Македонија
Герасимовски: Јавен повик за финансиска поддршка на Светскиот ден на поезијата – преку музиката го славиме македонското литературно богатство
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани културни работници, здруженија и организации од областа на културата и уметноста да аплицираат на јавниот повик за финансиска поддршка на проектот „Светски ден на поезијата“.
Целта на проектот е да се потенцира значењето на пишаниот збор и да се промовира поезијата како дел од културното наследство преку спојот на поезијата и музиката.
Во рамките на проектот, е предвидено да се изработат музички аранжмани на безвременските дела од македонската литература, нудејќи богато и оригинално искуство за публиката.

„Оваа уникатно поврзување на поезијата и музиката ќе биде претставено на 21 март, на Светскиот ден на поезијата. Цел е да ги поттикнеме нашите уметници да ги спојат во хармонија нотите и зборовите, создавајќи ново искуство кое ќе ја приближи поезијата до секој“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Право на учество на јавниот повик имаат физички лица, здруженија и правни субјекти од областа на културата со седиште на територијата на Општина Центар.
При изборот на проектите ќе се земат предвид оригиналноста на идејата, референците и портфолиото на апликантите, како и прифатливоста на финансиската конструкција. Вкупниот буџет за поддршка на проектот изнесува 400.000 денари.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар
Проектот е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2025.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворен почесен конзулат на Австрија во Битола
Денеска во Битола беше отворен конзулатот на Австрија, а функцијата почесен конзул ќе ја врши битолчанецот Игор Божиновски. Конзулатот на Австрија се наоѓа на улицата „Виенска“.
На свеченоста која се одржа се обрати австрискиот амбасадор Мартин Памер, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, конзулот Игор Божиновски и градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Градоначалникот Коњановски пред присутните ја истакна важноста на отворањето на уште еден конзулат во Битола, а со тоа и интензивирање на соработката со Австрија.
„Битола од денеска е побогата за уште еден конзулат, сега од пријателската држава Австрија, со што го враќаме епитетот Битола конзулски град“, истакна Коњановски пред присутните гости, дипломатскиот кор, пратеници и други гости.
Со ова Битола има седум почесни и два генерални конзулати.
Македонија
Николоски и Мисајловски во посета на Република Унгарија
Владина делегација предводена од вицепремиерот и министер за транспорт и министерот за одбрана, Александар Николоски и Владо Мисајловски, денеска се во работна посета на Унгарија.
За време на посетата министрите Мисајловски и Николоски остварија средби со главниот советник за национална безбедност, Марцел Биро и со Мате Лога, државен советник во Министерството за национална економија, за економски развој и национални финансиски сервиси.
Денешната работна посета е во насока на зајакнување на меѓусебната севкупна соработка меѓу двете земји особено на полето на одбрана и безбедноста и на економските врски.
Во рамки на денешната посета, како дел од македонската делегација, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со својот унгарски колега генерал Габор Боронди, а државниот секретар во министерството за одбрана Елизабета Чуповска Ристова оствари средба со заменик-министерот за одбрана, Тамаш Варга.
Македонија
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа
Населбата Бел Камен добива нова водоводна мрежа, со што се решава долгогодишниот проблем со водоснабдувањето, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„По даденото ветување за време на изборниот период, денес започнуваат градежните активности за поставување на нова водоводна мрежа во должина од повеќе од 600 метри, во соработка со Општина Бутел и ЈП „Водовод и канализација“, со што ќе се обезбеди сигурно, квалитетно и континуирано снабдување со вода за пиење за домаќинствата во Бел Камен“, вели Ѓорѓиевски.
Според него, овој зафат значи сигурно, квалитетно и континуирано водоснабдување за домаќинствата во Бел Камен, чиста вода за пиење во секој дом.
Ѓорѓиевски најави дека по поставувањето на новата водоводна мрежа, ќе следува и реконструкција на улиците.

