиска сопственост, за да разговараат за надминување на јазот меѓу двете компании.
Џаред Кушнер, зет на претседателот и советник за Блискиот Исток за време на неговиот прв мандат, основаше приватна компанија која доби 2 милијарди долари саудиски инвестиции откако Трамп ја напушти функцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Франција прогласи високо ниво на тревога за птичји грип

Француските власти го зголемија нивото на тревога за птичји грип од средно на високо, барајќи од живинарските фарми низ целата земја да ја чуваат живината во затворен простор, предупредувајќи дека Европа се соочува со сезонска епидемија на болеста.
„Уредбата со која се наредува зголемување на нивото на тревога од средно на високо е издадена по докази за инфекција кај дивите птици преселници во Европа, вклучително и Франција, и потврдени епидемии на неколку живинарски фарми“, соопшти француското Министерство за земјоделство, според Ројтерс.
Во соопштението на француското Министерство за земјоделство, беше потврдено дека досега се откриени две епидемии на птичји грип на француските живинарски фарми и три кај домашните одгледувачи.
Првиот случај на птичји грип беше откриен кон средината на октомври на фарма за фазани и еребици на север од Франција.
Високо патогениот птичји грип е сезонска болест што ја шират птиците преселници, која често ги принудува одгледувачите низ целиот свет да уништат десетици милиони птици за размножување.
Фото: принтскрин
Свет
Кина го тестира најбрзиот воз во светот

Најбрзиот воз во светот, CR450, започна серија тест-возења на брза железница во Кина, достигнувајќи брзина од 453 километри на час за време на едно возење.
Серијата возови CR450, дизајнирана за максимална тест-брзина од 450 километри на час и комерцијална брзина од 400 километри на час, моментално е во процес на квалификациски тестови на брзата линија што го поврзува источниот град Шангај со западниот град Ченгду, објави „Наука и технологија дејли“, објави „Синхуа“.
Брзиот воз достигнува забрзување од 350 километри на час за само четири минути и 40 секунди.
Во споредба со претходниот модел CR400, моделот CR450 има подолг и поаеродинамичен нос, понизок покрив за 20 сантиметри и 50 тони помала тежина, што го намалува аеродинамичниот отпор за 22 проценти.
Фото: принтскрин
Свет
Москва: Средбата Лавров – Рубио не е ниту закажана за да може да биде одложена

Средбата меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио бара подготовка, објави државната новинска агенција РИА повикувајќи се на рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков. Очекуваната средба меѓу Рубио и Лавров се смета за клучен подготвителен чекор за вториот самит меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин оваа година во Унгарија.
Висок руски дипломат изјави дека е прерано да се зборува за времето на можна средба на министрите за надворешни работи на Русија и САД, објави РИА.
„Москва работи на она што го разговараа рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и американскиот државен секретар, Марко Рубио“, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков.
Лавров и Рубио вчераа разговараа на телефон. Рјабков рече дека прашањето за нивната средба не е конкретно споменато. Руското Министерство за надворешни работи, реагирајќи на веста дека средбата на шефовите на дипломатиите на САД и Русија е одложена, рече дека не може да се одложи нешто за што не е договорено.