Македонија
Филков: Сега е моментот кога ЕУ мора да покаже вистинско лидерство и политичка волја на патот на интеграцијата на Западен Балкан
Министерот за правда Игор Филков учествуваше на меѓународната конференција Кон ЕУ: Зајакнување на интегритетот и независноста на кривичната правда во западен Балкан, која се одржува во Љубљана . Во присуство на голем број министри за правда и високи претставници, министерот Филков посочи дека пред нас е важен период кога мораме да покажеме политичка волја, лидерство и посветеност за спроведување на сите овие реформи. Европската Унија и нејзините институции треба да продолжат да ја поддржуваат оваа амбиција, да покажат лидерство во решавањето на билатералните и регионалните проблеми, и да ја продолжат својата поддршка на патот на интеграцијата на Западниот Балкан.
„Доаѓам од држава и нација која веќе речиси две децении упорно се бори за своето место во Европската Унија. На патот кон оваа крајна цел, соочени сме со многу предизвици и услови кои мораме да ги исполниме. Но, како што сите знаеме, билатералните недоразбирања и спорови со нашиот сосед станаа најголемата пречка за нашите европски перспективи. И ќе се согласите сите дека овие практики се спротивни на вредностите на Европската Унија, вредности кои се темел на интеграција, соработка и почитување на правото.
Токму поради ова, сметам дека сега е моментот кога Европската Унија мора да покаже вистинско лидерство и политичка волја. Мора да биде јасно дека постои подготвеност и ширина за отстранување на билатералните спорови помеѓу земјите кандидати за ЕУ и земјите членки. Не само во рамки на Копенхашките критериуми, туку над нив – во името на регионалната стабилност и европската интеграција.
Сега е вистинскиот момент да се стави акцент на глобалната слика и на новата политичка реалност во која се наоѓа современото општество. Европската Унија мора да покаже дека е подготвена за нови предизвици и дека има капацитет да опстои како силна, обединета и глобално конкурентна унија. Овој момент не смееме да го пропуштиме. Потребно е да чекориме заедно. Веќе е се поизвесно дека нема да има повторни шанси да се вратиме на истата патека. Повеќе време за губење – немаме! Европа не чека!”, рече во своето обраќање министерот за правда, Игор Филков.
Филков се осврна и на реформите кои се спроведуваат во сферата на правосудството.
,,Во последните неколку месеци, Република Северна Македонија презеде значајни чекори. Покрај усвојувањето на важни закони, како Законот за конфискација во граѓанска постапка и Законот за Канцеларијата за поврат на имот, беа преземени и мерки за зајакнување на правосудните институции. Од исклучителна важност се и подготовките на новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка, кои ќе бидат усогласени со европските стандарди и меѓународната пракса. Во моментов, во процес е предлог на закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи. Дополнително, значаен е и процесот на дигитализација во правосудниот систем. Во оваа пригода, би сакал да ја истакнам важноста на напредокот што нашата држава го постигнува во однос на имплементацијата на препораките од ГРЕКО. Особено во контекст на 5-тиот круг, кој се однесуваше на централната власт и Министерството за внатрешни работи.
Сакам да ја споделам информацијата дека во периодот од 17-19 март 2025 година, на пленарната седница на ГРЕКО во Стразбур, се очекува да биде затворен 5-тиот круг на евалуација за Република Северна Македонија. Ова е значаен успех, бидејќи од вкупно 23 дадени препораки, 17 се целосно имплементирани, 6 се делумно имплементирани, а неимплементирани препораки немаме. Со ова, нашата држава се истакнува како една од државите кои најбрзо го затвораат овој круг на евалуација”, потенцира министерот Филков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: СДСМ ќе го поддржи Лимани за градоначалник на Гостивар
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на средба со членството во Гостивар информираше дека по разговорите е постигнат заеднички договор СДСМ да даде поддршка за кандидатот Валбон Лимани за градоначалник на Гостивар од опозициската Алијанса за Албанците.
„Апелирам да ги мобилизираме што повеќе членовите и да му дадеме поддршка на Валбон“, порача Филипче, додавајќи дека изборниот циклус ќе биде јасен индикатор за опозициското расположение во Гостивар.
Филипче додаде дека партијата има сериозни шанси да биде дел од идната локалната власт, со цел да обезбеди реална поддршка за сите граѓани на Гостивар.
Филипче посочи дека притисоците и злоупотребите во изборниот процес се реален проблем и дека токму тоа е една од причините СДСМ да не прифати укинување на техничката (Пржинска) влада.
Македонија
Штетите од поплавите сѐ уште се санираат, ЦУК објави најнови информации
Центарот за управување со кризи објави најнови податоци за состојбата по обилните врнежи од дожд.
Пелагониски регион
Битола
Во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со една машина за расчистување на улиците од чакал и земја.
Во селото Жабени, ЈП „Водостопанство“ интервенира со механизација на коритото на Жабјанска река.
Во подрачјето на Елешка река се евидентирани поплавени земјоделски површини, а нивото на водата е во опаѓање.
Ресен
Ангажирани се служби на Општина Ресен, ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта и ЈКП „Пролетер“ – Ресен, кои вршат обиколка и санација на поплавените подрачја. Состојбата е стабилизирана.
Крушево
ЈП Комуналец, ТППЕ Крушево, општинските служби и надлежните институции интервенираат на зајакнување на насипите кај критичните точки и го следат водостојот на Црна Река.
Демир Хисар
Надлежните општински служби го затворија локалниот пат кон село Мренога поради оштетен мост.
Долнени
Градежна механизација интервенира во селата Лажани и Пешталево на расчистување на одводните канали.
Југозападен регион
Охрид
ТППЕ Охрид и комуналните служби вршат испумпување на водата од поплавените подруми.
Општинските служби, Црвен крст, Итна медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица во спортската сала „Христо Узунов“.
Скопски регион
Скопје – Зелениково
Општинските служби ја следат состојбата на реката Вардар и критичните точки.
Полошки регион
Тетово / Желино
СВР Тетово го забрани сообраќајот на патот кон месноста Бањиче.
Во село Стримница (Општина Желино) е испратена механизација за интервенција по излевањето на реката Вардар.
Источен регион
Кочани
ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со багер-гасеничар на Оризарска река кај село Грдовци.
Кратово
Општинските и комуналните служби ја следат состојбата на реките, без потреба од интервенции.
Југоисточен регион
Струмица
Нема интервенции – состојбата е стабилна.
Североисточен регион
Куманово и регион
ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата.
Во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жител.
Македонија
СДСМ: ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски?
ЗНАМ најави „историски трансфер“ на Деспотовски? Сателит-партијата на ВМРО експресно се јавува да го брани шефот Мицкоски, реагираат од СДСМ, на соопштението на Движењето ЗНАМ.
„По предавството на Македонија со потпишување и изгласување на Резолуцијата што личеше на Хитлеров Декрет, сега имаат уште една задача, да ја укинат последната линија на одбрана на демократијата, техничката влада. Само за уште неколку тендери. Малку им се тендерите во Пошта вредни 1,2 милиони евра за нивниот советник од Кисела Вода. Им треба уште. Затоа партнерот на тендерската коалиција, ЗНАМ, најавува историски трансфер – во тендер-лигата. Квислингот Деспотовски ли им се приклучува на останатите предавници? Очигледно, и нему треба да му се намести некој тендер, да му се плати координираното делување со Геро. Идеално е сите да се соберат на едно место, за Обвинителството подоцна да нема потреба да ги брка поединечно. Како што рековме – време е житото да се одвои од плевелот. Но не само во СДСМ, туку на целата политичка сцена во Македонија. На крај, сите ќе одговарате“, пишува во реакцијата.

